1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претпазливоста не е кукавичлак

Сабине Кинкарц/превод:БГ18 ноември 2015

Фудбалскиот меч во Хановер кој требаше да симболизира солидарност и слобода е откажан. Горчлива одлука, која сепак, има и добри страни, смета Сабине Кинкарц.

Фотографија: Reuters/F. Bimmer

Дали терористите веќе победија? Дали успеаја да посеат толку многу страв и недоверба што веќе не‘ држат в раце? Дали е знак на срам што еден симболичен настан, како оној планиран во Хановер, мораше да биде откажан во последен момент? Дека сите, вклучително и канцеларката и нејзините министри кои сакаа да влезат во стадионот со високо подигнати глави, мораа да се свртат и да заминат?

Расте чувството на горчина. И не само фудбалските фанови се тие кои се прашуваат дали беше неопходно откажување на мечот. Министерот за внатрешни работи Томас де Мезие очигледно верувал дека морало така да биде, но на јавноста и‘ должи објаснување. Наместо тоа, тој бара од јавноста да му верува. Не сака да шири несигурност, но во исто време не сака ниту да ја загрози истрагата. А тоа може да се случи доколку се открие премногу среде потрагата по доказите.

Валидно оправдување

Наводно постоеле добри причини за откажувањето. Доказите за планираниот напад наводно станале толку убедливи во текот на ноќта што откажувањето на мечот станало неизбежно. Иако јас бев убедена од она што го кажа Де Мезие, некои ќе протестираат: „Секако дека министерот и неговата безбедносна мрежа претерано реагираат на сомнеж или погрешна информација, или едноставно прават грешка“. Слично како во Алсдорф, каде по пријава од локалните жители беа уапсени седум лица, што беше претставено како големо апсење. Десет часа подоцна, од сето тоа немаше ништо и уапсените беа ослободени.

Сабине КинкарцФотографија: DW/S. Eichberg

Да, искуството секогаш не‘ прави помудри. Но кога постои сомнеж, мора да преовлада претпазливоста. Како што се случи минатата ноќ, кога по долго размислување мечот во Хановер беше откажан.

Тоа сигурно не беше лесна одлука за Де Мезие, но тој беше одговорен за безбедноста на илјадници луѓе. А тоа е поважно од симболиката. А што ќе се случеше доколку бомба навистина експлодираше на стадионот?

Претпазливоста не е повлекување

Нешто позитивно може да се извлече од целиот случај: во Хановер се покажа дека полицијата ја има состојбата под контрола. Мирно, без никаква паника и хаос, гледачите беа извлечени од стадионот и испратени дома. Сѐ функционираше онака како што треба, и чувството е добро кога се знае тоа, затоа што ова нема да биде последната полициска акција против тероризмот. Уште долго време ќе живееме со опасноста и ќе треба да се навикнеме на неа. Со тоа мора да се постапува претпазливо и внимателно. Тоа ќе биде знак за сила, а не на кукавичлак.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми