„Претпазливо“ на северот на Косово
4 април 2019„На северот на Косово (општините Поток, Лепосавиќ, Звечан и Северна Митровица) ситуацијата е и натаму затегната.“ Иако, насилството обично не е насочено против странци, не може да се исклучи дека може да дојде до изолирани инциденти кои ќе ја загрозат безбедноста и кои би можеле да ја ограничат слободата на движење“, се наведува во препораките за Косово од германското Министерство за надворешни работи.
Во текстот кој може да се најде на официјалната интернет страница на Министерството се потсетува дека на 16 јануари 2018 година „е убиен познатиот косовско-српски политичар Оливер Ивановиќ во Северна Митровица.
Министерството затоа им препорачува на германските државјани „пред да отпатуваат на северот на Косово, да се запознаат со ситуацијата, да го подготват внимателно патувањето“ и, по можност, „на одделни патувања да бидат во придружба на локални водичи“. На германските патници, исто така, им се препорачува „да бидат внимателни и да избегнуваат поголеми гужви“.
Слично, малку подетално предупредување издаде и британската амбасада во Приштина. Во него се советува да не се патува на северот на Косово поради „бројни насилни инциденти во врска со организираниот криминал“ во тој дел на Косово и „постојаниот ризик кој овие структури го претставуваат“.
Некои медиуми во Србија, врз основа на тоа, јавија дека амбасадата препорачала да не се патува на целата косовска територија и изнесоа шпекулации за можна „ескалација на насилство на северот на Косово по 10 април“. Британската амбасада го демантираше тоа.
Претходно, шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ рече дека „во Приштина имате една криминална власт која го обвинува северот на Косово дека тука е средиштето на криминалот. Меѓутоа, бидејќи предупредувањето дојде во овој момент, се толкува оти би можело да дојде до поголеми инциденти кои не се поврзани со криминал, туку би можело да се случи, ако некому му падне на ум, а тука мислам на овие со заматен разум, воено да го освојат северот на КиМ“.
Инаку, германското Министерство за останатите делови на Косово наведува дека „ситуацијата е главно мирна и стабилна“. Се потсетува сепак оти во првата половина на 2016 година имаше насилни протести против владата (во Приштина) и дека ситацијата оттогаш е смирена, но, како што се укажува, „потенцијал за такви протести и натаму постои“.
Протест во Србија
Германското Министерство, како и за сите останати земји, има препораки и за Србија во кои стои оти „ситуацијата во целата земја е генерално мирна“.
Истовремено, предупредува дека „во сабота, во главниот град, Белград, како и во други градови, може да има организирани протести и демонстрации“, но и се додава оти овие собири „досега биле мирни“. Исто така, се предупредува дека поради тоа се „можни застои во сообраќајот“, а патниците се советуваат да ги следат извештаите на медиумите и да ги избегнуваат демонстрациите.
Покрај вообичаените препораки за тоа што треба да знаат државјаните на Германија за време на патувањето, менување пари или во случај да им биде потребна медицинска помош, германското Министерство особено укажува на „можни потешкотии“ за време на влезот во Србија од косовска територија.
Како што се објаснува, „Србија го третира Косово како дел од својата државна територија, а не како странска земја. Затоа, од српска гледна точка, секој кој доаѓа од Косово не влегол во Србија на официјален граничен премин, односно, кога ќе ја напушта Србија, нема да може да докаже оти претходно влегол на нејзина територија“.
За да се избегне тоа, пишува на интернет страницата, „Министерството за надворешни работи на Србија укажува дека патникот прво мора да влезе во Србија, па дури тогаш да замине на Косово. На тој начин влезот во Србија е електронски регистриран“.
Исто така, како што пишува, српските граничари обично ставаат печат во пасошот врз косовскиот печат. „Бидејќи тоа им е познато на косовските погранични власти, тие често - на барање - во германските пасоши не ставаат косовски влезен печат.“