Претседателот и Собранието на тест: „Сезаме отвори се!“
21 март 2017Формирање на Комисијата за избори и именувања, продолжување на конститутивната седница на парламентот, избор на претседател на Собранието и информирање на претседателот Иванов дека е констатирано парламентарно мнозинство, на кое тој треба да му го даде мандатот за состав на нова влада. Ова се очекувањата на мнозинството зад кое стојат 67 пратенички потписи, од денешната координативна средба во Собранието закажана во 12 часот. Сметаат дека нема да има пречки околу утврдувањето на составот на собраниската Комисија, која треба да предложи кандидат за спикерското столче и да биде основа за продолжување на конститутивната седница на парламентот, која беше прекината на 30-ти декември минатата година.
Сведоци на текот на тие процеси денеска ќе бидат еврокомесарот Јоханес Хан и тројца европратеници - Едвард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн. Хан по 12 часот сѐ до доцна вечер ќе има одвоени средби со лидерите на сите парламентарни партии и со претседателот Иванов. Доаѓа со порака да се деблокираат демократските процеси и да се почитува волјата на мнозинството во согласност со Уставот.
„Македонија нема време за чекање и потребно е итно формирање на нова реформска влада“, порача вчера и францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние.
„Има економски и политички предизвици и секој очекува една силна Македонија. Еврокомесарот Хан доаѓа во Скопје и се надеваме дека ќе најде добро и практично решение за сегашното забавување на процесот за формирање влада“, рече амбасадорот.
Иванов на истите позиции
Шефот на државата, Ѓорге Иванов, од официјалната посета на Будимпешта вчера уште еднаш потсети каков е неговиот став за ова прашање. Во интервју за унгарскиот весник „Маѓар хирлап“ потенцира дека можно решение за надминување на ситуацијата се и нови предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните ќе се изјаснат и за темите кои се наметнаа во постизборниот период.
„Како претседател на Република Македонија порачав дека нема да определам мандат за секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзиниот суверенитет и независноста“, изјави претседателот.
Од СДСМ одговорија дека Иванов самиот се разобличил во намерата да го поддржува Груевски во неговата цел за продлабочување на политичката криза.
„Ќе има конститутивна седница и избор на нов претседател на Собранието и од него Ѓорге Иванов ќе биде известен дека е должен веднаш да му го даде мандатот за состав на новата влада на претседателот на СДСМ. Тоа го очекуваат граѓаните на Македонија кои избраа промени! Иванов нема право за личен спас на Никола Груевски да ги држи во заложништво граѓаните и Република Македонија! Двајцата не смеат да го уриваат уставниот поредок и да предизвикуваат дестабилизација, само затоа што Груевски има потреба да бара спас од одговорноста за криминалите што ги правел“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека тој што сака да се спаси од одговорност е лидерот на СДСМ.
„Аболицираниот криминалец Зоран Заев е заглавен до гуша во криминал. Свесен е за последиците и затоа прифаќа секакви уцени, вклучувајќи и формирање Влада по нотите од Тирана. ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да поддржи малцинска влада на СДСМ и да гласа сѐ од програмата на СДСМ, само СДСМ да се откаже од Тиранската платформа“, порача ВМРО-ДПМНЕ.
Одбрана на државата
Два дена пред координативната средба во Собранието и доаѓањето на еврокомесарот Хан, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, најави „партиски документ за излез од кризата“ што ќе им бил доставен на сите партии, и преку тв-настап ги предупреди граѓаните дека „државата е во опасност“. Притоа порача дека „само народот може да ја одбрани државата, бидејќи може да ја снема“. Пораката е дочекана од „фронтмените на народот“ - граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, која за денеска најави најмасовен протест досега: на 43 локации со повеќе од 200.000 граѓани. Тие синоќа побараа Иванов да не подлегнува на никакви притисоци, и уште еднаш го повикаа Хан да се сретне со нив, и покрај тоа што официјално беше соопштено дека еврокомесарот овојпат нема да има време за средби со претставници на граѓански организации.
„Ако комесарот не сака да нѐ прими, ние што 22 дена сме на улиците и немаме намера да си одиме дома, ќе се погрижиме тој да нѐ слушне“, рече Богдан Илиевски, еден од организаторите на протестите. Од граѓанската иницијатива најавија дека „посебна порака ќе биде пратена до еврокомесарот“.
„Тој сака да ги притиска политичарите да прифатат платформи создадени во други држави, а ги игнорира стотиците илјади Македонци, кои секој ден на улиците порачуваат: Покажете малку почит кон нас, ние кои живееме овде и ќе продолжиме да живееме и откако ќе заминете вие и сите ЕУ-бирократи, кои наместо како гости се однесуваат како газди на Македонија. Овде во Македонија, има куќен ред кој мора да се почитува. Друг избор и друга држава ние немаме“, е пораката на „За заедничка Македонија“.
Обидот за продолжување на конститутивната седница на Собранието и посетата на Хан во атмосфера на најавен „најмасовен протест досега“, ќе го стави на тест обезбедувањето на јавниот ред и мир и односот на МВР во насока на спречување какви било блокади на законодавниот дом. Директорот на Бирото за јавна безбедност во МВР, Митко Чавков, вчера за Дојче веле изјави дека полицијата ќе биде на потребното професионално ниво за обезбедување на јавната безбедност и дека пратениците ќе имаат безбеден и непречен пристап во парламентот.