1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателот Макрон на тежок испит

Барбара Везел
26 април 2019

Со намалување на даноците и реформа на управата, францускиот претседател им излезе во пресрет на „жолтите елеци“. Тој пледира за нов почеток, но борбата за освојување на срцата на Французите е тешка, смета Барбара Везел.

Frankreich, Paris: Emmanuel Macron im Elysee Palast
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Marin

Конечно Јупитер слезе од планината и одржа конференција за печат во Елисејската палата. Првпат Макрон одговараше на прашања на новинарите, седејќи на маса и објаснувајќи што ќе се презема во иднина по повеќемесечните жестоки протести во Франција. Тој се откажа од својата луда идеја за резервираност и призна дека шефот на државата мора да разговара и со граѓаните.

Подароци за демонстрантите

Макрон, како што рече, многу научил за својата земја откако на почетокот на минатата година тргна на турнеја низ Франција за да разговара со илјадници Французи, претставници на народот и градоначалници. На пример, сфатил дека меѓу граѓаните постои длабоко чувство на финансиска и социјална неправда.

Затоа, тој сега нуди пакет мерки: значително намалување на даноците за граѓаните со средно високи плати, зголемување на минималните пензии и повторно воведување компензација за инфлација на вкупните примања на пензионерите, подобро признавање на надоместоци за жените за згрижување и нега на членови на нивните семејства и помош за самохраните мајки.

Барбара ВезелФотографија: DW/G. Matthes

Тоа се всушност подароци кои лидерите обично им ги даваат на своите граѓани во текот на изборните кампањи. Макрон ги прави овие отстапки две години по преземањето на должноста, зашто сака да го сврти мислењето на Французите во своја корист и да ја продолжи ветената трансформација и реформа на државните институции. А тоа не може да го спроведе, како што се виде, наспроти волјата на своите граѓани, кои постојано протестираат и пружаат отпор. Претседателот сега им се обраќа на умерените сили во својата земја, кои се мнозинство. Со силеџиите во редовите на преостанатите „жолти елеци“ мора да се справува полицијата и тука Макрон има право.

Административна реформа и подобро образование

Макрон исто така признава грешки. На луѓето им изгледаше премногу дистанциран и арогантен, поради што вети дека ќе се поправи. Овој настап е негов личен аџилак во Каноса (историско место во Италија, н.з.), во надеж дека ќе отвори ново поглавие во своето владеење како француски претседател.

Поплаките поради издигнатата и препотентна елита во Франција се погласи и полегитимни отколку на други места. Во фокусот се критиките против Центарот за образование ЕНА, каде се образуваа и самиот Макрон и безброј француски претседатели и министри. Сега би требало тој да биде реформиран или дури и затворен. Тоа е директна отстапка кон „жолтите елеци“ и нивните критики. Покрај тоа, би требало да се реформира администрацијата, да се намали бројот на чиновници во Париз, а многу државни службеници да се префрлат во провинцијата односно во внатрешноста на земјата.

Повеќе: 

„Жолтите елеци“ одат на избори

Сметката на Макрон со многу варијабли

Франција: Да живее анархијата!

Но, тоа е само половично решение. На Франција ѝ е потребна сѐопфатна децентрализација за власта од главниот град да се префрли во регионите. Потребно е донесување повеќе политички одлуки на локално ниво. Тоа би го намалило незадоволството, но и константното чувство дека не се слуша гласот на народот од внатрешноста на земјата. На тој начин би отпаднало бремето од претседателот, кој потоа би можел да го впери прстот кон оние кои имаат одговорност во регионите.

Макроновиот финансиски план останува нејасен

Сѐдоминантната француска влада е старомодна и демократијата ѝ е малку туѓа. Но, Макрон не се осудува да оди толку далеку со своите реформи. Прво вети подобрување во образованието и во школите. Но, и овде би станувало збор за фундаментални промени на системот. Францускиот образовен систем би морал да биде помалку хиерархиски. Но, толкави зафати би биле премногу и за најодлучниот претседател. Макрон овде може да се обиде само со започнување на први чекори. Неговите Французи кои не сакаат реформи, не дозволуваат да се оди подалеку. Тие тоа јасно го покажаа во текот на минатите месеци на улиците.

Веќе со месеци протестите на „жолтите елеци“ ги оставаат Франција и претседателот Макрон без здив.Фотографија: Reuters/C. Hartmann

Останува меѓутоа спорно како ќе се финансираат сите ветени погодности и отстапки, од зголемување на минималната плата и малите пензии до намалување на данокот за малите и средно големите претпријатија. Макрон зборува за затворање дупки кога е во прашање оданочувањето и намалувањето на администрацијата. Но, тоа тешко дека ќе биде доволно. Сѐ укажува на ново задолжување.

Дали е ова доволно за пресврт?

Кога сите овие детали ќе станат јасни и кога Французите ќе знаат колку пари имаат повеќе во џебовите по отстапките на Макрон, расположението би можело да се подобри. Анкетите покажуваат пораст на неговата популарност по националната дебата. А претседателот е добар комуниколог, тој знае да биде симпатичен и пристапен. Ако повеќе го искористи својот талент, ќе може со своите реформи да придобие барем дел од умерениот слој од граѓаните.

Меѓутоа, Французите се променливи како времето, опремени со револуционерен ген, и имаат големи барања. Не е лесно да бидат одржувани во добро расположение. А претседателот Макрон е на испит.

Засега не смее да си дозволи погрешни потези или поголеми грешки. Тој сега владее под тешки услови. Дали ќе ја добие борбата за признание од страна на своите сонародници, ќе покаже времето. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми