Притиснат до ѕид по скандалот со протеченото видео, Доналд Трамп тргна во контранапад против Хилари Клинтон. Сопствениот сексизам го бранеше со секс-скандалите на Бил Клинтон, нарекувајќи ја Хилари „ѓавол“
Реклама
Во трка за поддршка, а со сѐ помалку време на располагање, Доналд Трамп со сите сили се бореше во втората дебата со Хилари Клинтон. Притоа, на својата база од тврдокордни поддржувачи конечно им го пружи перформансот кој долго го очекуваа, но понуди многу малку за пошироката американска публика која има отпор кон неговата кандидатура.
Во 90-минутниот судир преполн со навреди и прекини, Трамп ја употреби секоја тактика која му стоеше на располагање за да избега од видео снимката која ја разниша неговата кампања, и речиси ја уништи неговата кандидатура. Тој понуди малку покајание и никаква воздршка. Го пренасочи вниманието кон секс-скандалите на Бил Клинтон од минатото. Во неверојатен личен напад, Трамп тврдеше дека во срцето на Клинтон гледа „огромна омраза“, ја нарекуваше „ѓавол“ и лажга, и на крајот најави дека, доколку биде избран, ќе ја испрати во затвор.
Неговите маневри не поштедија никого - дури ни неговиот потпретседателски кандидат или партијата која го номинираше. „Толку сум разочаран во конгресмените, вклучителни и Републиканците, што дозволија ова да се случи“, рече тој, критикувајќи ги законодавците поради нивниот однос кон истрагата за мејловите на Клинтон.
Настапот беше живописен приказ на сето она што го направи Трамп несопирлива сила во американската политика во изминатите 15 месеци. Тој покажа дека нема да биде заплашен од кризата или задржан од вообичаените норми на цивилизациско однесување.
Клинтон се спротивстави на нападите на Трамп со презирни насмевки и превртување на очите. Таа ја започна дебатата во Сент Луис цитирајќи ја првата дама Мишел Обама: „Кога тие одат ниско, ти оди високо“. Кога Трамп повеќепати ја прекинуваше, Клинтон одбра да не протестира - надевајќи се дека нејзиниот ривал ќе се задави во сопствените зборови. Но нејзината стратегија беше помалку успешна од првиот дуел.
Трамп не се покаја ниту за своето даночно досие. Напротив, првпат призна дека со години не плаќал данок. Прашан дали сака да каже колку долго одбегнувал плаќање данок одговори:„Не“.
Иако републиканските лидери го повикуваа да не го прави тоа, Трамп упорно се бранеше со споменување на секс-скандалите на Бил Клинтон во 1990-те години.
Трамп не понуди нови политики, ниту решенија за проблеми како здравственото осигурување или националната безбедност. Соочен со контрадикторноста во неговата и позицијата на неговиот потпретседателски кандидат Мајк Пенс околу идниот ангажман во Сирија, Трамп остро го отфрли и Пенс.
„Тој и јас не сме разговарале на оваа тема и не се согласувам. Не се согласувам“, рече Трамп.
Непопуларните згради на Трамп низ светот
Огромното портфолио на недвижности на републиканскиот кандидат за претседател Доналд Трaмп му донесе многу пари, но и главоболки. ДВ прави критички осврт на дел од зградите на билионерот.
Фотографија: Getty Images/O.Kose
Големата сенка во Лас Вегас
Во октомври 2015 година, Демократската партија својата прва ТВ дебата мораше да ја одржи буквално во сенката на Трамп. Над луксузниот Вајн резорт во Лас Вегас каде се одржуваше ТВ дуелот, високо стои „Интернационалниот хотел и кула Трамп“. Тогашниот републикански претседателски аспирант се осигура дека неговото име ќе добие дел од вниманието. Комплексот Трамп е трета највисока зграда во градот.
Фотографија: Getty Images/J.Raedle
Отпор во Чикаго
Граѓаните на Чикаго се спротивставија на истакнувањето на името на Трамп на зградата на тамошниот „Хотел и кула Трамп“. Градоначалникот Рам Емануел го нарече потегот „нападен и без вкус“ и се обиде да го забрани поставувањето на големите букви на зградата. Сепак, пет години подоцна, Трамп успеа да го постави своето име на 16-от кат. Неговата зграда го зазема поранешното место на Чикаго Сан Тајмс.
Фотографија: Getty Images/S. Olson
Скандал во Атлантик Сити
Зградата Таџ Махал во Атлантик Сити, Њу Џерси беше комплетирана во 1990 година и чинеше 1 милијарда долари. Трамп беше на чело на хотелот и казиното речиси 25 години, но во 2014 година дојде на работ на банкрот. Тогаш комплексот беше преземен од „Ајкан Ентерпрајзес“ кои го задржаа името. Неговиот сестрински хотел, Трамп Плаза на истата улица, подоцна мораше да биде затворен поради несолвентност.
Фотографија: Getty Images/W.T.Cain
Гордоста на Трамп
За „Кулата Трамп“ во Њујорк кружат гласини дека е гордоста и радоста на Трамп. Кулата на 5-та Авенија, освен што претставува седиште на кампањата на Трамп за изборите, е и дом на повеќе добро познати станари. Меѓу нив се фудбалската легенда Кристијано Роналдо, актерот Брус Вилис и композиторот на театарска музика Ендру Лојд Вебер. Трамп и неговото семејство исто така живеат во луксузната кула.
Фотографија: picture-alliance/AA
Контроверзно обележје на Њујорк
Со простран атриум кој зафаќа шест катови исполнет со мермерни и златни детали, некои њујорчани ја сметаат „Кулата Трамп“ на 5-та Авенија за пример за лош вкус, додека други ја доживуваат како елегантна и безвременска. Ентериерот е дизајниран од Едвард Барнс Лараб, а екстериерот од Дер Скут. „Кулата Трамп“ е магнет за љубителите на модерната архитектура и секако, за фановите на Трамп.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S.Reboredo
Бедата и сјајот на Панама Сити
„Океанскиот клуб Трамп“ во Панама Сити вклучува хотел, 700 апартмани и клуб за јахти. Највисоката зграда во Латинска Америка е препознатлива во регионот по нејзината уникатна форма. Оваа зграда наиде на критики поради тоа што се наоѓа веднаш до сиромашна населба, а тешко е да се најдат и станари. Но, Трамп веќе го продаде брендот на инвеститорот Роџер Кафиф и не изгуби пари на имотот.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Arangua
Шкотски отпор
„Најдобриот голф терен на светот“, вака Трамп го нарекува неговиот „Голф терен Трамп“, кој е лоциран во близина на Абердин, Шкотска. Сепак Доналд Трамп беше запрен да го прошири својот голф терен од страна на локалниот фармер Мајкл Форбс кој до денес одбива да му ја продаде неговата земја која се граничи со резортот.
Фотографија: Getty Images/J.-J. Mitchell
Ердоган против Трамп
„Трамп кулите“ во Истанбул се првите згради на Трамп во Европа и се познати поради нивните огромни вински визби. Во последно време имаше повици да биде отстрането името на Трамп од висококатницата. Ставовите на Трамп за исламот предизвикаа голем број на муслимани во Турција да го сменат мислењето за него, меѓу нив е и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Фотографија: Getty Images/O.Kose
8 фотографии1 | 8
На некој начин, целната публика на Трамп не беа просечните гласачи туку лидерите на Републиканската партија, кои сега се во позиција да одлучат дали да продолжат да трошат пари и време во обид да го помогнат изборот на нивниот кандидат. Нејасно е дали настапот на Трамп помогна во тој дел- иако ниту еден републикански лидер не ја повлече поддршката по дебатата, за разлика од деновите по скандалот со видеото.
Републиканските лидери кои ја носат таа одлука, вклучително и проценките за влијанието на Трамп врз нивните шанси да ја задржат контролата врз Сенатот, можат да бидат сигурни дека тој нема тивко да се повлече.
Прашани да кажат на што се восхитуваат еден кај друг на крајот на дебатата, Трамп рече дека ја почитува истрајноста на Клинтон. „Таа не се откажува“, рече тој. Ниту таа.