Претседателски избори во Северен Кипар: крај на ерата на Денкташ
17 април 2005
Денкташ отсекогаш беше горд на неговата мала држава, создадена од него со помош на Анкара, само од Турција признаена и во секој поглед поддржувана, од светот блокирана со ембарго. Неговите убедувања останаа под белегот на етничките безредија во 60-тите години и нападите на фанатизирани кипарски Грци врз турското малцинство на островот. Од пред две години, меѓутоа, за Турција, Северен Кипар стана пречка на сопствениот пат кон ЕУ. „Не, не сум лут на никого. Тажен сум зашто гледам на каде ќе води ако Турција и кипарските Турци веќе не ја поддржуваат оваа држава, за која плативме со толку многу жртви“ – резигнирано вели Денкташ.
Во меѓувреме и Турците од островот се стремат кон Европа; ако е само така можно, тогаш нека е и преку обединување со кипарските Грци. Обединувањето на средоземноморскиот остров, поделен од интервенцијата на турската армија во 1974-та година, пропадна на референдумот поради одбивањето на Грците - две третини од кипарските Турци беа за. Новиот ветер во турскиот северен дел го исфрли во преден план човекот кој одамна зборува за иднината на Кипар во Европа: социјалдемократот Мехмет Али Талат. Тој стигна до шеф на владата; сега сака да биде претседател: „Ние, кипарските Турци, најдоцна од нашето ДА за обединување, од тој ден, докажавме дека сме Европејци“.
Талат е подготвен да води нови преговори со кипарските Грци, но нивниот претседател Тасос Пападопулос не сака обединување под условите од мировниот план на генералниот секретар на ОН Кофи Анан. „Тешко е, многу тешко. Но, Пападопулос не решава сам. Решение е можно ако надворешниот свет ја укине нашата изолација и со тоа изврши притисок врз него“ – вели Талат.
Но, освен пријателски зборови, тој досега од странство се’ уште не слушна многу во таа насока.