1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседател како шеф на опозиција

17 мај 2019

Повикот на Пендаровски за помирување, делува како исфорсирана флоскула. Кога имате две елити кои се борат за апсолутна власт и контрола врз парите, тогаш во ничиj интерес не е помирувањето, пишува Ивор Мицковски.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Македонија има еден голем проблем, се разбира има илјадници големи проблеми, но во смисла на демократското функционирање и политичкиот систем, гледано пострежимски, суштински и недостасува здрава опозиција.

Официјалната партиска опозиција се уште е заробена во својата политичка небулоза од времето на режимот. Оттука, повиците за помирување, особено граѓанско помирување, не наидуваат на реален терен на кој тие би можеле да се остварат, се додека опозицијата не се нормализира, не излезе од својот деструктивен наратив и не се извини за периодот на режимот.

Од друга страна, веќе дојде време за реконструкција и на оваа влада, која нема намера да излезе од партитократијата и реално да ја ослободи државата од партијата. Впрочем, ноторен факт е дека лошиот квалитет на политичкиот противник го влошува и тој што со таков противник треба да се мери.

Помирување преку амнестии и тендери!?

Затоа повикот на новиот претседател за помирување, делува како исфорсирана флоскула.
Помирување драг Пендаровски прво не може да го оствари претседател, односно може, само платонски.
Кога имате две елити кои се борат за најчесто апсолутна власт и контрола врз бизнисот, ресурсите, парите, тогаш во ничиj интерес не е помирувањето.
Второ, видовме како функционира политичкото помирување - со амнестии и тендери. Истото во голема мерка важи и за нашиот меѓуетнички мир, се разбира платен со висока политичка и економска цена, и секако со мудрото проширување на правата на етничките заедници.
За граѓанското помирување Пендаровски не треба да се секира, нема да се потепаме, барем не слободните граѓани. Граѓаните-клиенти од друга страна им требаат наелектризирани и поларизирани на партиите, инаку не постои интерес во јавните нешта, уште помалку реализирање на партиските интереси. 

Претходни колумни: 

Што навистина донесе Заев од Берлин?!

Мислете му ја во Третиот круг! 

Помирување може да се случи и во диктаторски манир преку апсолутна моќ, нешто што е стапица која допрва ја чека власта, и така сите конвертити, апологети, корифеи да ги качи на својот караван.
Вистинското помирување се прави со длабоко инвестирање во радикална департизација, реформирање на институциите и градење длабока држава. Сега засега, тоа не се случува и тешко дека ќе се случи. Но, тоа е единствениот пат за помирување, кога ќе ја наметнеш здравоста и транспаретноста во политиката, таа добива трансформативна моќ врз општеството.

Со други зборови претседателот не може да влијае директно врз партиската реалност која комплетно ја дерогира, аброгира, става под своја контрола политичката агенда на земјата, сите институции и форми на власт, запоставувајќи ги нужните реформски процеси. Но, претседателот може да влијае врз граѓанската свест и засилен од нејзиниот консензус да влијае врз партиските и политичките актери.

Малцинството на слободните граѓани

Барањето за помирување во актуелните околности од страна на претседателот звучи легитимно во неговата идеална позиција на политички арбитер, но тоа е ризик да се поделат фифти-фифти политичките и моралните обврски и одговорности на партиите, кои не го уживаат, ниту пак го заслужуваат се уште тој сооднос. Ризикот е претседателот да се заглави во обидот и да создаде позиција на еквидистанца помеѓу политичките актери, помеѓу минатото и сегашноста на нивната политичка реалност и оставштина. Или пак да одбере само една страна, онаа сигурната и комотната, на власта.
Затоа е флоскула изјавата на Пендаровски дека ќе биде претседател на сите граѓани, но држи и ми се допаѓа неговиот став дека како претседател кој бил предложен од политичкото мнозинство негова обврска е да го штити статусот и правата на политичкото малцинство.
А има ли поголемо политичко малцинство од слободните граѓани, осамената критичка и активистичка јавност, фрагментираниот невладин сектор, заборавените осиромашени и маргинализирани поединци и групи, сите оние граѓани кои во првиот круг го оставија да виси и ја казнија заедно со него владејачката партија, за потоа во вториот круг, сепак да го наградат.
На Македонија не е и потребен уште еден арбитер, потребен и е коректор.
Пендаровски според мене треба да се стави во улога на претседател во втор и последен мандат. Помалку и таква е неговата позиција. Ако земеме предвид дека го преживеа „комплексот на изгубеното претседателство“ од Иванов, и дека добри две години беше важен функционер во актуелната влада, Пендаровски влегува во трк на претседателската позиција. Знаеме дека неговите ингеренции не се преголеми, но не се ни премали, за да игра чисто церемонијална улога и милениче на власта, туку треба да зезема силно морално лидерство и да се претвори во прв коректор и опозиционер на оваа власт.

Премиерот Зоран Заев и претседателот Стево ПендаровскиФотографија: Cabinet of the President of the Republic of North Macedonia

Коректор наместо арбитер

Форсирајќи ја исправната политика, реформскиот процес, не бегајќи од политичкиот коментар и критичката свест, давајќи глас на обесправените во општеството, Пендаровски би ја одиграл улогата на коректор на објективните општествени и политички контрадикции, а со тоа би помогнал и да се стишаат или помират неизбежните спротивставени гледишта кај граѓаните.
Корегирајќи ја власта, а богами свесни сме колку работи треба да се променат, помагајќи таа да се одржи на линијата на новиот национален идентитет и надворешна политика, но и влијаејќи на неа, со коментирање и толкување и на домашните прашања и реформи, претседателот евентуално би извршил и една објективна функција на дисциплинирање и реформирање и на заостанатата партиска опозиција.
Што значи, првата и основна преокупација на новиот претседател треба да биде инсистирањето на спроведување на правдата и независната работа на правосудството. Потоа да го вложи својот глас и авторитет во потсетување на итноста на реформските процеси. Да биде објективен и реален соговорник на меѓународната заедница. Да се залага за радикална департизација. Како можеби последен претседател избран на општи и непосредни избори, човек кој ја претставува Републиката, треба морално да влијае врз граѓанските претставници во Собранието, и да инсистира на тоа да биде пример во намалување на политичките привилегии и бенефиции. Значи, нека биде морален арбитер, но пред се политички коректор.

Интернет-демократија

Постои уште еден важен аспект во претседателството кое почнува за Пендаровски и кој се однесува на граѓанското помирување.
Пендаровски изјави дека негова цел како прв човек на државата ќе биде и давањето конкретен придонес во поддршка на граѓанскиот сектор и во креирањето амбиент за слободна работа на медиумите.
„Уверен сум дека не треба да постои горна граница за медиумската критика кога станува збор за известување од работата на јавните личности, рече Пендаровски, дополнувајќи дека е подготвен да трпи критики за неговата работа дури и без аргументи“.
Но, ова мислам дека е помалку застарена форма на гледање на демократската реалност, која ги зема предвид само невладините и традиционалните медиуми.
Убеден сум дека во ерата на интернет демократијата претседателот може да даде свој придонес, не толку кон митот на директното самоуправување, колку во градењето на форми на политичка автономија, партиципација и дифузија на политичкото мислење и активизам, а со тоа и некој вид на пошироко и подлабоко граѓанско влијание и моќ.
Токму големата разочараност во партиципативната демократија, недовербата во партиите, слабата излезност, се прашања кои треба да бидат адресирани од првиот човек на државата.
Настапуваат нови генерации на граѓани и нови потреби кои не се насочени против индиректната демократија „пер се", туку кои бараат промена и адаптација во локалните и централните политики кои задираат во нивниот живот, а врз кои тие повеќе немаат влијание или контрола, освен изборот - да гласаат или не. Притоа како што оди времето, цената за таа дистанца и недоверба, ќе ја платат токму политичките партии и традиционалните медиуми, кон кои недовербата во општеството е најголема. Така, можеби претседателот треба во иднина да размисли за отварање на дебати и дискусии околу алтернативните форми на консултација и партиципација на граѓаните.

Нови форми на граѓанско дејствување

Активизмот на терен кој ја заменува неспособноста на власта веќе постои, полека и кај нас ќе се појават онлајн движења, а којзнае, можеби и ќе се вратат протестите. Евидентно е колку граѓаните се прелажани со демек граѓанската претставеност во некои општини, каде добиле еден претставник во Советот и еден советник на градоначалникот, и тие си играат пинг-понг и глумат граѓанство. Истото важи и за натпартиските претставници во Собранието, па дури и за натпартискиот претседателски кандидат, но тоа сега е во рацете на самиот претседател.  Очигледна е иритацијата на граѓаните од самоволието на централната и локалната власт и економските интереси на поединци од власта кога станува збор за локалните последици од отварањето на рудниците, општото загадувањето или загадувањето од малите погони, или други форми на уништување на животната средина. Малите хидроцентрали се одличен пример кој ја тангира јавноста и јавното богатство. Непочитувањето на Законот за урбано зеленило е уште еден валиден пример, или пак дивиот урбанизам и несправувањето со криминогените одговорности, како и културните, етичките и естетските последици од ревизионистичкиот проект Скопје 2014-та.

Сега јас немам намера тука да ги изнесам повеќе или помалку директните форми на партиципација, преку интернет гласања, граѓански листи, или форми на случаен избор при креирање на нови формати на граѓански совети. Идејата ми е да потенцирам дека проблемите постојат и дека преку дебати и дискусии, преку неигнорирање на новите потреби и веќе старите проблеми, треба да се размисли за нови форми на граѓанско дејствување. Ако претседателот сака граѓанско помирување, можеби размислувањето на овие теми, е токму еден од начините како да ја постигне декларираната цел.

Друг аспект на проблемот е што граѓаните не бараат само поголема партиципација, од онаа традицоналната, партиската, туку и поголема видливост и поголема транспаретност.

Се разбира, сите овие прашања се комплицирани и длабоки, но мислам дека е можно плуралистички да се артикулираат и адресираат. Поентата не е да исчезнат партиите, зошто тоа нема да се случи, туку како да се создаде рамнотежа меѓу партиските интереси и интересите на граѓаните, активистите и граѓанскиот сектор, притоа зајакнувајќи ги и реформирајќи ги институциите без да се анулира односот помеѓу граѓанството и државата.

Ете, со мала доза на идеализам и здрава фантазија таков претседател посакувам, кој ќе се побави реално со граѓанските потреби, кој ќе ја претставува државата, но и кој ќе биде коректор на партиите и власта.

*Исправка

Во мојата колумна „Нотр Дам, Воинот на Коњ и изметот за активистите“, наведувам мислење и перцепција дека околу реставрацијата на Турската чаршија, ниту ресорните министерства, ниту пак националниот координатор за култура, не биле премногу заинтересирани за проблематиката и автентичноста на изведбата. Бев исконтактиран од стручни лица и запознаен со следното:

Координаторот за култура, но и Советничката на Премиерот вршат усилби за запазување на автентичноста на чаршиите во државава, при нивна конзервација и реставрација, преку соодветни координативни и надзорни механизми. Дополнително, во тек е и подготовка на нов Закон за заштита на културното наследство како и ревизија на стратегијата за заштита на културното наследство, со што се очекува поставување на здрава рамка во оваа област".

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми