1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приватизацијата-трнлив пат до капитализам

30 септември 2010

Во процесот на германското обединување важна цел беше во најкратко време планското стопанство на ГДР да се трансформира во пазарно. Тоа требаше да го изведе Агенцијата за приватизација, која врз себе ја навлече лутината.

Зградата на агенцијата за приватизација во БерлинФотографија: dpa

Агенцијата за приватизација, сведена на најважните бројки, значи 12 илјади претпријатија со околу 4 милиони вработени и долгови кои на крајот се искачија до речиси 300 милијарди некогашни германски марки. Но, Агенцијата е и многу повеќе - таа е дотогаш единствен обид во светски рамки за претопување на едно планско со западно пазарно стопанство и тоа и во најкратко време. Биргит Броел, преземајќи ја челната функција во државниот холдинг наречен Агенција за приватизација, формулира три основни принципи, според кои таа ќе работи:

„Брзо приватизирање, оти сме на мислење дека приватизацијата е најдобра форма на санација. Второто мото гласи: решително санирање, кое треба да биде спроведено таму, каде има иднина, за луѓето да бидат повеќе охрабрени и да им се влее повеќе надеж. Третото мото гласи: внимателно затворање на претпријатија“.

Почеток на крајот на економијата на ГДР

Во тоа време Броел и политиката се’ уште сметаат дека стопанството на Германската Демократска Република е во одредена мера конкурентно способно. Но, со монетарната унија слабата источногерманска марка преку ноќ беше изедначена со западногерманската. Тоа беше почеток на крајот на економијата на Германската Демократска Република, оти оној кој претходно на Истокот заработувал илјада тамошни марки, сега добивал илјада западни марки, односно четирикратно ги зголемил приходите, смета Јан Приве од Високата школа за економија и техника од Берлин.

„Мерено според разликите во производството меѓу Истокот и Западот тоа беше премногу, а според животните трошоци во новата обединета Германија всушност премалку. Со тоа беше програмирана една дилема, но таа беше бргу решена со многу брзиот развој на платите, што пак уште повеќе го зголеми притисокот од трошоците во претпријатијата и многу од нив не можеа да го издржат тој притисок“.

Протести во Бишофероде во 90-те годиниФотографија: picture-alliance/ZB

Протести и штрајкови

За само неколку месеци домашниот бруто-производ доживеа пад од 30 проценти. Се’ повеќе претпријатија не беа конкурентно способни и мораа да ги затворат портите. Меѓу нив и рудникот за калиум во Бишофероде. Од 1990 почна отуштањето на вкупно илјада вработени, последните 700 во 1993. Уследи протестно движење кое го сврте вниманието во цела Германија: рударите го окупираа рудникот, некои стапија во штрајк со глад.

„И јас самиот градев, имам долгови, а никаде во регионов нема работа за мене“, зборуваше еден од нив.

На крајот претпријатието сепак беше затворено. Во Бишофероде и насекаде во Источна Германија Агенцијата за приватизација како громобран мораше да го поднесе незадоволството на многумина Источногерманци. Токму во тоа се состои нејзиното постигнување, вели Волфганг Зајпел од универзитетот во Костанц.

Централата на Јеноптик во ЈенаФотографија: picture-alliance/dpa

„За сето тоа немаше алтернатива, но сепак мораше да се ублажат политичките трошоци. Тоа е фактичкото постигнување на Агенцијата за приватизација“.

На крајот од нејзиното само 4-годишно постоење навистина останаа долгови од 135 милијарди евра, но тоа е релативно поволно мерено според домашниот бруто-производ на Германија. И, покрај многуте горки приказни, на крајот секогаш има и успеси, со кои можеше да се пофали Агенцијата. Во тоа се вбројува што и денес, 20 години по обединувањето, во Јена и натаму постои светскиот концерн Јеноптик, на брегот најголемиот дел од бродоградилиштата и натаму прават бродови и во Тиринген и Саксонија повторно се монтираат автомобили - само неколку од многуте примери.

Автор: Руперт Видервалд/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми