1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приватниот суд на Панчевски

16 ноември 2016

Зарем треба да не чуди што Панчевски го злоупотребил потписот на судот под свое лично соопштение, кога ни сопственото дете не го поштедил од инволвирање во своја одбрана од внатрешните и јавни критики?

Frankreich Justiz Statue Symbolbild
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Meyer

Тешки зборови упати претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, откако негови колеги доставија известување до Судскиот совет со барање тој да расправа за неговата одговорност. Панчевски тој чин го дефинираше како „хајка“, судиите потписници ги нарече „одредени отпадoци“, а тој повторно се поистовети со судот: „Се плука кон овој суд без аргументи“.

Колку еден судија треба да биде морално дезориентиран и професионално деформиран, ако со толкава леснотија професионалните забелешки против него ги фалсификува како упатени на адреса на Судот? И ако не сака да се соочи со фактот дека со своето службено и неслужбено поведение лично го прелеал тасот на вагата на Јустиција.

Ако делителите на правдата не можат или не смеат да се пожалат за неправда во Куќата на правдата, тогаш, како таа правда ќе ја направат достапна за сите оние кои чукаат на нивната врата? Веројатно не со укажувања од претседателот на судот како да постапуваат во одреден случај и во чија корист да пресудат. Законите постојат токму за да ја елиминираат субјективноста во нивното „толкување“ и спроведување. Законите не може да се игнорираат ни по субјективно распределување на одредени предмети кај одредени судии, кои исто така на субјективен начин се избориле да не бидат оценети како „отпадоци“, но само во очите на претседателот. Во сферата на она што се нарекуванезависно судство, тие се уште го немаат обезбедно своето место. Можеби затоа кога нивниот претседател најавува „чистка во внатрешните редови“, тие не се чувствуваат ниту непријатно, ниту изложени на дофат од таквите негови планови. Таа судбина им ја препуштаат на оние 13, кои се дрзнале да го скршат молкот. И тоа „токму сега“.

Играњето со „моментот“ како главна основа на спинот, е традиција во македонското општество. Нема ништо полесно од обидите каква било реакција да се задуши преку нејзино ставање во контекст на политичкиот момент. И во овој случај предничи тој спин: „Не е случајно ова, токму сега пред избори во земјата, и пред избори за претседател во Врховниот и Кривичниот суд“. За жал, ова не се „индициите“ што го мачат само Панчевски, туку и претседателот на Судскиот совет. Па, ако на тоа се додаде и најавата за утврдување дали зад потписите навистина стојат судии, не е тешко да се претпостави дека ќе уследи една кафкијанска атмосфера, но и тешка одговорност ако со ваквите проверки, маневри и тактизирања дополнително се влошат состојбите во судот.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Многу штрајкови и синдикални барања досега биле задушени и стопирани на ваков начин, поради „чувствителноста на моментот“, божем, за да се избегне опасноста да бидат ставени во политички контекст. И таа политикантска измама и натаму трае. Но, добро е што судиите не подлегнале на тие веќе видени трикови, бидејќи никој нема право судиските барања за професионални стандарди и нивната заштита да ги толкува според опортунитетот на политичкиот момент. Во земја во која на секои две години се одржуваат избори, а во една година и два пати се закажаа и откажаа, секогаш контекстот може да биде сметан за политички. Но, таа приказна не проаѓа дури ни кај синот на Панчевски, кој од страна на таткото беше исползуван како „крунски“ аргумент во личната одбрана на претседателот на судот: „И син ми да го прашате, ќе ви каже дека ова е хајка против судот и дека сака да го присвои и да го натера на послушност“.

И сега, зарем треба дане чуди што Панчевски го злоупотребил потписот на судот под свое лично соопштение, кога ни сопственото дете не го поштедил од инволвирање во своја одбрана од внатрешните и јавни критики?

Патем, воопшто не се сомневам дека токму така би рекол синот на Панчевски, бидејќи децата учат од тоа што го гледаат. Ако неговиот син преку најблиското опкружување веќе се уверил дека судот може да биде присвоен и послушен, единствената претстава за судот и натаму ќе ја има преку тој модел. Затоа и природни се стравовите на детето дека некој може да им го земе... Нивниот суд. 

Во случајов веќе и не се знае кој е поискрен - таткото или синот. Панчевски стравува дека без него како претседател судот ќе пропадне. Вели, можел да си замине, но како да го стори тоа, кога е се работи за судството, за интегритетот на Кривичниот суд.

Па, баш затоа. Некои можат да го спасат интегритетот на судот со останување, некои со заминување. Панчевски и припаѓа на втората група.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми