1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Привремената суспензија на указот на Трамп останува во сила

СН/ агенции
10 февруари 2017

Забраната за влез во САД за граѓаните од седум доминантно муслимански земји издадена од претседателот Трамп засега останува надвор од сила.

USA 9th Circuit Court of Appeals in San Francisco
Фотографија: Getty Images/J. Sullivan

Станува збор за тежок пораз за американскиот претседател Доналд Трамп и неговата спорна забрана за влез во земјата на луѓето од седум земји со мнозинско муслиманско население. Апелацискиот суд во Сан Франциско ја отфрли претставката на владата, повторно да ја стави во сила забраната за доделување виза на граѓаните од овие земји. Одлуката на тројцата судии беше едногласна. Во образложението на пресудата од 29 страници се вели дека владата не докажала оти преку привременото суспендирање на указот на претседателот настануваат „непоправливи штети“. Судот речиси целосно ја прифати аргументацијата на оспорувачите на забраната- сојузните држави Вашингтон и Минесота.

„Победа за државата Вашингтон и за целата земја“

Тие, како што истакнаа во тужбата, во претседателскиот декрет гледаат наштетување на нивните државни интереси, дискриминација како и повреда на правата на жителите, чии семејства би биле разделени поради забраната за влез во САД. Претставници на двете сојузни држави го објаснија ова за време на сослушувањето во Апелацискиот суд во Сан Франциско.  Гувернерот на Вашингтон, истакна дека одлуката на Апелацискиот суд е „победа за државата Вашингтон и за целата земја“.

Администрацијата на Трамп на сослушувањето аргументираше дека указот е неопходен со цел земјата да се заштити од можни терористички напади. Нејзините претставници го обвинија сојузниот судија од Сиетл, Џејмс Робарт, дека недозволено се вмешал во овластувањата на претседателот на САД. Тој одреди привремена суспензија за декретот на претседателот Доналд Трамп.

Сосема веројатно е со случајот наскоро да се занимава и Врховниот суд на САД. Тоа барем го сугерираше пораката на Трамп преку социјалната мрежа Твитер, веднаш по објавувањето на пресудата на Апелацискиот суд во Сан Франциско: „Се гледаме на суд! Во прашање е безбедноста на нашата држава“.

На репортерите во Белата куќа Трамп им изјави дека одлуката на калифорниските судии е „политички“ мотивирана. Претседателот декретот за забраната за влез во САД за граѓаните од седумте доминантно муслимански земји го издаде на 27 јануари. Оттогаш указот предизвика хаос на аеродромите, демонстрации како и жесток политички и правен спор. Трамп во изминатите денови остро ги  критикуваше како судијата Робарт од Сиетл, така и Апелацискиот суд. 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми