1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Привремено избегнат крах на европскиот буџет

Барбара Везел/превод: БГ30 октомври 2014

Франција и Италија попуштија, и барем формално, ги намалија своите дефицити. Но, тоа е сторено со помош на трикови кои не можат да ги заменат неопходните реформи- коментира Барбара Везел.

Фотографија: Reuters

Францускиот печат јасно му стави до знаење на Париз што мисли за коригираниот план за буџетот за 2015 година. „На претседателот Оланд најважно му е да го смири Брисел и тоа како знае и умее. ЕУ-Комисијата се задоволува со лажни ветувања“, напиша конзервативниот Фигаро. Во сличен тон и леволибералниот Монд објасни: „Париз купува време во Брисел без и најмала дополнителна заштеда“.

И навистина, делува само како помрднување на кулисите тоа што француското министерство за финансии по првото предупредување од ЕУ одеднаш пронајде вишок од 3,6 милијарди евра. Така Париз одеднаш краткорочно го намали, барем на хартија, долгот за 0,5 проценти и и‘ овозможи на Комисијата да покаже трпение.

Слично се одвиваше ситуацијата и во случајот со Италија. Откако премиерот Матео Ренци минатата недела на самитот на ЕУ уште еднаш громогласно порачуваше дека не дозволува Комисијата да му држи лекции, сега префрли 3,3 милијарди евра од резервите кои беа предвидени за намалување на данокот и така го намали државниот долг. Решавањето на вистинскиот проблем- а тоа е ридот од долгови- едноставно го одложи.

Но, и тоа му беше доволно на Брисел да ја поштеди Италија од опомена и да и‘ го одобри буџетот. Во двата случаи, политичките интереси превладеаја над економската нужност. Комисијата во заминување не сака да ја затвори вратата зад себе и така во последен час да предизвика судир со Париз и Рим. Освен тоа, никој не сака да го задева Ренци кој важи за голема реформска надеж во Рим. Брисел не сака ни отворена војна со Французите, затоа што финансиските пазари можат да се вознемират, а популистичката десница на Марин Ле Пен да добие крила.

Барбара ВезелФотографија: DW/B. Riegert

Кредибилитетот на Комисијата на испит

Вистински виц на историјата е тоа што поранешниот француски министер за финансии Пјер Московиси од следната недела ќе седне во фотелјата на Комесар за монетарни прашања: ќе биде надлежен за контрола на буџетот на членките на ЕУ, за волја на вистината, со уште двајца колеги кои ќе го контролираат. Тој во следните недели ќе мора да направи целосен пресврт. Сега има задача до крајот на ноември да и‘ објасни на владата во Париз дека стабилноста на заедничката валута не може да се одржи со неколку козметички зафати. Земји како Шпанија и Португалија ќе бидат сѐ пореволтирани кога ќе видат како на големите им се дозволува сѐ, додека тие се принудени да спроведуваат болни реформи и драстични заштеди. Посебно кога се работи за Франција, на многумина им е јасно дека слабата влада се уште и не почнала да се бори против причините за сопствената криза. Во Италија, од друга страна, се слуша триумфална песна за тоа како „во Брисел е забележана победа“.

Но, Комисијата веќе во наредните недели ќе добие можност да го покаже својот кредибилитет, бидејќи ќе ги проверува буџетите на земјите од еврозоната. Таа задача е последица на кризата која ја одведе заедничката валута до работ на пропаста. Комисијата ќе мора оваа задача да ја сфати посериозни од сите други и да покаже јасен став. На европските граѓани не им се потребни одредби за јачината на правосмукалките, туку стражари кои ја чуваат нивната валута. Бидејќи поединечните влади, секако, сакаат да добијат и нов мандат, па понекогаш знаат да бидат и премногу креативни на планот на книговодството.

Во Брисел би требало да седат објективни стражари кои ќе ги удрат по прстите оние кои ги кршат правилата. Треба да се каже дека тука не се работи за спроведување на „штедењето над сѐ“, туку за тоа дека секој мора да ги елиминира своите економски слабости, доколку е потребно и со непопуларни мерки. На тој план последниве години беше ветувано многу, а досега речиси ниту едно ветување не е исполнето. Кога се работи за тоа, Брисел не смее да попушти под притисокот, а повикот за зголемување на инвестициите секогаш треба да биде поврзан со барањето истовремено да се спроведат и структурни реформи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми