1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прием во Берлин на долгогодишниот автократ Ѓукановиќ

Кено Верзек
7 октомври 2020

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ денеска (07.10.2020) е во Берлин, ќе го прими и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер. Моментот на оваа посета не можеше да биде полош.

Montenegro Cetinje | Präsident Milo Djukanovic
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Prelevic

Мило Ѓукановиќ, долгогодишниот владател на Црна Гора, а моментно нејзин претседател, четвртина век беше миленик на Западот. Бившиот млад југословенски комунист рано почувствува дека политиката на српскиот диктатор Слободан Милошевиќ ќе заврши со пеколно фијаско. Тој вешто, а кога беше потребно и бескрупулозно, лавираше и низ војните во Југославија. Беше политички соучесник во крвавата опсада на Дубровник и веројатно знаеше за геноцидот во Сребреница.

Истовремено му се додворуваше на Западот, кој по војните во Југославија во него гледаше гарант на стабилност и етнички мир.

Моделот Ѓукановиќ

Дипломатите во Вашингтон, Брисел и Берлин главно игнорираа едно нешто: Ѓукановиќ е еден од пронаоѓачите на модерен, корумпиран автократски државен модел со формална демократска фасада, многу пред Виктор Орбан, Јарослав Качински, Бојко Борисов и Александар Вучиќ.

Фамилијата Ѓукановиќ и цела клика политичари и деловни луѓе безобѕирно се богатат на сметка на општествениот имот. Илегално финансирање на партијата, изборни измами и злоупотреба на службената положба се редовни појави, а помали или поголеми случаи на корупција, шверц и перење пари е тешко да се добројат.

Повеќе:

Моја Европа: Копнеж за слобода, рамноправност, правна држава

Абазовиќ за ДВ: Црна Гора ги прави првите чекори кон демократија

Црна Гора: На опозицијата и` се брза да ја преземе власта

Мило Ѓукановиќ има две опции- егзил или раздор

Посетата на Мило Ѓукановиќ на Берлин исто така може да се протолкува како израз на тоа благонаклоно гледање низ прсти. Претседателот на Црна Гора, која во 2012 година започна пристапни преговори со ЕУ, разговара со членови на Комисијата за Европа во Бундестагот.

Моментот не може да биде полош

Но, пред сѐ: официјално го прима и претседателот Франк-Валтер Штајнмајер. И тоа токму во момент кога Црна Гора е на прво место во Европа според стапката на инфекции со коронавирус, и кога и многу дискусии, или дури и самити на ЕУ, се одржуваат виртуелно, преку видео-конференции. Дали тоа значи дека Ѓукановиќ е посебо срдечно очекуван гостин?

Канцеларијата на германскиот претседател не одговори на деталните прашања на Дојче веле за посетата на Ѓукановиќ кај Штајнмајер. Портпаролката само изјави дека претседателот се радува на „размената на мислења со црногорскиот колега за актуелните случувања во Црна Гора, политичката ситуација во регионот и пристапните преговори на Црна Гора со ЕУ."

Лош тајминг за прием на Ѓукановиќ - Франк-Валтер ШтајнмајерФотографија: Soeren Stache/AFP/Getty Images

Сепак, може да се каже следното: моментот на посетата на Ѓукановиќ на Берлин и состанокот со претседателот не може да биде полош. Црна Гора неодамна првпат во својата историја беше сведок на мирна и демократска смена на власта. На парламентарните избори на 30 август, Демократската партија на социјалисти на Ѓукановиќ, наследничка на Сојузот на комунисти на Црна Гора, претрпе пораз, без оглед на многуте манипулации и неправилности пред и во текот на изборите.

Пред крупни предизвици

Победниците на изборите, три опозициски сојузи, планираат да формираат коалиција и да покренат транзиција на Црна Гора во демократија и владеење на законите. Тие сојузи се политички многу хетерогени, а нивните политичари се движат од марионети на српскиот претседател Александар Вучиќ и приврзеници на Владимир Путин, до европски еколошки либерали.

Но нивните лидери, вклучувајќи го и предложениот премиер Здравко Кривокапиќ, веродостојно се изјаснија за натамошна проевропска ориентација на Црна Гора. Малку е веројатно дека Црна Гора ќе се сврти кон Србија и Русија и ќе го повлече признавањето на Косово, како што се малку веројатни и сценарија за етничко насилство.

Здравко Кривокапиќ по победата на опозицијата на изборите во Црна ГораФотографија: Filip Filipovic/Getty Images

Иако во таа коалиција веќе постојат линии на поделби околу одредени законски предлози и претстои тежок реформски период, нема сомнеж дека мнозинството нејзини политичари се заинтересирани за вистинска демократизација на Црна Гора. Повеќе генерации црногорски граѓани првпат доживеаја демократска промена на власта, искуство за кое со право можат да се користат суперлативи.

Директорот на најголемиот црногорски дневен весник „Вјести", публицистот Жељко Ивановиќ, неодамна веројатно ги погоди мислите на бројни луѓе кога напиша: „Не ни требаат ни Ѓукановиќ, ни Вучиќ. Потребни ни се силни институции, а не јаки поединци. Ни треба богата земја, без богати тајкуни. Потребна ни е еднаквост, почитување и првенствено правда."

Претседателот Ѓукановиќ, од друга страна, нерадо ја прифаќа волјата на избирачите и преносот на власта. На крајот, нему и на многу други околу него му се заканува кривична истрага, а можеби и затвор.

Досега беше обратно: на граѓанските активисти и новинари кои откриваа афери и кршење на законите, им беа упатувани закани, беа претепувани. На нив се пукаше, како на репортерката Оливера Лакиќ. Или неправедно со месеци беа држени во затвор, како новинарот Јово Мартиновиќ. Врховниот суд на Црна Гора во Подгорица утре (08.10.2020) ќе донесе одлука околу ревизија на процесот, кој мора да се нарече фарса.

Со оглед на сево ова, Здравко Кривокапиќ посетата на Ѓукановиќ на Берлин ја смета за несоодветна. „Новите демократски власти во Црна Гора поздравуваат секаков обид за јакнење на односите меѓу Подгорица и Берлин, но Мило Ѓукановиќ, човекот кој симболизира корумпиран и автократски систем кој загуби на изборите, не може никако да придонесе кон модернизација и европеизација на Црна Гора", изјави тој за Дојче веле.

Ѓаволски пакт"

Некои дипломати и политички советници со кои разговараше Дојче веле и кои инсистираа на анонимност, изразија вџашеност поради тоа што германскиот претседател го прима Ѓукановиќ.

Политичарот од Зелените, Мануел Сарацин, портпарол на неговата партија за прашањата за Источна Европа, за Дојче веле изјави дека е важно Штајнмајер на Ѓукановиќ јасно да му укаже на пропустите во Црна Гора, посебно во поглед на владеењето на законите и на корупцијата.

Флоријан Бибер, политиколог, историчар, автор и добар познавач на Западен Балкан, посетата на Ѓукановиќ на Берлин ја нарекува „ѓаволски пакт" кој ЕУ го склопи во регионот на Западен Балкан со авторитарни и корумпирани „стабилократи". Како резултат на тоа, ЕУ на крајот губи репутација на заговарач на демократија и владеење на правото во регионот и со тоа ја лути и растерува опозицијата, вели Бибер.

Душан Рељиќ, експерт за Југоисточна Европа од берлинската Фондација за наука и политика и еден од најдобрите стручњаци за регионот на Западен Балкан во земјите од германско говорно подрачје, гледа слично: „Ѓукановиќ го следат бројни скандали, откако на власт е непрекинато, понекогаш како националист и воен подбуцнувач, потоа како најдобар пријател на неколку руски олигарси, сѐ до моменталните напори да се покаже како демократ и верен сојузник на Запад", вели Рељиќ и заклучува: „Важен поттик кон јакнење на владеењето на законите на Западен Балкан и приближување кон вредностите на ЕУ во целина би бил – кога политичарите од негов ков конечно би исчезнале од сцената."

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми