Признавањето на македонските возачки дозволи во Германија се' уште во постапка!
29 јули 2014Се' е поголем бројот македонски државјани кои се на привремена работа и престој во Германија. Во купот административни обврски кои мораат да ги исполнат за нормално живеење (регулирање на престој, обезбедување живеалиште, пријави во надлежните општини и сл.), голем проблем наметнува непризнавањето на македонската возачка дозвола. Со ова тешко се справуваат особено оние кои секојдневно мора да патуваат со автомобил до работното место. Македонската возачка дозвола во Германија може да се користи само 6 месеци по пријавувањето на престојот. Правило кое важи и за сите странски државјани кои престојуваат во Гермнанија, а чии земји немаат потпишано договор или декларација која ја регулира оваа проблематика.
Регулативата околу признавањето на македонските дозволи во Германија, како што дознава Дојче веле, веќе неколку години се подготвува во Министерството за сообраќај и дигитална инфраструктура, во координација со македонското МВР. На прашањето на ДВ - до каде е постапката, од Министерството за сообраќај и дигитална инфраструктура добивме официјален одговор дека „се планира, но се' уште не е склучена меѓусебната спогодба со Македонија, врз чија основа со преписот на возачката дозвола ќе се одбегне теоретскиот и практичниот испит“. Но, како што се вели во кусиот одговор, „не може да се посочи ниту термин кога ова ќе се реализира“!
Со други зборови кажано, постапката уште ќе потрае, а на оние на кои им е неопходна возачката дозвола не им преостанува ништо друго освен да одделат најмалку 2.000 евра и да го преполагаат возачкиот за германски документ. Во оваа сума која е некаков просек, грубо се пресметани задолжителните и дополнителните часови возење, теоретската и практичната обука, таксата до службите кои издаваат возачка дозвола, тест за проверка на видот, прва помош, пријавата и спроведувањето на теоретскиот и практичниот испит.
Зошто македонскиот документ не се признава?
Германија за важечки ги признава возачките дозволи издадени во земјите на Унијата, во САД, во Канада, во Австралија и во земјите со кои се потпишани билатерални договори, преку кои се признава таму спроведениот возачки испит. Меѓу овие земји се, на пример, Хрватска, Швајцарија, Сингапур, Нов Зеланд, Јапонија...
Зошто ваквата спогодба не е потпишана со Македонија, како што неофицијално дознаваме, е долга приказна. Поточно, пред десетина години Македонија покренала иницијатива за признавање на возачките дозволи во Германија. Но, постапката тогаш ја запечатило негативното мислење кое своевремено го дала германската амбасада во Скопје (тогашен амбасадор бил Ралф Бред). Според тоа мислење, полагањето во Македонија не било соодветно со германското. Испитот траел прекратко, немало возење на автопат и сл. Понатаму било кажано и дека се прават голем број сообраќајни незгоди, дека возачките дозволи се купуваат... Со едно вакво мислење, постапката во Берлин без големи дискусии била затворена. Нова иницијатива пристигнала пред четири години и тогаш се' започнало одново. Извори на ДВ велат дека целата постапка е бавна зашто станува збор за чувствителна материја, која е врзана за регулатива која мора прецизно да се преведе.
Германската страна непризнавањето на македонскиот возачки испит истовремено го образложувала и со аргументација дека тој не е соодветен на европските директиви. По ваквите коментари, следела македонска реакција: македонските возачки се важечки во Италија, Франција, Шпанија и зошто не би биле и во Германија? Потоа дошло до промена на правилникот за полагање во Македонија, кој и онака морал да се адаптира и се услогласил со директивите на Европската унија, кои се основа и во Германија. Така, сега значи дека возачкиот испит е компатибилен со сите останати земји на Унијата.
Се чека спогодбата
Целокупната постака околу признавањето на македонската возачка дозвола, односно спроведениот испит и формулирањето на билатералната спогодба, е во надлежност на одделот кој се занимава со правната регулатива во патниот сообраќај на сојузното Министерство за сообраќај и дигитална инфраструктура. Според нашиот извор, кога е во прашање полагањето, теореткиот дел горе долу не бил спорен. Ниту пак спорна е обврската за полагање прва помош. Конкретно за категоријата (класата) Б во Германија сега е потребно кандидатот да има 5 часа (по 45 минути) градско возење, 4 часа (по 45 минути) автопат и 3 часа (по 45 минути) ноќно возење. Практичниот испит се состои од 45 минути возење во град, на пат и на автопат.
Со промените во македонската регулатива и адаптирањето кон европската, практично нема објективни причини возачките дозволи издадени од македонските власти да не бидат признати и во Германија. Но, се' додека меѓусебната спогодба не биде финализирана, остануваат многу прашања отворени: дали за сите категории (класи) ќе важи прифаќањето на македонската возачка дозвола и дали ќе може да се вози и со документите на старите возачи, кои можеби сега стигнале во Германија, но имаат возачки стаж во татковината од по 20 и повеќе години?