1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приклучувањето на Хрватска во ЕУ како „мелем на рана“

18 мај 2011

Хрватска ги исполни критериумитe за затворање на преговарачките поглавја Правосудство и Основни права, клучни за завршување на преговорите за приклучок кон ЕУ, но можеби ќе мора да почека, коментираат германски весници.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Весникот „Велт“ пишува:

„Хрватска, всушност, сака да се приклучи кон ЕУ во 2013 година. Основата за тоа е поставена. Но, приклучувањето може да не се случи, поради други земји или поради сопственото население... Германската влада е јасна и вели дека Хрватска ќе стане членка кога ќе ги исполни условите. Со оглед на растечкото нерасположение, не само кај населението, туку и во редовите на коалицијата, поради спасот за платежно неспособните партнерски земји кој чини милијарди, германската канцеларка Ангела Меркел претпочита потврда веројатно дури подоцна во текот на годината. Од друга страна, во Франција, во 2012 година се одржуваат избори. На владата на Никола Саркози не би и‘одговарала дискусија за отворање на пазарот за работа за уште една земја. Некои земји членки на ЕУ, меѓу нив и Велика Британија и Франција, освен тоа, сакаат најрадо заедно со Хрватска во европскиот клуб да ја вклучат и Србија. Ако се пробијат со тој став, приклучувањето на Загреб ќе се пролонгира. Согласноста за членство мора да биде едногласна. Долго време соседот Словенија ги блокираше преговорите поради спорот околу границата. Сега, меѓутоа, со вето се заканува Романија. Исто како и за Бугарија, Брисел при приклучувањето на Романија, на почетокот на 2007 година, постави механизам за соработка и верификација, врз чија основа Европската комисија годишно известува за напредокот во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Букурешт сака укинување на овој механизам пред приклучувањето на Хрватска, или во спротивно, тој механизам би требало да важи и за Хрватите.

Барањето предизвикува негодување кај Хрватите, ако се земе предвид дека нивните преговори за приклучување биле значително построги отколку за Бугарите и Романците. Такво мислење има и Брисел. Пред приклучувањето, меѓутоа, Хрватите и онака треба да се изјаснуваат на референдум. Неговиот исход е се‘ друго, само не предвидлив. Согласноста со членство во ЕУ, во меѓувреме, достигна рекордно ниско ниво - 50 проценти.“

Австриски „Ди Пресе“ во текстот со наслов „ Приклучувањето на Хрватска е балзам на раните на ЕУ“, на оваа тема анализира:

„Приемот на Хрватска ќе и‘ дојде добро на ЕУ и поради тоа што ќе претставува контрапункт на целосен застој. Во последно време се создава впечаток дека ЕУ тоне во самосожалување поради својата неспособност да одлучува. Европската политика функционира како економијата - потребни и‘ се пораст, напредок и натамошен развој. Во спротивно ќе се замрзне, ќе се корумпира и ќе загуби на конкурентност. ЕУ е како велосипед што постојано мора да се движи за да не се струполи. Во моментов таа дури и не се тркала, туку опасно се ниша.“

„Тагесцајтунг“, пак, денеска се занимава со ситуацијата во Босна и Херцеговина и уште во насловот констатира „Загрозени се единството и помирувањето“. Авторот Ерих Ратфледер, пишува дека по посетата на високиот претставник на ЕУ Кетрин Ештон босанските Срби се премислија во врска со планираниот референдум, и продолжува:

„Тоа можеби за еден набљудувач од страна не изгледа како најголема криза на земјата од 1995 година досега, но конфликтот во Босна и Херцеговина, за познавачите, и натаму е опасен. Педи Ешдаун, кој беше Висок претставник на меѓународната заедница во БиХ од 2002 до 2006 година, пред неколку недели од неговата британска влада побара ’да не гледа само кон Либија, туку и кон Босна’. Со тоа мислеше дека не смее да се исклучи воена акција во Босна и Херцеговина. И сега, по интервенцијата на Ештон, политичарите, како што е специјалистот за Босна во пратеничката група на ЦДУ во Бундестагот, Михаел Брант, се се‘ уште скептични. Дали Ештон на српските националисти им направи премногу отстапки?“, прашува „Тагесцајтунг“ и дава опширна анализа на актуелната состојба во земјата, за да заврши:

„Ештон на прес-конференција јавно вети дека ЕУ ќе ја прифати критиката на Додик и под лупа ќе го стави правниот систем во федерацијата. Се чини, во пресрет е излезено и на едно друго барање на Додик. Веќе долго време присуството на Високиот претставник му е трн во око на лидерот на Србите... Сега во дипломатски кругови во Сараево се вели дека канцеларијата на Високиот претставник би можела да биде преселена од Сараево во Брисел. Последниот збор се‘ уште не е кажан... Компромисот на Ештон со Додик, пишува коментатор на весникот ’Ослобоѓење’, не ја решава кризата. Додик долгорочно ќе продолжи со неговата политика на минирање на заедничката држава Босна и Херцеговина.“

Извор: Ди Велт, Ди Пресе, ТАЦ

Обработка: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми