1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Притисок врз медиумите на Косово

27 јули 2010

Медиумите на Косово не се независни ни финансиски ни редакциски. Новинарите се под притисок и често се жигосани како предавници, ако не пишуваат како што сака владата, се вели во извештајот на „Репортери без граници“.

Организацијата „Репортери без граници“ ја критикува состојбата на медиумите на Косово

Во новиот извештај на организацијата „Репортери без граници“ за состојбата на медиумите на Косово, меѓу другото се наведува дека за една година не е направен ни најмал чекор напред, во поглед на рамковните услови за создавање на нови и независни медиуми. Повеќето медиуми не се независни ни редакциски, ниту финансиски. Новинарите кои се осмелуваат од критички аспект да пишуваат за активностите на владата се заплашуваат или се под постојан притисок.

„Политичарите и претставниците на институциите, според владата, се обидуваат да ги замолчат критички настроените медиуми и новинарите истражувачи или, пак, да ги принудат на цензура со тоа што константно ги притискаат, па дури им претат и на нивните семејства“, објснува Оливие Базиј, претседател на организацијата „Репортери без граници“. Ситуацијата не е променета во поглед на минатата година. Не е влошена, но и понатаму стои на мртва точка, тврди Базиј: „Владата и понатаму строго ги контролира медиумите. Информациите не се лесно достапни за јавноста. Ако пишувате за клучни теми, како што се корупцијата или начинот на кој воопшто е организирано општеството, се соочувате со бројни пречки, но и обвинувања дека сте предавник ако ги критикувате политичарите. Тоа прави голем притисок врз новинарите.“

За да се подобри ситуацијата, неопходно е во Приштина да се отвори медиумски центар, како место каде новинарите ќе можат да разменуваат информации и да го негуваат професионализмот, смета Базиј. Тој додава дека е добро што постои медиумска и финансиска поддршка од страна на меѓународните организации присутни на Косово, но незадоволен е поради тоа што се трошат пари на публикации кои никој не ги чита. Голем проблем е и лошата организација на медиумскиот пазар. „Може да се каже дека има премногу луѓе на многу мал пазар. Сите тие весници и медиуми не можат да опстанат на толку мал пазар.“

Бесплатна реклама за политичарите

Поддршка само за медиумите кои ја поддржуваат владатаФотографија: AP

Освен тоа, маѓепсаниот триаголник држава-компании-медиуми, оваков каков што е на Косово, го оневозможува слободното функционирање на пазарот, поради тоа што поддршка добиваат само весниците и електронските медиуми кои ја поддржуваат владата. „За да може некоја фирма да се рекламира во медиумите, мора да добие дозвола и поддршка од владата, за економските активности кои сака да ги промовира. Од друга страна секој министер одлучува кој весник ќе го користи за зголемување на публицитетот. Освен за време на изборите, оти тогаш сите сакаат да ги промовираат своите активности за да привлечат поголем број гласачи“, смета Базиј.

Во медиумите нема отворени дискусии за тоа како ќе се организира општеството. Дури и ако некој постави такво прашање, ќе го прогласат за предавник. А во тоа е проблемот, вели Базиј, оти „новинарите на Косово се професионалци и се гордеат со Косово. Но, тие сакаат да изградат демократско Косово.“ Базиј нагласува: „Владата на Косово мора да престане да ги навредува новинарите со погрдни имиња, оти така им праќате порака на екстремистичките организации, укажувајќи дека некој е предавник и дозволено е да биде убиен.“

Малцинствата се заборавени

Северниот дел на Косовска МитровицаФотографија: DW

Новинарите немаат можност да одат во суд и да побараат правда, оти очигледно во правосудниот систем има многу корупција, истакнува претседателот на „Репортери без граници“. „ЕУЛЕКС на Косово може да направи многу во тој поглед, во текот на тренингот и семинарот за судии да укажува на значењето на слободата на медиумите. Тоа не е комплицирано, оти постојат стандарди кои лесно може да се промовираат. Но, не е лесно тоа да се спроведе.“

Базиј вели дека на новинарите кои се Албанци им е тешко да направат прилог во северниот дел на Косовска Митровица, и велат дека тоа е скоро „невозможна мисија“. И покрај тоа што сите официјални документи редовно се преведуваат на јазиците на малцинствата, не сите малцинства имаат еднаков пристап до сите информации на нивниот јазик. „Кога велат - гледајте Србите не сакаат да ги читаат нашите весници или да ја гледаат нашата телевизија - не се во право, оти тие приказни немаат врска со реалниот живот на Србите. Зошто воопшто би очекувале некој од нив да ја гледа таа телевизија, кога содржината не ги засега.“

Што можат да сторат новинарите да се подобри состојбата? Претседателот на организацијата „Репортери без граници“ воздивнувајќи вели: „Ништо. За жал ништо, засега.“

Автор: Вилма Филај-Балвора/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми