Американскиот претседател ги покани сите 100 сенатори во Белата куќа, за да ги информира за неговиот иден курс кон комунистичкиот режим во Пјонгјанг. Грубо кажано станува збор за - морков и стап.
Реклама
Американската администрација во конфликтот со Северна Кореја планира да го зголеми дипломатскиот притисок и да ги заостри меѓународните санкции. Притоа има намера да ги вклучи сојузниците и партнерите во регионот, се вели во соопштението на Белата куќа по невообичаените консултации со целиот состав на Сенатот во Белата куќа. Во него уште се вели дека Вашингтон се стреми кон стабилност во регионот и мировно решение за запирање на спорните севернокорејски атомски и ракетни програми- и исто така е отворен за разговори. Со тоа, администрацијата на Трамп, од една страна најави подготвеност да ги исцрпи сите дипломатски средства, а од друга страна го предупреди комунистичкото раководство во Пјонгјанг дека и натаму ги држи отворени сите опции за решавање на конфликтот. Северна Кореја, оценето е, претставува закана за националната безбедност.
100 сенатори, Трамп, двајца министри, шефот на тајната служба, началникот на генералштабот
Конфликтот во последно време се заостри. Претседателот Доналд Трамп најави дека ќе постапува поостро во спорот околу атомската програма на Северна Кореја и не исклучи ниту воен напад. Тој испрати носач на авиони придружуван од повеќе воени бродови како и една атомска подморница во регионот. Покрај тоа САД напредуваат со распоредувањето на противракетниот одбранбен систем ТХААД во Јужна Кореја. Истовремено Трамп побара од Кина, уште посилно да влијае врз Северна Кореја, за да ја „заузда“ изолираната земја.
На средбата без преседан во Белата Куќа, Трамп ги прими сите 100 американски сенатори. На разговорите учествуваа уште и министерот за надворешни работи Реџ Тилерсон, министерот за одбрана Џим Матис, шефот на тајните служби Ден Коутс и началникот на генералштабот на вооружените сили на САД, Џозеф Данфорд. Заедно со нив четворица подоцна потпретседателот на САД, Мајк Пенс подоцна за текот на разговорите во Белата куќа ги извести пратениците во Претставничкиот дом на Конгресот. Сенаторите и конгресмените по средбите даваа воздржани изјави за кажаното на состаноците, а некои се жалеа дека недостасува јасна стратегија. На прашањето на новинарите, дали владата има една таква стратегија, претседавачот со комитетот за вооружените сили на Сенатор, Џон Меккејн изјави: „ Тие развиваат стратегија“.
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Фотографија: Klaus Aßmann
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
Фотографија: Klaus Aßmann
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Фотографија: Klaus Aßmann
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Фотографија: Klaus Aßmann
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Фотографија: Klaus Aßmann
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Фотографија: Klaus Aßmann
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Фотографија: Klaus Aßmann
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.