1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приштина повторно Пиемонт

18 февруари 2021

Победата на косовските избори на двоецот Курти-Османи во Македонија мина со вообичаената „наскоро и во нашите кина”- надеж кај албанската опозиција и искрена радост и восхит кај непартиската младина. Пишува Арсим Зеколи.

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

По враќањето од воената служба во ЈНА во 1985г, одеднадеж се соочив со празен град, едно поинакво Скопје. Пријателите од средношколските клупи веќе не ги среќавав на улица. Речиси сите беа заминати за Приштина, запишани по тамошните факултети, сместени по студентски домови, по роднини. Градот ќе живнеше во викендот кога се враќаа со вреќи алишта и приказни во кои ме немаше. Некои од нив веќе си имаа најдено некоја работа, други хонорарно танцуваа по оркестри и ансамбли, трети уште недоволно адаптирани веќе пееја по фестивали, широкоградо прифатени од домашната публика. Автобусот на „Косоватранс” на линија Скопје – Приштина со тргнување во 16:10 од стара-автобуска беше своевремено највеселото и најоптимистично катче во Југославија.

Генерација '84-'85 не беше првата која збогтисана од бруталниот притисок на „борбата против албанскиот сепаратизам и иредентизам” на македонската полиција и бескрајните цинични и доушнички првокации на македонската академска провокатура, беше решила сопственото образование и мир да го побара некаде на друго место. Во Приштина, која тогаш беше жива дефиниција на Перикле за „град во кој се слеваат сите добра” од албанските подрачја во тогашна Југославија. Град на слободата среде полициската диктатура, град на либералното среде конзервативното, епицентар на пркос и бунтовништво, градинка на десетици илјади млади од Косово, Македонија, Прешево, Бујановац, Црна Гора. Приштина во осумдесетите беше светлиот град на ритчето, Пиемонт на албанството.

Во деведесетите, тој Пиемонт ќе биде ранет, опколен од хорди и бестијалности, преминат во паралелен свет во кој солидарно се наоѓаа и Албанците од сите краишта. Сѐ до ослободувањето и победата, кога приштинци се слеваа назад кон сопствените катчиња, следени од пријатели од сите краишта. Во првите години на таа слобода и независност, сјајот и примамливоста на Пиемонтот не блескаше толку примамливо, толку магично и топло како порано. Младите Албанци ја откриваа Тирана, ја откриваа широчината на Јадранското море, бескрајните богатства на сопствената забранета историја, питорескните врвови на магичните брвови на Томор. Косово, уморно од борбите, се предаваше пред наездата ново-печени партиско- командантски nouveau riches Барони и Грофови, решени да бидат новата инстант cash, kitsch und schlamperei аристократија.

Фотографија: Florion Goga/REUTERS

Но одеднаш, по објавувањето на независноста, низ Приштина почнаа да струјат некои чудни духови. Некогашните топли гласови на Вера Хима и Дрита Гермизај низ етерот се менуваа од некои нови клинки на телевизиски екрани. Фендерите на Минатори и ТНТ бенд се менуваа со стратокастерите на Џерихо и Троја. Зад боемските стапки на Мирко Гаши во снегот пред некогашните Три Шешири се приметуваа детските стапки на мулти-талентираниот Платор Гаши. Во средното училиште „Трет Милениум”, едно луто, коскесто и осолзено девојче се тешеше од својот татко Дукаѓин и низ стиснати заби во себе се заветуваше на страшна, глобална одмаздда за недобиената награда. Недалеку, по сокаците зад театарот и старата џамија некои млади бараа да ја земат сопствената судбина во свои раце, осоколени од еден млад радио диџеј со бујна коса. Нешто појужно, младите од Куманово сѐ до Струга полека го вртеа погледот кон стапките на своите татковци и мајки.

Лавина-победата на дуетот Албин Курти и Вјоса Османи на последните парламентарни избори во Косово е долго одложуваниот, немилосрдно саботираниот, очајно превентираниот триумф на една енергија решена на Приштина да и го врати стариот сјај на Пиемонт на прогресот и современоста. Домашните, регионални и глобални политички pundits и дипломатските набљудувачи се преокупирани со дефинирање на очекувањата од политичката победа на Курти-Османи, пропуштајќи да ја согледат далеку поголемата и побитна слика на социјалната, духовна, образовна, културна револуција во очите и мислите на младите Албанци ширум регионот. За приближно, паралелно разјаснување на широчината и длабоочината на таа победа во сеопшт политички и општествен контекст, најсоодветната споредба е онаа со победата на Тони Блер следена од подемот на Cool Britannia духот и енергија а на славење на младешкиот дух и енергија. 

Повеќе на темата:

-Косово: Граѓаните очекуваат промени од новата влада

Победата на Курти-Османи се должи на прелевањето на редица дијаметрално различни политички идеологии, струења, тенденции, влијанија вткаени во споделената желба за ставање крај на владеењето на автократијата. Но доминантниот столб на духот сепак беше урбаното редефинирање на националниот моментум диктиран од косовската Генерација-Јас! израсната во независност, растеретена од дефанзивниот колективизам, препознавање на индивидуланата битност и идентитетски јасната само-дефинираност во етно-албански корпус, отсек самостојно-Косово. Генерација која во иста мерка има расчистено со обидите за наметнување религиски супремацизам врз етничкото, подеднакво како и со отфрлање на перептуалната стигматизација од страна на западните џандари на цивилизациските вредности и визуелен модернизам. Комбинацијата на поли-догматски струења вткаени во придобивање политичка подршка, следена од педантно врамени пораки таргетирани кон широката лепеза на регионални карактеристики, на крај овозможи да приказната за реформаторите во Приштина прерасне во нешто повеќе од вообичаен изборен натпревар. Младите од Македонија, спремни и жедни за промени, ја разбраа пораката и се најдоа во неа.

Фотографија: Visar Kryeziu/AP/picture alliance

Дури и повеќе од тоа. Во една пригода, самиот Курти ми се повери дека е фрапиран од огромната поддршка на младите Албанци во Македонија, и уште побитно, фактот што најгорливите и најангажирани активисти на ВВ во дијаспората се главно млади Албанци од Македонија. Но за разлика од традиционалните клуб-и-заедница гастарбајтер-патриотски активисти, новата структура е претежно составена од студенти, млади академци, старт-ап бизнисмени, вработени во банки, театри, универзитети, институции, солидно адаптирани, акомодирани и инкорпорирани во средините во кои живеат. Факт врз кој, сетики, се базира и оптимизмот за прелевање на ВВ во Македонија.

Победата на Курти-Османи во Македонија помина со вообичаената „наскоро и во нашите кина” надеж кај албанската опозиција и искрена радост и восхит кај непартиската младина. Но додека првите веќе се нудат како достојни реплики на револуцијата во очекување, вторите однапред констатираат дека домашните албански опозициски партии наместо предност, се пречка за увоз на духот на ВВ во нивните редови. Гледано во контекст на претходните искуства, трката на Села, Гаши, Груби итн. за умилкување кон Курти (и, се разбира, мачистички помалку кон Османи) се дел од вообичаениот фолклор на неинвентивност компензирана со желба да „дрпнат” дел од ѕвездените прашини на часот. Овдешните лидери се спремни да ја копираат победата на Курти-Османи, но по можност да го избегнат неговиот трнлив, мачен и опасен пат кон победата.

Други колумни од авторот:

-Од Албин не бива Сали

-Забранета регенерација

-За диктатурата на конструктивноста и новата Дејтонска Европа

Во реалноста, во својот прв украден мандат Курти веќе ја демонстрира неговата замисла на односите со Македонија. Кои во суштина се само новопакувана верзија на веќе видената гајтан-практика. Што подразбира дека клучните односи ќе бидат со владејачката партија во власта како жица на меѓудржавна соработка, однадвор завиена во надворешна црвено-црна обланда на етничка солидарност. Илустративно (до)кажано, пристапот на премиерот Курти во затрчано и забревтано гушкање со Шеќеринска и Димитров е комична и смешна квази-културолошка варијација на премиерските дружби Заев – Харадинај (сосе госпожите и минус социјал-демократија) базирана врз некаква замислена урбано-селска поделба на проектираните имиџи. И барем во тој аспект, популистот и љубител на селфи Курти може – но нема да може! – да научи нешто од повоздржаната, повнимателна, државнички стоичната Вјоса Османи.     

Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Владата на Заев и владата на САД веќе имаат преземено конкретни чекори во воспоставување линија на соработка и разбирање помеѓу кабинетите на Курти и Заев. Аранжирањето средби помеѓу Курти и министрите од СДСМ, следено со именувањето на амбасадорката од СДСМ Шпреса Јусуфи, блискоста со приштинскиот Варуфакис и скопски емисар Глаук Коњуфца се составен дел на обидите за репликација на урнатите мостови помеѓу старите косовски команданти и вечните македонски реформисти. И сето тоа е речиси перфектно аранжирано, подготвено, спакувано, нашминкано и осудено на дебакл од старт. Бидејќи, како и секогаш во политиката, ѓаволот се крие во деталите, неискрениот ниет и ... во ДУИ.

Без оглед дали ќе се практицира директно или низ овдешни прокси играчи, имиџот на Курти како борец против старата гарда на Косово ниту врви ниту може да се аплицира во Македонија. Бидејќи колку и да се напрегаат во докажување на спротивното, олицетворенија на феноменот „стара-гарда и остарени експлоататори” во Македонија не се интегративците и Али Ахмети, туку СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Попрецизно кажано, рушењето на ДУИ е условено од спремноста на Македонците да се простат од сопствените стари партии и кадри според моделот на Косово и ВВ кон ПДК на Тачи и ЛДК на Мустафа. Доколку восхитувачкиот повик „Курти сам против сите!” беше мотив за мобилизација на младите околку ВВ, во случајот на Македонија токму Албанците се принудени поради лицемерниот извик „сите против ДУИ” да се стават на страна на интегративците. Вистина, обидите на дуистите да ја наметнат паролата „Али е нашиот Албин” е глупост, недостојна за коментар. Но, снисходливоста на Зијадин Села, Африм Гаши, Билал Касами, Таравари, Реџепи кон СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дополнително ја акцентира нивната стратегија на теписон-погледи и „јуначко” одмолчување пред прашањето: „што точно ви пречи кај ДУИ а не и кај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ?”

Пристапот на Курти во фаворизирање на револуционерен анти-естаблишментски преврат во Тирана без вклучување на старите партии е во остар контраст со потпирањето врз традиционалните шеми и пракси на делување во Македонија via етаблираните партии се навремени индикатори за правецот на дејствување на ВВ во или кон Македонија. Но и доказ дека зад сите идеалистички, огнени еволуционерни, лидерски беседи, имиџи, пароли на VetëVendosjе!, во самата срцевина, далеку од очите на сите, сепак клечи и се крие прагматично-револуционерниот политичар Албин Курти. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми