1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приштина ја пребројува дијаспората

Рефки Алија/ Симе Недевски16 април 2014

Од почетокот на годинава косовските институции се обидуваат да извршат попис на населението во дијаспората. Се смета на еден милион луѓе, без вклучување на оние во соседните земји. Меѓутоа пописот има разни недостатоци.

Фотографија: Getty Images

На Косово, официјално, живеат 1.739.825 жители. Така минатиот април соопшти Агенцијата за статистика, на која ѝ беа потребни 2 години да ги обработи резултатите собрани уште во 2011. година. Сега треба да се преброи дијаспората, а тоа ќе биде голема задача. Пописот на Косовците кои живеат низ светот веќе трае и тоа до крајот на годината, а по потреба и подолго - така велат во ресорното Министерство за дијаспора.

И потомците се попишуваат

„Се попишуваат поединци, комплетни семејства, бизнис здруженија, односно фирми, како и здруженија на наши луѓе во дијаспората“, вели за ДВ, Черим Бајрами, заменик министер за дијаспора. Вака за првпат ќе се дознае колкава е косовската дијаспора и каква е нејзината национална, верска и образовна структура. „Освен на албански, формуларите се печатени уште и на српски, босански и турски, германски и англиски јазик, а пописот се извршува по пат на интернет. Друга можност е да се земат формуларите во печатена форма во нашите дипломатски претставништва или на граничните премини при влез или излез од Косово. Постои и можност во текот на одморот на Косово да се подигнат тие формулари во своите општини“, додава Бајрами.

Во дијаспора не се сметаат луѓето кои живеат во соседните земји - Македонија, Србија и Црна Гора. Тоа се официјално „граѓани во регионот“, а не во дијаспората. Меѓутоа, надлежното министерство верува оти пописот ќе покаже дека во дијаспората има околу милион Косовци. Како што вели Бајрами, под „млада дијаспора“ се подразбираат генерациите кои во 60-тите и 70-тите години од минатиот век, најмногу поради економски причини, ја напуштија Југославија. Вториот бран на иселување следуваше по распаѓањето на СФРЈ. Во формуларите треба да се напишат и причините за заминувањето. „Право на попис има и постарата дијаспора. Значи, оние кои се по потекло од иселениците од Косово, а тоа значи до еден цел век назад. И оние кои, да речеме, се иселиле во САД, но и оние кои масовно се иселиле во Турција во педесеттите години, како и за време на Првата и Втората светска војна“

ПриштинаФотографија: picture-alliance/dpa

Критики на пописот

Додека официјалните претставници тврдат дека пописот е корисен и оти податоците ќе ги користи само државата, критичарите се сѐ погласни. Десничарското движење Самоопределување се жали на онлајн-пописот. Тие, како што соопштија, ја пополниле апликацијата со измислени податоци и ја пратиле на адресата на Министерството за дијаспора. Веднаш потоа на службената страница, тврдат, тие податоци се објавени како валидни. И Мимоза Души, професорка по демографија на Универзитетот во Приштина, има повеќе замерки. „За време на пописот на Косово во 2011. година, голем број од оние кои живеат и работат во странство се попишани од страна на своите семејства или роднини во родниот крај, а сега тие повторно ќе се попишат. Зарем не е тоа удвојување на податоците?“, се прашува Души. Таа додава дека „се користи иста погрешна политика, како за време на пописот во 2011-та, поради што тој и пропадна.“

Бехљуљ Бечај, аналитичар од Пришина, вели дека сето ова донекаде го разбира. Дијаспората е, имено, по правило побогата, финансиски го помага населението во матицата. Околу 600 милиони евра се влеваат од странство, што е речиси половина годишен буџет на Косово. Но не само тоа: „Многу наши сограѓани изминатите децении создадоа во странство лобија преку кои влијаеја врз значајните политички личности, особено во САД, како што на времето беше доаѓањето на сенаторот Боб Дол на Косово. Затоа, секој интерес за нивно вклучување во внатрешнополитичките процеси го сметам за нормален. Нормално, за такво нешто треба да се подготвиме административно со помош на нашите амбасади и конзулати за да може сето тоа да оди по нормален тек, за да се избегне секое сомнително прашање кое би ѝ наштетило на дијаспората, но и на внатрешните процеси на Косово“, вели Бечај.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми