Писмено укажување со кое му било наложено да го преиначи дотогашниот тек на постапката, е причината поради која судијата Иван Џолев поднел кривична пријава против друг судија, неофицијално дознава Дојче веле
Реклама
Кој судија незаконито влијаел врз постапка на судијата Иван Џолев и за кој случај? Ова е прашањето што од вчера ја тресе судската фела, откако судијата Џолев соопшти дека поднесува кривична пријава против судија од Основниот суд Скопје 1 „за кривично дело поврзано со вилијание врз судија, со цел да преземе одделни незаконити дејствија поради влијание“.
Како што неофицијално дознава ДВ, станува збор за случај во кој извршители на разбојништво биле лица од соседна земја, наводно од Косово, а оштетени биле македонски граѓани. Тие биле сослушани од судијата, се приклучиле кон кривичниот прогон и барале отштета. Но, друг судија вршел влијание предметот да се префрли во надлежност на судовите во соседната земја. За таа цел, наводно, упатил и писмено укажување до судијата Џолев, со кое му наложил повторно да ги повика оштетените, ако треба и телефонски, и да им изнуди нови искази со кои нема да бараат ни отштета ни кривичен прогон. Судијата Џолев го отфрлил таквото барање од другиот судија.
Подолг период од судски кругови доаѓаат информации дека има разни докази, меѓу кои и писмени инструкции, за притисоци врз судии со наложување како да постапуваат по одредени предмети. Дали е ова еден од тие случаи, и кој судија вршел незаконито влијаније - ќе покаже постапката.
„Граѓанинот Панчевски“
Судијата Џолев вчера соопшти дека нема да го открие идентитетот на судијата против кого ја поднесува кривичната пријава. Од друга страна, судии од Основниот суд Скопје 1 сметаат дека ако имало влијание врз судијата, „тоа мора да било од повисока инстанца, и дека во таков случај не е тешко да се претпостави од каде дошло - од претседателот на судот“. За ваквите шпекулации Дојче веле побаракоментар од претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски и од него синоќа го добивме следниов одговор: „Во однос на кривичната пријава и сите информации поврзани со истата, ве упатувам да се обратите до надлежната институција пред која е поднесена кривичната пријава. Што се однесува до шпекулациите дека пријавата може да е против мене како претседател, немам коментар на истото, освен што сметам дека не постои посебна причина за такво нешто, но тоа е право на секој што смета дека му е извршено некакво кривично дело или е жртва на кривично дело“.
Претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, и по друга основа деновиве е во центарот на вниманието на јавноста. Инспекциската служба на општина Центар утврди дека е дивоградба дел од објектот во близина на градскиот плоштад во Скопје, каде што Панчевски е сопственик и инвеститор со уште неколку членови од неговото семејство. По донесената одлука од надлежните за уривање на дивоградбата, вчера семејството самоиницијативно почна со нејзино уривање. Овој случај крена прав во јавноста, со оценки дека незаконското постапување на „граѓанинот Владимир Панчевски“ сведочи и за кредибилитетот на „претседателот на Судот, Владимир Панчевски“. Неговиот мандат истекува во декември, а според неофицијални информации тој се кандидирал уште четири години да го води Кривичниот суд.
Ќе се отворат картите!
Кривичната пријава од судија против судија од синоќа е главна тема во јавноста, пред сѐ во правосудните кругови. Актуелни и поранешни судии во неа гледаат почеток на расчистување на „маглите“ во судството и на постојаните притисоци врз него.
„Ова е светол знак на надеж за независното судство“, вели Јордан Митриновски, поранешен претседател на Апелацискиот суд во Скопје, кој лани го доби спорот во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, поради неговото разрешување во процедура која не обезбедила фер постапка.
„Ако судиите почнат да се одважуваат да пријавуваат влијание врз нив со цел да преземаат недозволени и незаконити дејства во работата, особено од страна на претпоставен, тоа е позитивен сигнал во насока на градење независно и самостојно работење на судиите. Ова е голем исчекор, не од сегашната пат-позиција, туку од една назадна позиција која досега овозможувала такви незаконити дејства заради присутен страв кај судиите. Според законот, секој судија може да одбие наредба ако со неа се наведува да прави кривично дело и други незаконити дејства, и за тоа одбивање судијата не смее да трпи ниту да има какви било последици. Мислам дека оваа постапка ќе охрабри и други судии и ќе им даде поттик да пријавуваат притисоци“, вели Митриновски.
Идентичен став дели и Маргарита Цаца Николовска, поранешена македонска судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Добро е што некој се одважил да проговори за влијанието врз судиите. За ова досега често се зборуваше во различни кругови, но остануваше само на тоа. Сметам дека со оваа постапка на судијата сега најдиректно ќе се отвори прашањето за независноста на судиите. Во меѓународни и национални документи влијанието врз судиите се смета за незаконска постапка, целосно спротивна на стандардите за непристрасно судење. Со овој потег ќе почнат да се отвораат картите за пропустите на тој план“, уверена е Николовска.
Таква надеж има и судијата Џолев, кој соопшти дека верува оти Јавното обвинителство сериозно ќе ја разгледа кривичната пријава и во најбрз можен рок ќе преземе процесни дејствија во врска пријавата.
„Верувам и во судството и во Кривичниот суд, верувам во моите колеги и верувам дека овој преседан, односно исклучок, само ќе потврди дека судиите во овој суд судат согласно законите и се залагаат за владеење на правото“, потенцираше судијата во вчерашното соопштение.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.