Пријателите на Русија
24 февруари 2022
Белорусија
Белорусија од 1990 важи за еден од најверните сојузници на Русија. По претседателските избори во август 2020-тата, уште посилно се ориентираше кон Москва и се дистанцираше од соседна Украина, каде пребегаа многу од критичарите на режимот. Во конфликтот со Украина и натаму е на страна на Москва.
Русија е најважен трговски партнер на Белорусија. Москва не е само главен лиферант за нафта и гас, туку со Белорусија е поврзана и преку Евроазиската економска унија, основана во 2015-тата и воениот сојуз за колективна безбедност предводен од Русија - Организација на Договорот за заедничка безбедност - во кој членуваат и Ерменија, Казахстан и Киргистан.
Казахстан
Казахстан е „еден од најблиските сојузници и партнери на Русија”, изјави Путин во октомври 2015 година, на средба со руското младинско движење „Наши” кое тој го основаше. Поврзаноста со Казахстан се покажа во пракса при последните немири на почетокот на годината во Алмати. За да го поддржи тамошниот претседател Касим-Жомарт Токаев, Путин испрати руска војска и падобранци во земјата.
По прашањето на признавањето на „народните републики” Казахстан сепак се трудеше да остане неутрален. За „Москва тајмс” министерот за надворешни работи на земјата, Мухтар Тлеуберди, изјави дека „прашањето дали Казахстан ќе ги признае Луганск и Доњецк не е на дневен ред; ние се водиме според принципите на меѓународното право и на Обединетите нации."
Партнерството со земјата, чија површина е деветта по големина во светот, има геостратешки и економски причини, бидејќи Казахстан располага со големи резерви на нафта и гас. Повеќето гасоводи во земјата припаѓаат на рускиот концерн Гаспром. Во 2019 година Казахстан, според Организацијата за економска соработка и развој, имал увоз во висина од 14 милијарди долари од Русија и со тоа Москва е еден од најважните увозници пред Кина, Јужна Кореја, Германија и Италија.
Кина
Уште на почетокот на февруари Русија и Кина на средба во Пекинг покажаа дека се здружени против Западот.Во меѓувреме тонот малку е променет. На специјалното заседание на Советот за безбедност на 22.2.2022 Кина не застана на страната на Русија, туку ги повика сите учесници на воздржаност.
Релациите меѓу Москва и Пекинг пак се сѐ, освен балансирани. Кина е поважна за Русија отколку обратно. Додека рускиот увоз од Кина е речиси една петтина од вкупниот, Русија во Кина има само 2,4% удел во увозот.
Но, билатералната трговија меѓу двете земји во 2021 година забележала пораст од 36% и изнесувала 147 милијарди долари. За споредба: трговската размена меѓу Русија и ЕУ во 2020 изнесуваше 174 милијарди евра.
Ерменија
Ерменија седи на две столчиња. Од една страна, поранешната советска република во Кавказот е економски зависна од Русија и негува блиски односи со Кремљ. Земјата е членка на Евроазиската економска унија и на Организацијата за колективна безбедност. Околу 80% од ерменските енергетски потреби се покриваат од руски извори. Според податоци на германскиот портал за надворешна трговија ГТАИ, Русија е на прво место како за извоз, така и за увоз.
Истовремено, земјата по „Кадифената револуција” во 2018 година стреми кон Запад. Ерменија е член на Европскиот совет и договорна странка на Европската конвенција за човекови орава и во 2017 склучи договор за партнерство со ЕУ. На 23 февруари владата во Ереван соопшти дека признавање на „народните републики” не им е на дневен ред во политичката агенда.
Унгарија
Во ЕУ, Москва нема сојузници во потесна смисла на зборот. Сепак, премиерот Виктор Орбан важи за политички пријател на Владимир Путин. Орбан во 2017 година купи руски атомски реактори и истовремено договори заеднички руско-унгарски истражувачки проекти во вселената. Тој ја увезе и руската вакцина Спутник, која уште нема добиено дозвола од ЕМА.
Затоа пак Унгарија во замена добива руски гас по поповолна цена. Таквата поддршка на Орбан моментално му е добредојдена, бидејќи на 3 април во Унгарија се одржуваат избори. На Унгарија ѝ се заканува и кратење на европски субвенции по неодамнешната пресуда на Европскиот суд, според која Европската комисија при недостатоци во поглед на правната држава може да го користи новиот механизам и да им ускратува на земјите членки пари од европскиот буџет.
Сепак, пријателството меѓу Орбан и Путин има свои граници. Со најновите санкции на ЕУ, воведени по признавањето на самопрогласените републики Доњецк и Луганск, согласна беше и Унгарија.
Србија
И српскиот претседател Вучиќ добива помош од Москва во предизборието. Според информации во медиумите, Москва на земјата ѝ дава значителен попуст во однос на цените на гасот. Тоа може да се одрази на исходот на предвремените парламентарни избори закажани за 3 април.
Вучиќ, како и многу негови сограѓани, ја гледа Русија како „голем брат”. Како знак на поврзаноста, Србија на 25 октомври 2019 како прва европска земја со Москва склучи Договор за слободна трговија со Евроазиската економска унија.
- повеќе: Украинска криза: Србија помеѓу чекан и наковална
И покрај политичката и културолошка поврзаност со Москва, Белград игра на две карти. Власта ги отфрла санкциите воведени против Москва по руската анексија на Крим во 2014-тата, но сепак беше воздржана во однос на признавањето на самопрогласените „народни републики”.
Вучиќ за „Москва тајмс“ изјави дека „Србија чекори по европскиот пат и го поддржува територијалниот интегритет на Украина, иако 85% од населението се на страната на Русија". Србија е кандидат за членство во ЕУ. Владата сака да ја намали и економската зависност од Москва. Затоа планира изградба на гасовод кој Србија ќе ја приклучи на грчката гасоводната мрежа.
Венецуела
Путин ужива симпатии во повеќе земји во Латинска Америка. Ова се покажа и при неодамнешната посета на бразилскиот претседател Болсонаро на 15 февруари, среде конфликтот помеѓу Русија и Украина. Венецуела е сепак најверниот сојузник во регионот. Претседателот Николас Мадуро на 19 февруари отворено застана зад Русија.
Блиските врски меѓу Москва и Каракас се засноваат на воена и економска соработка. Русија од 2006 година на Каракас му има дадено кредити околу 17 милијарди долари, што ја прави еден од најголемите доверители на владата на Венецуела. Голем дел од кредитот беше искористен за купување руско оружје. Во исто време, Русија се грижи да обезбеди контрола врз најголемите нафтени резерви на Венецуела во светот. Во 2017 година, на пример, рускиот Роснефт основаше заедничка компанија со државната венецуелска нафтена компанија ПДВСА.