1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проверката на „Монструм“ ќе го провери и судството

4 октомври 2017

Евентуалното враќање на „Монструм“ на повторно одлучување, во правни кругови се толкува како можен почеток на расчистување со судските процеси кои во минатото добија епитети „монтирани“ и „политички мотивирани“.

Blockierte Autobahn nach Tod von 5 Menschen in Mazedonien
Полиција на местото на убиството на Смилковско Езеро (13.04.2012)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Дали „Монструм“ ќе оди на нова „проверка“? Прашањето ги раздрма правосудните кругови, откако обвинителката Лилјана Спасовска вчера предложи Врховниот суд да ги укине пресудите на првостепениот и второстепениот суд за доживотен затвор на обвинетите, и предметот да го врати на повторно одлучување. Спасовска, која е и в.д. шеф на Јавното обвинителство по разрешувањето на Марко Зврлевски, предлогот го образложи со неутврдена фактичка состојба, со евентуално постоење на прислушувани разговори кои ги поседува СЈО, а кои би можеле да го сменат текот на постапката, но и поради жалбите на одбраната на осудените на вештачењата и на различните искази на зашитетен сведок.

„Никогаш не работам во сенка, во темнина, сакам да сум на чистина и на виделина“, потенцираше Спасовска на јавната седница.

И додека дел од проопозициските медиуми нејзиниот предлог го проследија со наслови „Заев ги ослободува убијците на децата од Смилковско езеро“, во правни кругови се анализира што ќе донесе натамошната постапка со овој деликатен случај кој ја потресе јавноста на 12 април 2012 година. Тогаш, на празникот Велики четврток, покрај Смилковско Езеро беа убиени тинејџерите Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски, Цветанчо Ацевски и 45-годишниот Борче Стефановски.

Да има разрешница, но и одговорност!

Пет години подоцна, семејствата на убиените сѐ уште чекаат одговори, а обвинетите остануваат на истите ставови од почетокот на процесот: „Едната вистина е дека се убиени луѓе, а другата е - дека ние сме невини!“   

„Ако постојат недостатоци во пресудата, нема дилема дека правдата треба да се преиспита за да се расчистат дилемите“, вели адвокатот Драган Малиновски.

Драган МалиновскиФотографија: DW/K. Blazevska

„Не е добро да лежат во затвор лица, ако не сме убедени дека тие се виновниците. И семејствата на жртвите сакаат вистинските виновници да бидат осудени. Од друга страна, треба темелно да сме подготвени да има правна разрешница. Би било погубно ако се укине пресудата, а случајот повторно не се реши. За да нема никакви последици, потребно е предметот да биде завршен без никакви петна, сомневања и нерасчистени околности, бидејќи ова е деликатен случај и може да има бројни рефлексии и да ја подели јавноста“, потенцира Малиновски.

Предлогот на обвинителката не е обврзувачки за Врховниот суд. Советот на овој највисок суд може да ги потврди пресудите на пониските судови или да ги укине и да го врати предметот на ново судење. Поранешниот државен јавен обвинител, Стеван Павлевски, верува дека Врховниот суд ќе го прифати предлогот на обвинителката.

„Кога јавен обвинител на јавна седница дава мислење дека првостепената и второстепената пресуда треба да бидат укинати, сигурно има сериозни докази дека се направени суштествени повреди на постапката. Убеден сум дека Врховниот суд ќе го прифати ставот на јавниот обвинител и дека пресудите на Основниот и Апелациониот суд ќе бидат укинати. Притоа, многу сериозно треба да се анализира и постапката на пониските судови: дали се направени тешки злоупотреби и грешки на штета на обвинетите, зошто е тоа направено, и ако се утврди дека во таа насока имало злоупотреба на судиската функција, треба да се побара и кривична одговорност од судиите. Но, тоа мора да се направи веднаш а не во некои идни времиња, затоа што станува збор за исклучително тежок случај, со кој беше вознемирена не само македонската, туку и меѓународната јавност“, потсетува Павлевски.

Верско-патриотски „аргументи“

По петкратното убиство, тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, излезе со став дека сторители се „лица следбеници на радикалниот ислам“, дека „нивните мотиви се првенствено создавање на чувство на несигурност и страв кај граѓаните“ и дека ќе одговараат за најтешкото дело - тероризам. Ваквите наводи го привлекоа вниманието на меѓународната јавност, за што сведочеа и насловите во бројни светски медиуми. Случајот предизвика и бројни протести во Скопје поради манипулирање со мотивите и провоцирање на верски чувства кај разбранетата јавност. Огромно незадоволство предизвикаа и завршните зборови наобвинителката Гордана Гешковска, за овој случај: „Намерата била да се убијат само машки млади лица од македонска националност и христијани. Пораката е - пукаме на Велики четврток. Заклучок - за да ви биде крвав Велигден. За да ви ја уништиме верата. Пукаме во машки млади луѓе за да ви ја уништиме нацијата. Заклучок - пукаме во иднината на државата. Зарем ова не говори доволно за мотивот за извршување на кривичното дело и за намерата за се предизвика чувство на страв и несигурност кај граѓаните?“, праша таа во завршниот збор.

Протести на Албанци во Скопје поради пресудата (04.07.2014)Фотографија: Petr Stojanoski

Од тогаш до денес, покрај забелешките на одбраната за бројни повреди и недоследности во постапката, поради ваквите обвинителски образложенија процесот го следеа и забелешки за „смислено таргетирана емоционална аргументација“ и „судски процес киднапиран од политиката за поларизација на и онака поделената јавност“. Евентуалното решение на Врховниот суд да го врати предметот на повторно одлучување, во правни кругови се толкува како можен почеток на ревизија и расчистување со судските процеси кои во изминатиот период добија епитети „монтирани“ и „политички мотивирани“. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми