1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проверка на спорни записи или ценкање во ДИК?

Катерина Блажевска18 март 2016

Тактизирањето со објавувањето на извештајот и нетраспарентноста на ДИК, не придонесува граѓаните да имаат доверба во Избирачкиот список, посочуваат граѓани и експерти

Фотографија: Agentur MIA

Постои опасност бројката на спорни записи да се претвори во предмет на ценкање дали треба таа да се прифати како основа за теренска проверка или не, предупредуваат ИТ експерти упатени во проверката на Избирачкиот список, откако системот исфрли бројка од 495.258 спорни записи по вкрстувањето на податоци од базите на МВР со бази на 10 други институции.

Во Државната изборна комисија (ДИК) два дена дебатираа за резултатите и не го усвоија извештајот, бидејќи членовите од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА не се согласиле да ја прифатат таа бројка.

„Системот за вкрстување на базите ги споредува базите и дава одговори на листа прашања договорени и усвоени од ДИК. Тој не познава параметар 'многу' или 'малку' (спорни записи-н.з). Прашањето е дали ДИК ќе ги прифати нив како основа за теренска проверка, дали ќе се пазари околу таа бројка или независно од резултатите ќе се реши за проверка со некоја методолошки скратена постапка“, вели ИТ експерт.

Без валидни документи

Она што ја фрапира јавноста, не е бројката од половина милион спорни записи, која треба да се провери, туку друга. Имено, бројката на лица кои ги има во базата на МВР, а не се среќаваат во ниту една друга база на податоци изнесува 192.122. Од нив, 102.512, имаат валиден документ, а 89.610 немаат валиден документ. Како што објаснуваат од ДИК, формулацијата „без валиден документ“ значи дека тие немаат ни важечка лична карта, ни патна исправа, што го отвора прашањето како се нашле во Избирачкиот список. Оваа категорија лица се сметаат за т.н. класични фантомски гласачи. Не се помалку сомнителни и оние кои имаат валидни документи, бидејќи освен во базата на МВР ги нема во ниедна друга. Тоа значи дека ги нема во фондовите за здравствено и за пензиско осигурување, ги нема во УЈП како даночни обврзници и немаат никаква трансакциска сметка. Кои се тие граѓани кои не фигурираат никаде во општеството освен на лични карти? Теренската проверка треба да даде одговор на ова, но и на други прашања: Каде се 158.219 лица за кои има податоци само во историските бази на податоци; Зошто 78.739 лица, постари лица над 67 години ги нема во пензиската евиденција или немаат трансакциска сметка во банка; Зошто 51.480 лица на возраст од 65 и повеќе години ги има во базата на податоци во МВР, но за нив нема активни податоци во другите бази; Дали е точно дека 35. 469 лица, живеат во куќи или станови на иста адреса со повеќе од 20 гласачи?

Фотографија: MIA

ДИК: Тоа се шпекулации

Откако првичната бројка на спорни записи протече во јавноста и несогласувањата од ДИК се префрлија и на политички терен, од Комисијата соопштија дека бројката ќе ја третираат како „шпекулација и дезинформација“ се додека не заврши новата, дополнителна проверка.

„Државната изборна комисија, по првичното разгледување на извештајот од спроведувањето на вкрстените проверки на базите на податоци од релевантните институции, одлучи да спроведе дополнителни контролни тестови на дел од прашањата опфатени со проверките. Се до официјалното усвојување на Извештајот од страна на ДИК, ќе се сметаат за шпекулации и дезинформации сите информации објавени во медиумите“, изјави Љупка Гугучевска, советник во ДИК. Таа најави дека седницата на ДИК за усвојување на извештајот ќе биде јавна.

Тоа не беше доволно за да се смират страстите. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека СДСМ тргнал во прогласување на Македонија како фантомска држава.

„СДСМ на почеток почна со спорење на гласот на 1.000 граѓани, па го зголемија бројот на неколку десетици илјади, па потоа одеа со број помеѓу 150.000 и 200.000 граѓани, за да дотуркаат до 500.000 граѓани кои се спорни за нивните медиуми. Нема да не зачуди доколку во наредните недели тој број порасне на 2 милиони“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи ги граѓаните да не подлегнуваат на манипулации.

Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, запрашана во Струга за актуелните случувања, рече дека се потврдило она што го покажала „Вистината за Македонија“ - дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ги краделе изборите.

„Речиси половина милион имиња и презимиња ќе треба да се проверат. Тоа потврдува се. Научиле многу да крадат. Не само пари од буџетот, туку да го крадат и правото на граѓаните на слободен глас. Затоа нема да дозволиме уште едни криминални избори. Оние што краделе пари или гласови мора да одговараат“, порача Шекеринска.

Мост“: ДИК да го објави првичниот извештај!

Додека партиите се обвинуваат, во јавноста расте незадоволството од тактизирањето на ДИК со објавувањето на извештајот.

„Ако заедно ја усвоиле методологијата за прашањата, сега треба да ни ги соопштат резултатите. За резултатите не се преговара. Тие треба да се проверат на терен“. Ова се најчестите коментари на граѓаните, кои и преходно во голем број реагираа на утврдените недоследности во јавно објавениот Избирачки список.

„Од бројките не може да се побегне“, порача и граѓанската асоцијација „Moст“ која со најголем број набљудувачи ги следи изборните циклуси во Македонија. Таа повика на целосна транаспарентност за добиените податоци.

„Планот за спроведување на вкрстените проверки на податоците во Избирачкиот список беше подготвен од експерти и донесен од ДИК, врз основа на Mетодологијата за водење и ажурирање на Избирачкиот список одобрена од четирите политички партии. Оттаму, ДИК мора да го објави првичниот извештај од вкрстените проверки онака како што тој е изработен и доставен од експертите, односно без никакви дополнителни интервенции, а неговото усвојување треба да се одвива на јавна седница“, порача „Мост“. Притоа го повика ДИК веднаш да ги објави критериумите, односно тест-прашањата за спроведувањето на дополнителните проверки кои го менуваат првично донесениот план, како и резултатите кои се очекуваат од нив.

Фотографија: MIA

„Довербата во Избирачкиот список може да се врати исклучиво преку транспарентен и инклузивен процес. Затворените седници (т.н. работни состаноци) и нетраспарентноста во никој случај не придонесуваат граѓаните да имаат доверба во Избирачкиот список“, констатира „Мост“.

Стари проблеми, нова шанса

Во 2011 година во списокот беа утврдени околу 20.000 неправилно запишани

избирачи по разни основи, но нема информации и дали биле ибришани. Обвинувањата за недоследности во Избирачкиот список кулминираа во 2013 со сомнителниот наплив на гласачи од Пустец, но и на изборите во 2014 година. На 13 февруари 2014 година, медиумите го објавија извештајот на државниот ревизор, кој утврдил серија недостатоци и нерегуларности во функционирањето на Управата за водење матични книги, од чија работа директно зависеше веродостојноста на Избирачкиот список. Во 2014 година, два месеца пред одржување на изборите, тогашниот претседателот на ДИК, Никола Рилкоски, се огради од веродостојноста на податоците на Избирачкиот список, со образложение дека Комисијата не може да тврди оти списокот е пречистен, бидејќи податоците кои полицијата им ги доставува, не ги проверува ДИК, туку Државниот завод за статистика.
„Полицијата може да ни каже дека од Македонија се иселени 100 илјади граѓани. Како може ние да тврдиме дека тој податок е точен ако не можеме сами да го провериме тоа“, прашуваше Рилкоски.
Во април 2014 година со забелешки на Избирачкиот список реагираше и тогашниот потпретседател на ДИК, Субхи Јакупи, кој и денес е член на Конмисијата.

„За 639 пријави кои се доставени да гласаат во Тирана откривме дека копиите кои се испратени во пријавите имаат биометриски документи од Македонија, а со адреса на живеење во Албанија. Констатиравме дека оние кои се регистрирани на Избирачкиот список кај нас и документацијата што е издадена од МВР не одговараат на податоците. Податоците не се совпаѓаат со адресата каде се издадени. Затоа го оспоривме тоа и не им дадовме право да се запишат во посебниот регистар во Тирана“, изјави Јакупи за „Алсат“.

Според него, иако ДИК не располага со какви било други податоци, фактот што тие лица се на Избирачкиот список покренува сомнеж дека тие имаат други документи, како на пример, лични карти со место на престој во Македонија.

Сега кога исклучиво ДИК раководи со Избирачкиот список, прашање е дали ваквите забелешки ќе се „заборават“ и што ќе влијае врз неговото прочистување - желбата за негова веродостојност или партиските интереси?

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми