1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Дали короната ѝ носи рекордни добивки на фармацијата?

Астрид Пранге
11 февруари 2022

Од една страна - обрт од милијарди евра, од друга страна - милиони луѓе кои немаат пристап до вакцини против Ковид. Дали е точно дека пандемијата многу ги збогати фармацевтските концерни? ДВ прави проверка на факти:

Coronavirus | Produktion des Pfizer Impfstoffs
Фотографија: Pfizer handout/VIA REUTERS

Тврдење: Фармацевтската индустрија остварува рекордни профити

Под хаштагот #pfizergate на социјалните мрежи циркулираат безброј тврдења дека пандемијата на коронавирусот стана златен рудник за фармацевтската индустрија. „Вакциналното лудило“ „дегенерираше во помош за подем на фармацевтското лоби“, се лути еден твитерџија. А, шефот на Светската лекарска асоцијација, Франк-Улрих Монтгомери, неодамна во интервју за СВР го критикуваше „непристојниот профит на производителите на вакцини“.

ДВ-проверка на факти: Тоа е непрецизно

Точно е дека прометот на Бионтек и Фајзер нагло порасна. Прометот на биотехнолошката компанија со седиште во Мајнц скокна од речиси половина милијарда евра во 2020 година на повеќе од 17 милијарди евра во 2021 година. Вредноста на акцијата на Бионтек се зголеми од единаесет евра во октомври 2019 година на 153 евра (состојба на 4 февруари 2022 година).

Курсот на акциите на Бионтек, Фајзер и АстраЗенека во изминатите три години

Според сопствениот биланс, американскиот концерн Фајзер го зголемил прометот во 2021 година за 95% во споредба со минатата година. Прометот изнесувал 81 милијарди американски долари, од кои, според прогнозата, 36 милијарди американски долари отпаѓаат на вакцината против Ковид-19, Комирнати, која концернот ја разви заедно со Бионтек. Досега Фајзер, меѓу другото, најмногу заработуваше со лекови против рак на дојка, епилепсија и згрутчување на крвта.

Во сенката на Бионтек и Фајзер, швајцарскиот концерн Рош, како производител на ПЦР и брзи тестови, исто така профитира многу од пандемијата. Прометот на втората по големина фармацевтска компанија во светот во 2021 година се зголеми за 9% и изнесуваше околу 59 милијарди евра. Одделот за дијагностика, каде припаѓаат тестовите за корона, во прометот учествуваше со 28 проценти.

Она што меѓутоа е исто така точно е фактот дека фармацевтската индустрија континуирано се шири веќе 20 години. Според порталот за статистички податоци Статиста, продажбата на лекови во светот во периодот од 2001 до 2020 година се зголемила од 390 милијарди долари на 1,27 трилиони долари.

Затоа, консултантската компанија Ернст и Јанг го третира зголемениот промет на одделни фармацевтски компании во пандемијата како привремена појава. „Во 2021 година прометот со петте најважни вакцини изнесуваше 57 милијарди долари, а проекцијата за 2026 предвидува 15 милијарди долари“, објаснува за ДВ аналитичарот Александер Нујкен.

За споредба: со петте најважни лекови за рак е постигнат промет од речиси 40 милијарди долари, велат од Ернст и Јанг. Прогнозата за 2026 година предвидува 68 милијарди долари.

Курсот на акциите на Џонсон и Џонсон, Модерна и AbbVie во изминатите три години

Тврдење: Јавната набавка на вакцини им носи огромен профит на производителите на вакцини

Маски, вакцини, брзи тестови - поради големите нарачки од фармацевтските компании, критичарите ги обвинуваат владите на индустриските земји дека ѝ помогнале на индустријата да оствари огромни профити со јавни средства.

Ваквиот бизнис модел, како што на Твитер оцени Арон Сири од њујоршката адвокатска канцеларија Сири&Глимстед, е „луд“. „Американската влада им дава милијарди на Фајзер и Модерна, им обезбедува имунитет во случај на штети или ако [средствата] не делуваат и бесплатно ги промовира нивните производи...“ 

Фотографија: Twitter/AaronSiriSG

ДВ-проверка на факти: Тоа е точно

Факт е дека пандемијата ги чини даночните обврзници многу пари. Имаше, а и натаму има големи нарачки од фармацевтските компании, особено од производителите на вакцини. Само во Германија, сојузната влада до 16 декември 2021 година нарачала вкупно 554 милиони дози вакцини, во вредност од четири милијарди евра. Според Службата за социјално осигурување, за тестови за корона биле потрошени 7,58 милијарди евра (состојба на 17 јануари 2022 година).

Освен тоа, Германија инвестираше околу 1,5 милијарди американски долари во развој на вакцини против коронавирусот, од кои главно корист имаа приватни компании. Ова произлегува од студијата на Центарот за глобално здравје при Универзитетскиот институт за меѓународни студии и развој во Женева.

За споредба: наспроти милијардите евра јавни средства за набавка на вакцини, дијагностика и истражување стојат околу 170 милијарди евра економска помош во текот на пандемијата. Според Годишниот економски извештај од 2022 година, сојузната влада со оваа сума од почетокот на пандемијата ги поддржува компаниите, самостојните претприемачи и вработените. Болниците, како што се наведува од Службата за социјално осигурување, добиле 17 милијарди евра за покривање на отсуство на приходи и дополнителни кревети на одделенијата за интензивна нега (состојба на 1.02.2022).

Фотографија: AP Photo/picture alliance

Тврдење: Фармацевтските компании одбиваат да ги дадат патентите

Под хаштагот #VaccineApartheid, на социјалните мрежи се дискутира постојано за нееднаквиот пристап до вакцините против Ковид. Британската невладина организација Global Justice Now пресмета дека прометот од вакцината Комирнати на Фајзер во 2021 година бил повеќе од седум пати поголем од износот што сите влади во земјите со ниски приходи го ставиле вкупно во здравствениот сектор. Затоа, многу хуманитарни организации, заедно со СЗО, бараат ослободување на патентите за вакцините против коронавирусот.

ДВ-проверка на факти: Тоа е непрецизно

Ова барање досега го имплементирале само неколку компании.Фајзер и Бионтек не се меѓу нив. Тие се ограничуваат на донирање вакцини.

Шведско-британската компанија АстраЗенека, од друга страна, ја продава својата вакцина Ваксзеврија по цена на чинење, а со многу земји во развој договори и доброволно предавање на лиценцата и бесплатен трансфер на технологија.

Американската компанија Модерна не го дава патентот за својата вакцина Спајквакс, но се воздржува од наплата на такси за неа за време на пандемијата. Секвенцата на нејзината иРНК-вакцина, на пример, е основа за кандидатот за вакцина од јужноафриканскиот истражувачки и производствен центар Afrigen Biologics во Кејптаун.

Во случајот со новите лекови за Ковид, Молнупиравир иПаксловид, пак, производителите Мерк и Фајзер се откажуваат од таксите за лиценца во некои земји. За тоа постои соодветен договор со Medicine Patent Pool на Обединетите нации, кој преговара за договори за лиценци со фармацевтските компании.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми