1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Провокација на Тадиќ на јубилејот од државноста на Хрватска

25 јуни 2011

Српскиот претседател Борис Тадиќ нема да присуствува на денешната прослава на 20 годишнината од независноста на Хрватска. Eкспертите го толкуваат ова како додворување на гласачкото тело по апсењето на Ратко Младиќ.

Српскиот претседател Тадиќ во ноември минатата година им оддаде почит на жртвите во ВуковарФотографија: DW

Веќе самата најава на хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ дека на прославата на 20 годишнината од независноста на земјата планира меѓу лидерите на земјите од регионот да го покани и српскиот претседател Борис Тадиќ предизвика спротиставени реакции во земјата. Тие особено се заострија по најавата на кабинетот на српскиот претседател дека тој во Хрватска нема да дојде на 25 туку на 26 јуни за да го посети логорот Јадовнa кај Госпиќ и да им оддаде почит на жртвите на овој усташки логор од Втората Светска Војна.

Претседателите на Хрватска и на Србија, Иво Јосиповиќ и Борис ТадиќФотографија: AP

Злоупотреба на жртвите

Белградскиот колумнист Вук Перишиќ смета дека потегот на Тадиќ е без преседан: „Тој можеби имал свои причини да не доаѓа на прославата на државноста на Хрватска, но не смее само ден потоа да доаѓа во истата земја од некоја друга се’ едно каква причина. Тоа едноставно не е во согласност со меѓународните дипломатски обичаи. И ако сето тоа се стави во контекст на деликатните односи меѓу Србија и Хрватска, овој гест можеме да го доживееме како провокација“ , вели Перишиќ дополнувајќи: „Од друга страна, е јасно дека треба да им се оддава почит на сите жртви на фашистичкиот и националистичкиот терор, за тоа не треба да се расправа. Но, кога сето тоа ќе се изрежира на ваков начин, тогаш сме сведоци на злоупотреба на таа морална и цивилизациска обврска“.

Охрабрување на национализмот

Инаку на комеморацијата на жртвите од Јадовна минатата година присуствуваше и хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ. Од неговото доаѓање на власт, имено, односите меѓу Србија и Хрватска тргнаа по нагорна линија. Затоа пратеникот на Либерално-демократската партија во српскиот парламент Ненад Прокиќ истакнува: „Требаше да му се помогне на претседателот Јосиповиќ со оглед дека е општо прифатено, во светски размери, дека Србија беше агресор, а Хрватска се бранеше. Затоа нему му беше потешко да го покани Тадиќ, отколку Тадиќ да не отиде таму. Ова не е на чест на српската политика, а посебно не на претседателот Тадиќ“.

Ратко МладиќФотографија: AP

Вук Перишиќ се надоврзува: „Најлошо од се’ е што Тадиќ не само што навреди една земја, со која Србија има дипломатски односи, туку и го охрабри хрватскиот национализам и ги стави во невозможна ситуација оние политички сили кои сакаат нормализација на односите“.

Две лица на политиката на Тадиќ

Според Прокиќ причина за ваквото однесување на Тадиќ е фактот дека тој балансира меѓу две политики - проевропската, која е апострофирана како најважна, но сепак само привидна, и онаа која му се додворува на националистичкото гласачко тело: „Тоа е глупаво балансирање по принципот: го уапсив Ратко Младиќ и сега морам да им се додворувам на оние кои се несреќни поради тоа. Тоа е дел од една патетична теза, дека тој е претседател на сите Срби, па дури и на оние кои се виновни за злострорства извршени во име на Србија за време на војните, кои наводно не ги водевме“, вели Прокиќ.

Автор: Жарка Радоја/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми