1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прогнозите за растот мотивираат, но кризата депримира

Костадин Делимитов14 јуни 2015

Растот на БДП во првиот квартал и прогнозите на Светска банка се позитивен сигнал, но во услови на длабока политичка криза треба да се земат со резерва.

Фотографија: Fotolia/Frog 974

Македонија со највисок раст во регионот, пораст на брутодомашниот производ во првиот квартал од 3,2% - позитивни биланси за македонската економија. Прогнозата на Светска банка за глобалната економија ја рангира Македонија во регионалниот врв по економските перформанси што според прогнозите треба да ги оствари земјата годинава, наредната и во 2017. Во услови на длабока политичка криза и почетни, но сериозни сигнали за забавување на активноста на македонската економија, ваквите и слични на нив прогнози отвораат дилеми колку реално се одржливи и остварливи. Посебно ако се земе предвид фактот што тие се одраз на состојбите во првите три месеци од годинава. Кризата засега делува главно психолошки, но и дава првични сигнали на влошување, во делот на трговската размена, посебно во делот на извозот, платниот биланс, забавувањето на активностите на странските инвеститори. Стопанствениците предупредуваат дека кризата делува депримирачки, што воопшто не е добар сигнал. Оттука, според нив, податоците како оние на Светска банка треба да се поздрават, но и да се земат со резерва:

„Проекциите за економскиот раст, кризата, начинот на владеење можеби ќе бидат и пострашни заради тоа што се работи за психологија, луѓето се уплашени од кавги, не сакаат кавги. Бинзисот е уплашен, никогаш повеќе не се разбегани по одмори како овој јуни, сите што можеа побегнаа на една недела, десетина дена, кој е среќен на две недели да избега да не ги гледа, да не ги слуша, да се тргне, да се одмори. Падот на извозот е исклучиво заради кризата, која за жал ние сами себеси ја продуцираме, исклучиво заради тоа што власта и бизнисот се поврзани. Да не ме разберете погрешно, бизнис заедницата треба да е блиска со власта, но не и по секоја цена. Ако е по секоја цена, тогаш ќе се случува ова што сега ни се случува. Затоа постојано апелирам дека е крајно време да се прекине таа папочна врска која на долг рок верувајте нема да донесе ништо добро ниту за бизнисот ниту за политиката“, реагира Горан Рафајловски, бизнисмен, претседател на Стопанска комора на град Скопје.

Стопанствениците предупредуваат дека кризата делува депримирачкиФотографија: Fotolia/alphaspirit

Политиката да не меша во бизнисот

Сериозноста на кризата и несериозноста на политичките актери како клучни за нејзиното решавање го зголемува песимизмот кај бизнис заедницата:

„Последната проекција е врз основа на податоците од првиот квартал, но не и со мај до кога немавме нарушувања на реперите кои ги одредуваат прогнозите за растот. Но состојбите оттогаш покажуваат поинаква состојба, што пак подразбира дека ревизијата треба да оди надолу, но не драматично. Моето очекување е се` што ќе биде над нула раст, значи еден или еден и пол отсто, би било коректно во вакви услови. Тоа е што објективно може да се очекува. Ако ја завршиме годинава во позитива ќе биде супер. Очекувам во летниот период да има надолна корекција, па пред крајот на годината уште една, но да завршиме во позитива“, смета Антони Пешев, претседател на собранието на Стопанската комора.

Но за да се реализира и ова сценарио, клучно и ургентно што во моментов треба да се направи, според Пешев, е да се утврди соодветна стратегија и политиката никако да не се меша во бизнисот:

Треба да се утврди стратегија и политиката да не се меша во бизнисотФотографија: imago/Caro

„Без разлика колку ќе трае кризата, дали ќе има брзи избори или не, мора да се создаде стратегија за нормално функционирање. Дури и краткорочно владата да објави на пример дека ќе ревидира буџетски трошења и слично. Да се види дали има доволно пари, извори на финансии. Опозицијата пак, треба тоа да го поддржи или да каже што недостига, за краткорочно да може да се функционира. Ова мора да се направи. Ако има избори во 2017., до тогаш ли ќе бидеме заложници на ваква недефинирана позиција? Нема логика. Последна работа што треба да се направи е бизнисот да биде колатерална штета, а после да биде пирова победа. Тоа и‘ се случи на Грција, ПАСОК доби власт па се откажа, бидејќи не можеше да води економија зашто нема бизнис. Затоа и двајцата, Груевски и Заев, треба да се подзамислат на тоа дека економијата ќе биде жртва на оваа состојба. Без двоење, двајцата треба да направат, без разлика колку ќе трае ова, економската состојба да не трпи. Па дури и во војна се прави план за функционирање на државата во услови на воена криза. Но сега, за среќа, ова не е таква ситуација“, коментира Пешев.

Предупредувањето на Хан

За ранливоста, кревкоста на македонската економија неодамна предупреди и еврокомесарот Јоханес Хан. Тој потенцира дека македонската економија веќе длабоко ги почувствувала последиците од политичката криза и оти странските инвеститори се повлекуваат од земјата:

Јоханес ХанФотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

„Проценката за економскиот раст за 2015 беше 4,5 проценти, но поради оваа домашна политичка криза проценката падна на нула (0) затоа што многу странски инвеститори ги запреа плановите за инвестиции. При невработеност од 27 проценти, која кај младите изнесува и повеќе од 50 проценти, и забрзан одлив на млади луѓе од земјата, владата ја сфати сериозноста на состојбата“, изјави Хан неодамна во Вашингтон.

Во последниот извештај Светска банка практично ги потврди претходните проекции за 3,5% раст годинава, 3,8% во 2015, односно 4% раст во 2017. Слични прогнози неодамна изнесоа и Европската комисија и Европската банка за обнова и развој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми