1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Програмиран конфликт - Бербок, Шолц и надворешната политика

25 декември 2021

Новата министерка за надворешни работи Аналена Бербок со голем елан и без задршки стартува на новото работно место. Но, нејзините потези може да придонесат за кавга и во рамки на новата влада, смета Јенс Турау.

Deutschland | Live-Talk zur Energie- und Klimapolitik in Berlin | Christian Lindner, Annalena Baerbock und Olaf Scholz
Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

На новата германска министерка за надворешни работи Аналена Бербок од Зелените навистина не може да ѝ се префрли пасивност. Само што дојде на функцијата и веднаш е со полна агенда. Посети во Брисел, Париз и Варшава, учество на Г7 средба со нејзини колеги во Ливерпул и на конференција за разоружување во Шведска. Таа покажа и дека знае да преземе мерки откако по пресудата за убиството во Тиргартен во Берлин, во која експлицитно се вели дека убијците делувале по наредба на руските служби, Бербок декларираше за „персона нон грата“ двајца соработници на руската амбасада. 40-годишната политичарка го привлекува вниманието врз себе.

Промена наспроти континуитет

Сепак, се навестува дека надворешната политика ќе биде постојана тема околу која ќе се кршат копјата во семафор-коалицијата. Грубо насликани, конфликтите изгледаат вака: Бербок во својата политика сака да придонесе за многу промени и сака да даде повеќе простор на човековите права и заштита на климата. Канцеларот Олаф Шолцпак, се стреми кон континуитет, продолжување на политиката од Ангела Меркел. Порано или подоцна ќе има крах.

Јенс Турау

Пример Кина: Од кабинетот на канцеларот фактички не демантираа дека Шолц на раководството во Пекинг уште кон средината на октомври, пред да биде избран за канцелар, му порачал дека на германскиот курс спрема Кина нема да има големи промени. Во фокусот, како што се вели, се економските интереси. Пораката наводно ја пренел претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, јавуваат повеќе печатени медиуми. А, Зелените и Либералите наметнаа во коалицискиот договор експлицитно да се споменат повредите на човековите права од страна Кина во Хонгконг, на пример. Бербок зборува за политика водена од вредности, но што тоа точно значи останува недефинирано. И моќниот шеф на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Ролф Мицених, на новата министерка веќе ѝ ги покажа границите, кога на незадоволство на Зелените и Либералите рече дека надворешната политика главно ќе се диктира од кабинетот на канцеларот. Тоа, пред сѐ во однос на европската политика, е факт, како што мораа да увидат и многу министри пред неа под водство на Меркел.

Камен на сопнување: Северен тек 2

Пример Русија: Острата реакција на Бербок по пресудата за убиството во берлинската Тиргартен со сигурност ќе наиде на одобрување кај сите членови на германската влада. Но, дали ќе ја има ваквата едногласна поддршка и во однос на нејзините планови за неприклучување во мрежата на завршениот гасовод Северен тек 2, е сосема друга работа. Доколку Русија ја нападне Украина, тоа секако ќе биде една опција за Европејците. Но, само во тој случај.

Социјалдемократите беа и остануваат поддржувачи на бизнисот со гас со Русија. Канцеларот Шолц само кратко изјави дека гасоводот веќе не е политички проблем и дека останува властите да го одобрат или не. Сосема свесен дека на Германија ѝ е потребен овој гас поради тоа што следната година ќе бидат исклучени и последните атомски централи, а преминот на користење на обновливи извори на енергија не се спроведува според посакуваното темпо на Зелените.

И климата стана надворешнополитичка тема

Нуклеарното разоружување како пример: Бербок се залага, како што беше и во Шведска, за помалку атомско вооружување. Но, во Германија сѐ уште има американско атомско оружје кое во случај на потреба може да биде исфрлено од германски авиони. Тоа се вика политика на „нуклеарно учество“ и така ќе остане и со новата влада. Германија дури сака да купи и нови авиони за оваа намена, така што заложбите за помалку атомско оружје остануваат само апел на новата министерка, ништо повеќе.

Но, фактот дека Бербок ја презеде одговорноста за меѓународните климатски преговори кои досега ги водеше Министерството за екологија, е мудар потег со кој му се додава поголемо значење на Министерството за надворешни работи. И тоа е логичен чекор за една министерка од редовите на Зелените.

Во секој случај, германската надворешна политика станува повозбудлива отколку претходно, што е за поздравување.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми