1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжува специјалната војна против СЈО

Катерина Блажевска29 март 2016

По најавената истражна постапка „Тортура“, Специјалното обвинителство е под нови удари - од провладини медиуми, но и од предлог законски измени кои временски треба да ја развлечат неговата можност за брзо постапување.

Фотографија: MIA

Започна нова серија критики врз Специјалното јавно обвинителство, откако тоа вчера објави дека почнува истражна постапка под името „Тортура“, во која седум лица се сомничат дека сториле кривично дело мачење и друго сурово, нечовечко и понижувачко однесување и казнување при лишувањето од слобода на Љубе Бошкоски. Провладини медиуми оценија дека тоа се нови „политички настапи на Катица Јанева“, дека „СЈО повторно се закопа“, а сомнежот за тортура го сведоа на „истрага за пцостите“ при апсењето на Бошкоски. Овојпат во игра влезе и етничкиот елемент, па денешен „Вест“ на насловната страница објави наслов „Фатиме Фетаи промовира нов официјален јазик: Тортура на албански“. Според комуниколози, „тоа е целосно непрофесионален и неетички чин, со цел работата на СЈО да ја внесе во зоната на меѓуетнички раздор и тензии, без никаква реална основа за тоа“.

Ваквите медиумски конструкции од СЈО ги коментираат како беспредметни, со став дека „она што го кажала обвинителката Фетаи евидентно е извадено од контекст“. Обвинителката Фетаи на вчерашната прес-конференција кажа на албански јазик една реченица и објасни зошто.

„Овој воведен дел го изложив и на албански јазик со цел крикот за правда кој го пушта ова обвинителство биде подостапен и за граѓаните од албанската народност, а секако се обврзувам многу брзо на следните прес-конференции сегменти од истата да претставам и на јазиците на останатите народи кои живеат во оваа држава. Ова обвинителство беспрекорно ќе го почитува Уставот на Република Македонија и законите, и моето излагање ќе го изнесам пред вас и пред целокупната јавност на јазикот на кој официјално се води кривичната постапка во Република Македонија, на литературен македонски јазик“, рече Фетаи.

Советот на обвинители бара образложение

Но, тоа не е сѐ. Остри пораки стигнуваат и од Советот на јавни обвинители, кој ги разгледал барањата на Јанева упатени до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за гонење организиран криминал, за воспоставување надлежност од СЈО над повеќе предмети. Од Советот бараат Јанева лично да образложи зошто смета дека има надлежност врз побараните предмети - „Маѓар Телеком“, „Шпион“, нелегалниот пиштол на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и за обвинението за порнографија против неговиот син.

Од Катица Јанева се очекува образложение за барањата на СЈО за надлежност врз неколку предметиФотографија: DW/P. Stojanovski

„Јавната обвинителка е повикана на седницата на Советот за да се произнесе и за да ги направи веројатни околностите врз основа на кои ја темели својата надлежност во предметите што се побарани од нејзина страна. Ќе треба да даде релевантни податоци од каде го црпи нејзиното барање за воспоставување стварна надлежност и заради кои околности тврди дека тие предмети се поврзани и произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите“, рече претседателот на Советот, Петар Аневски.

Тој соопшти и дека Советот на обвинители како негативен го оценил Извештајот за шестмесечната работа на СЈО, а најави дека деталите за тоа ќе ги даде преку соопштение. Од СЈО одговараат дека за негативната оценка ќе се изјаснат откако ќе добијат известување.

„Ќе се изјасниме за оценката откако формално ќе бидеме известени за неа. Треба да добиеме објаснување во кој дел оценката е негативна, како е донесена, дали со гласање, врз основа на што, и во каква процедура“, вели обвинителката Ленче Ристоска.

Околу надлежноста врз побараните предмети, таа потенцира дека законот е јасен-СЈО има надлежност за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите

„Обвинителката, не случајно вчера го спомна мислењето на Венециската комисија. Но, ние немаме овластување да ги објавиме прислушуваните разговори, за да се види дали сме или не сме надлежни за постапување по одредени случаи. Второ, сите материјали од следењето на комуникациите, спаѓаат во класифицирани информации. Немаме податок дали Советот на обвинители има сертификат за постапување со класифицирани информации, за да би пристапиле кон такво објаснување“, вели Ристоска.

Од Советот на обвинители, пак, велат дека содржини кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации не може да се третираат како класифицирани информации. Очекуваат Јанева да ги образложи барањата за надлежност врз бараните предмети, врз основа на член 7 став 1 од законот за СЈО, според кој таа е одговорна за нејзината работа пред Собранието на Република Македонија и пред Советот на Јавни Обвинители.

Измени во полза на осомничените

Третиот „удар“ врз СЈО стигна од владејачко мнозинство во Собранието. Тие го одбија предлогот за ограничување на помилувањата што може да ги даде шефот на државата, а предложија да се донесат по скратена постапка измени на Законот за кривична постапка, со кои се продолжуваат роковите во полза на осомничените. Измените предвидуваат, пред поднесување на обвинителен предлог, јавниот обвинител задолжително да го извести осомничениот за преземените истражни дејства и за прибраните докази, по што одбраната наместо 15 ќе има 90 дена да преземе дејства. Со законските измени се предвидува овие рокови да се применуваат и за постапките започнати пред влегувањето во сила на овој закон.

Собранието го одби предлогот за ограничување на помилувањата што може да ги даде шефот на државатаФотографија: MIA

„Пратеничката група на СДСМ е против овие измени. Секој што го прекршил законот треба да одговара и не смее да се ставаат какви било пречки за побрзо доаѓање на правдата“, изјави Рената Дескоска-Тренеска од СДСМ.

Пратеникот од Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, најави дека нема да го поддржи предлогот, а ставот ќе го аргументира со експертска анализа.

„Измените се во функција на развлекување на постапката во корист на сите оние за кои има сомнение дека се вклучени во криминал“, оцени тој.

Од друга страна, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вчера без никакво образложение го одби предлогот на пратениците од СДСМ за измена на Законот за помилување, со кои ќе се спречи злоупотреба на овој институт и помилување на исто лице повеќе пати. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски рече дека со овој предлог се пополнува правниот вакуум, по „срамната одлука на Уставниот суд за укинување на измените на Законот за помилување од 2009 година“.

„Со овие измени претседателот не ќе смее едно лице да го помилува по втор пат сѐ додека не поминат 20 години. Во законот е предвидено да не смеат да се помилуваат лица кои направиле особена општествена опасност. Тука зборуваме и за организатори на изборен криминал, а не за силеџии на избори“, објасни Сугаревски.

Пратениците од владејачкото мнозинство не дозволија точката да се најде ни на дневен ред на собраниска седница.

Во ваквото „законско опремување“ на власта со поволности за осомничените, правните експерти гледаат ново „врзување на рацете“ на СЈО, односно временско развлекување на неговата можност за брзо постапување. По неодамнешната одлука на Уставниот суд, која му даде можност на претседателот да помилува сторители на изборен криминал, тие сметаат дека „пакетот за правна заштита на криминалот се заокружува и дека тој целосно ќе ги минира обидите за стигнување до правдата и правната држава“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми