Asmussen EZB-Chefvolkswirt
11 септември 2011Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле и претседавачот на евро-групата, луксембуршкиот премиер Жан Клод Јункер, застанаа зад предлогот - Јерг Азмусен да го замени досегашниот главен економ на Европската централна банка, Јирген Штарк, кој се повлече од функцијата. Со тоа Азмусен има сериозни шанси за испразнетото место во ЕЦБ, иако според процедурата прво треба да добие номинација од евро-групата, потоа да зборува пред Европскиот парламент и директориумот на ЕЦБ, за на крај да добие „зелено светло“ од шефовите на држави и влади на ЕУ.
Брза кариера
Јерг Азмусен има само 45 години, но веќе седел на преговарачка маса со сите важни фигури на меѓународниот финансиски свет. Неговата кариера почна во 1996 година, кај тогашниот министер за финансии Тео Вајгел. Под неговиот наследник Ханс Ајхел, Азмусен во 2003 стигна до функцијата министерски директор и тоа со само 37 години. Само неколку години подоцна, во 2008, тој стана најмлад државен секретар во историјата на Германија и тоа под министерот Пеер Штајнбрик. Азмусен одигра многу важна улога во екот на светската финансиска криза што ја затркала банкротот на американската банка „Лиман Брадерс“. Оттогаш тој се вбројува меѓу главните „пожарникари“ на меѓународниот финансиски систем, но исто така и меѓу главните архитекти на системот за спас на должниците.
Економист од Универзитетот во Бон
Јерг Азмусен студирал заедно со актуелниот претседател на Бундесбанката Јенс Вајдман, кој претходно беше советник на канцеларката Ангела Меркел. Еден од неговите професори во Бон, пак, бил Аксел Вебер, кој до почетокот на годинава беше претседател на Бундесбанката. Оставката на Вебер, исто како и сега на Јирген Штарк, се оценува како протест против актуелната политика на ЕЦБ, која под влијание на политичарите купува државни обврзници на презадолжените земји како Грција, Италија и Шпанија.
За што ќе се залага Јерг Азмусен засега не е јасно. Тој не сакаше да се изјасни во таа насока, туку само изјави дека го прифаќа предизвикот. Тој е секако голем, бидејќи треба да стане главен економ на најмоќната банка во светот по американската Централна банка. Експертите сега ќе шпекулираат околу тоа дали Азмусен како поранешен студент на Аксел Вебер ќе се залага за финансиска стабилност, или пак ќе го спроведува курсот на актуелната влада во Берлин, според кој треба да се вложуваат нови милијарди евра за спас на презадолжените земји.
Автор: Томас Колман / Горан Чутаноски
Редактор: Елизабета Милошевска-Фиданоска