1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пропаганда за „Исламска држава“ на германската телевизија?

8 ноември 2016

Револт во германските медиуми: во политичка дебатна емисија на водителката Ане Вил на јавната телевизија АРД гостуваше радикална муслиманка во никаб, Нора Или

ARD-Talkshow "Anne Will" mit Nikab-Nora
Фотографија: picture alliance/dpa/NDR/W. Borrs

„Мојот живот посветен на Алах - зошто се радикализираат сѐ повеќе млади луѓе?“ - ова беше темата на политичката дебатна емисија на водителката Ане Вил на првиот канал на германскиот јавен телевизиски сервис АРД во неделета вечерта (06.11). Во расветлувањето требаше да помогнат петмина гости: Саша Мане чија 18-годишна ќерка сега е во Сирија, имамот Мохамед Таха Сабри од Берлин, психологот Ахмед Мансур (кој и самиот во млади години бил радикализиран), пратеникот во германскиот Бундестаг, Волфганг Бозбах и-една жена целосно покриена со црна наметка - никаб од чиј тесен отвор се гледаа само нејзините очи: Нора Или беше претставена како ополномоштеник за женски прашања на „Исламскиот централен совет на Швајцарија“, дубизона фундаменталистичка институција која не е никакво официјално претставништво на швајцарските муслимани. Сопругот на Нора Или, Касим, исто така швајцарски конвертите, патем е член на управата и портпарол на институцијата. 

Слобода под покривката?

Сликата беше иритирачка: во телевизискиот разговор во кој луѓето го искажуваат своето мислење и притоа откриваат и дел од својата личност учествуваше гостинка која својата мимика и говорот на телото го сокрива зад црниот штоф. 32-годишната жена со напати жестоко артикулирање со рацете, раскажа како самата конвертирала на 18-годишна возраст и една година подоцна почнала да носи никаб, целосно да го покрива телото. За неа тоа значело „самоопределување“ и „слобода“, нешто што е навистина тешко сфатливо. Кога Ане Вил ја праша што би им советувала на родителите на младите луѓе кои се приклучуваат кон „Исламска држава“, таа раскажа приказна за една млада жена, која во неможност да добие наставничка работа поради носењето шамија, побегнала во Сирија.

На веб-страницата на „Исламскиот централен совет на Швајцарија“ Или пишува дека борбата против џелатите на Асад во Сирија треба „високо да се вреднува како цивилен кураж“, иако самата војна е „тешко и горчливо долготрајно искушение“, за што треба да се свесни младите луѓе.  При овој цитат психологот Ахмед Мансур избувна: „Тоа е пропаганда, вакво нешто не е дозволено на јавна телевизија“. Емисијата во живо ја следеа околу пет милиони гледачи.

Сузане Шпреер

Бројни германски весници имаат ист став. Како е можно на една жена - радикално исламски демагог да ѝ се понуди форум и масовна публика? Убиствата и масакрите на ИД, свирепостите извршени над невини цивили, сето тоа е само „долготраен“ тест за младите луѓе од Западот на кои им е досадно? Иако Ане Вил се обиде, соодветно на нејзината задача на водителка, да внесе ред во надвикувањето, гостите беа видно иритирани од изјавите на Нора Или во име на исламот. Првенствено останатите тројца муслимански гости. Ахмед Мансур се огради целосно од интерпретацијата на исламот на Нора Или. Саша Мане, таткото на девојчето побегнато во Сирија, предупреди, поучен од сопственото искуство: младите луѓе водени од желба да го подобрат светот, паѓаат во рацете на погрешни луѓе.

Или самата се заплетка во контрадикторности

Нора Или е типичен пример на луѓе кои животот во воените области го воздигнуваат на ниво на лажно херојство. Во емисијата тоа стана повеќе од очигледно. Водителката Ане Вил немаше воопшто потреба тоа самата да го каже, ограничувајќи се на својата улога- да модерира. Противречноста во аргументирањето на Нора Или беше јасна за секој гледач. Но, за разлика од американските и британските, во германските медиуми е невообичаено да се отстапи простор за екстремните гледишта. Сепак, тоа е правилниот начин: доколку некој сака да изгради сопствено мислење, мора да ги познава сите гледишта, па и оние екстремните. Само така човек може да се определи против нив.

Иако беше болно и напорно да се слуша оваа жена, скриена од погледите со никабот, и една радикална муслиманка како Нора Или смее да го каже своето мислење во германска телевизиска дебатна емисија. А за нејзините изјави да не останат пропаганда на ИД, телевизијата се погрижи преку останатите гости. Иако, мора да се признае, емисијата наликуваше на одење по жица. Првенствено поради фактот што стануваше збор за емисија во живо, каде човек никогаш не знае што некој од гостите ќе каже пред камерите. Да се покани некој како Нора Или е висок ризик. Но, ризикот беше вкалкулиран и планот се оствари. Зашто, четворицата останати гости во емисијата, посебно тројцата муслимански соговорници, протестираа покатегорично против жената во никаб, отколку што тоа би било можно за една водителка. Без педагошко подигање на прстот, соговорниците во дебатната емисија јасно ја потенцираа настраноста на ставовите на екстремистката и своето дистанцирање од неа. И не само гостите во емисијата, туку и сите муслимани во германското општество. И добро е што е така.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми