1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кучињата лаат, прославата за Рамковниот договор ќе си врви 

ДТЗ
12 август 2021

Додека во јавноста се осудува тоа што масовна прослава ќе се одржи и покрај опасноста од ширење на Ковид-19, Груби не се пишмани - прослава мора да има.  

Nord-Mazedonien | Artan Grubi | DUI  Generalsekretär
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Прославата за 20-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор, на која е планирано да присуствуваат над 300 гости, за влакно ќе ги избегне рестрикциите коишто се воведуваат поради ширењето на коронавирусот во Северна Македонија. И покрај многубројните критики во јавноста, дека овој масовен собир би можел да биде кластер кој ќе доведе до ширење на вирусот, надлежните не се пишманат - прослава за Рамковниот договор мора да има. 
Вицепремиерот и министер за политички систем, Артан Груби, го откажа концертот кој беше дел од програмата, а требаше да се одржи на плоштадот „Македонија“. На овој настан се очекуваше присуство на 10 илјади луѓе. „Концертот е откажан, со што Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците покажува доблести и ги уважува анти-ковид препораките, со тоа што ги откажува манифестациите каде има ризик за зараза“, порача вицепремиерот. 

Прослава на дистанца

Но, додека „кучињата лаат“, подготовките за големата прослава за годишнината од Рамковниот договор во хотелот Александар Палас и понатаму си течат. На манифестацијата е предвидено да присуствуваат до 200 луѓе во сала во која собира 1.500 луѓе. Присутните ќе седат на дистанца согласно ковид протоколите и ќе им се мери температура пред влезот во салата.

-повеќе на темата: Рамковниот - охридска успешна приказна?!

„Затоа не ја разбирам оваа масовна хистерија по социјалните мрежи. Се надевам дека не се однесува на Охридскиот договор и на неговата имплементација, туку дека навистина е загриженост околу протоколите“, вели вицепремиерот. 

Груби: Не сум редар

Прославата на годишнината на Рамковниот договор ќе се одржи утре, само два дена пред стартот на рестриктивните мерки со кои се забрануваат поголеми собири на затворено. Груби во изјава за медиумите тврди дека Министерството за здравство официјално било информирано и консултирано околу протоколите за настанот. 
Една од мерките, коишто се предвидени да стапат на сила од понеделник, е редарска служба која ќе проверува дали граѓаните се вакцинирани пред да им биде дозволен влез во угостителските објекти. Запрашан дали и на масовната прослава, на која се поканети бројни угледни гости, ќе има редарска служба која ќе проверува дали гостите се имунизирани, Груби вели „Јас не сум редар за да проверувам сертификати“.  
Вицепремиерот Груби и Министерството за политички систем, не е првпат да бидат мета на критики на јавноста поради непочитување на здравствените протоколи.  

-повеќе на темата: Охридски договор: Добар документ, лоша реализација

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) деновиве остро реагираше на организирањето на настан во Државниот архив на Република Северна Македонија и изјавата дадена од првиот вицепремиер, Артан Груби, при што не се обезбедени соодветни услови за следење на настанот за медиумските екипи. ССНМ особено реагираше на фактот што институциите кои го организирале настанот, не биле почитувани мерките за заштита од Ковид-19. 
Функционерите на ДУИ, на почетокот на годинава, исто така беа фатени од будното око на јавноста дека не ги почитуваат ковид-протоколите. Па така, во јавноста осамнаа фотографии од  роденденската забава на нивниот лидер, Али Ахмети, во новите простории на Министерството за политички систем, на кои присутните не носеа маски. 
Груби тогаш тврдеше дека ги почитувале здравствените ковид протоколи, но само за кратко ги тргнале маските за да се фотографираат. Трудовиот инспекторат во јануари го казни Груби со 500 евра за прославата на роденденот на Ахмети, а МВР испорача 8 платни налози од по 20 евра за дел од гостите, кои се групираа без маски и не држеа дистанца. 

Половина милион евра за прославата

Прославата за годишнината од Рамковниот договор ќе ја чини државата половина милион евра. Централната манифестација ќе биде одбележена со присуство на околу 300 гости од земјава и од странство  кои ќе бидат сместени во хотели со 5 ѕвезди во и надвор од Скопје. На располагање ќе имаат и сали за фитнес и спа центар. 

-повеќе на темата: Прогласот на АСНОМ и Рамковниот договор влегуваат во преамбулата на Уставот

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го откажа учеството на прославата,  а партијата нема да испрати ниту свои претставници.„Власта да одговори дали прославата на Рамковниот и одложување на мерките заради прославата не значи доказ за целосно политизирање на процесот и воедно лажната грижа за здравјето на граѓаните. Оттука ВМРО-ДПМНЕ ниту претседателот Мицкоски нема да учествува во таквиот декор. Нема потреба од партиска предизборна парада во услови на тешка економска и здравствена криза, рамковниот договор е завршена работа“, велат од партијата. 

Владејачката СДСМ го обвини Мицкоски дека е заглавен во етничките поделби и бега од решавање на проблемите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми