1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е Роман Протасевич?

Роман Гончаренко
26 мај 2021

Спектакуларното апсење на белорускиот блогер Роман Протасевич предизвика бурни реакции. Како еден бунтовен ученик стана државен непријател, за чие апсење белоруската влада испрати воен авион?

Polen Danzig 2020 | Roman Protasevich, Blogger
Фотографија: Michal Fludra/NurPhoto/picture alliance

На својот твитер-профил Роман Протасевич себеси се опишува како „првиот новинар-терорист во историјата“. Имено, белоруската тајна служба КГБ во ноември 2020 година го стави 26-годишниот опозициски блогер на својата листа на барани терористи. Реалноста во саботата (22.05.2021) ја надмина иронијата со која Протасевич одговори на таквиот потег. Владетелот Александар Лукашенко вивна еден МиГ-29 за да го присили авионот на „Рајанер“, во кој се наоѓаше и блогерот, принудно да слета во Минск под изговор дека имало дојава за бомба. Блогерот беше уапсен. Оттогаш целиот свет му го знае името. Како одговор на ова, Европската унија забрани летови во и од Белорусија.

Родителите на Протасевич се обидоа од изразот на неговото лице да протолкуваат како се чувствува. Во неговата прва видео-порака од истражниот затвор, која во вторникот ја емитуваа медиумите, јасно се гледа дека е нашминкан, а на челото се препознаваат темни дамки. Блогерот пред камерата уверува дека добро се однесуваат со него и дека ќе сведочи во кривична постапка за масовните немири. Татко му Дмитри Протасевич за порталот „Инсајдер“ вели дека е можно син му да е малтретиран, а се чини и дека му е скршен носот.

Роман Протасевич во истражен затвор во МинскФотографија: Telegram/Social Media/dpa/picture alliance

Исфрлен од училиште

За Протасевич најновите настани се кулминација на веќе десетгодишните опозициски активности. Неговото име за првпат се појави во јавноста кога како 16-годишен ученик беше уапсен во Минск – со долга коса и гордо крената глава, поради учество на протести против Лукашенко. И покрај добрите оценки, беше исфрлен од училиште. Потоа повторно беше уапсен во 2011 година под обвинение дека стои зад опозициски профил на социјалните мрежи. Кружеа и информации дека си заминал од дома поради разлики во ставовите со родителите. Татко му е поранешен офицер и предавал на Воената академија. Подоцна таткото ги демантира информациите дека дошло до кавга со син му. Протасевич потоа се ангажира во опозициската младинска организација „Младински фронт“ и студира новинарство на универзитетот во Минск. Но, и оттаму е исфрлен наводно поради формални причини. Тој самиот пак смета дека политичките мотиви биле пресудни.

Во 2017. добива Хавел-стипендија од белоруската редакција на американското радио „Слободна Европа“ со седиште во Прага. Работи како хонорарен новинар за различни медиуми, меѓу кои и за водечкиот веб портал Tut.by. кој неодамна беше затворен од страна на власта. Меѓу другото, како фоторепортер известуваше за војната во источна Украина.

Повеќе:

Таткото на Протасевич тврди: Тоа не се негови зборови

Фотографија на денот: Каде е Роман Протасевич?

Инцидентот во Белорусија: Лукашенко е губитник, Путин - добитник

„Човек од акција“

Протасевич беше репортер и фотограф и за полско-белоруското „Еурорадио“. „Роман беше човек од акција“, вели за ДВ сегашниот главен уредник Павел Свердлов. „Веднаш го пакуваше ранецот и опремата и одеше во потрага ако има некоја приказна која треба да се открие.“ Свердлов вели дека Протасевич бил добар новинар, но не и човек кој би можел да организира и координира протести. „Никогаш немал цел да насочува луѓе или да организира нешто“, категоричен е уредникот.

Свердлов вели дека Протасевич е грижлив човек. „Го пративме еднаш да слика локални активисти во провинција. Се врати со залутано маче кое го сретнал на улица и немал срце да го остави само.“ Поради страв за својот живот, Протасевич на крајот од 2019-тата се сели во Полска, каде станува главен уредник на опозициските канали на мрежата „Телеграм“ – „Некста“ и „Некста-лајв“. Токму тоа го испрати во затвор.

Протести на опозицијата во Белорусија (Минск, 23 август 2020 година)Фотографија: Vasily Fedosenko/REUTERS

 „Некста“- главен извор на информации за протестите

Сега, во Белорусија, против него се водат неколку постапки, а му се заканува и затворска казна до 15 години. Главната причина е неговата работа во „Некста“ по претседателските избори во август 2020 година, кога претседателот Лукашенко повторно се прогласи за победник.

Двата канала „Некста“ и „Некста лајв“ станаа водечки извор на информации за протестите, преку кои се ширеа брзи аматерски фотографии и видеа. „Луѓето сфатија дека може безбедно да ни испраќаат информации“, рече Протасевич во едно интервју за ДВ пред претседателските избори.

„Некста“ е основана од блогерот и јутјубер Степан Путило, кој ги раководи каналите од Полска и заедно со други опозиционери ја доби наградата Сахаров од Европскиот парламент. Во неколку наврати преку овие канали се прошириле и неточни информации, за наводна акција на руските специјалци против демонстранти во Минск. И Путило е на терористичката листа на КГБ.

Степан ПутилоФотографија: Wojtek Radwanski/AFP/Getty Images

„Некста“ не е чист новинарски производ. Тоа е повеќе дигитален гласник за демонстрантите и јутјуберот Путило тука не гледа никаков проблем. Во интервју за ДВ тој зборува за „хибриден формат“ во кој се разводнува границата меѓу новинарство и активизам. За време на пикот на протестите бројот на следбеници на „Некста“ за неколку дена порасна од 300.000 на 1.8 милиони. Во моментов има 1.2 милиони следбеници.

Преселба од Варшава во Вилнус

Патиштата на Протасевич и Путило се раздвоија кон крајот на септември 2020 година. Блогерот се пресели од Варшава во Вилнус, каде во егзил живее и поранешната кандидатка за претседател и лидер на опозицијата, Светлана Тихановскаја. Според медиумите, Протасевич е ангажиран во нејзиниот тим и е главен уредник на еден друг опозициски канал на мрежата „Телеграм“.

Во интервјуа, мајка му Наталија го опишува Протасевич како „борец“ и „силна личност“. Поради опозициските активности на синот и семејството било принудено во август 2020 да се пресели во Полска.  

Имавме закани и нѐ следеа, вели мајката. На почетокот на мај 2021 година, две недели пред апсењето, Протасевич на Твитер пишуваше дека претседателот Лукашенко на неговиот, во меѓувреме пензиониран, татко, му ги одзел воените чинови. Од оваа перспектива тоа се чини како да било последното предупредување.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми