1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестите поминаа – и сега, што понатаму?

Зоран Јордановски19 мај 2015

И масовниот контра-протест во Скопје помина мирно, граѓаните го положија испитот. Но, за политичарите тој допрва претстои, смета Зоран Јордановски.

Фотографија: Reuters/M. Djurica

Два импресивни собира во два дена едноподруго, мотивирани од спротивни идеи, но со една заедничка карактеристика: мирното изразување поддршка, секој за својата опција. Политичарите бараат поткрепа за тезата за своја, односно за победа на својата политичка линија преку проценката на бројот на учесници, но фактички победник е народот, поточно граѓанинот. Значи, сепак е можно демократски да се изрази својот став, без насилство. Конечно, пораките од двата собира беа дека се демонстрира за опстанокот на државата и за подобра иднина. Само, претставите за тоа кој ги загрозува државата и иднината се дијаметрално спротивни, и во тоа ништо не променија ни двата собира.

ВМРО ДПМНЕ ги спрегна сите ресурси за да донесе многу луѓе на контра-протестот – инаку би се поставувало прашањето за неговата смисла. Фактот дека во неделата се регистрирани најразлични форми на попречување на луѓето од внатрешноста на Македонија да дојдат во Скопје на демонстрацијата на незадоволните упатува на заклучок дека во ВМРО имаат некои проценки за тоа колку расте отпорот кон власта. Партијата, со сите механизми што и’ стојат на располагање, уште еднаш се покажа, во секое време може да извади на улица многу луѓе. Јасно е и дека и натаму има голем број искрени приврзаници, а и преку контролираните медиуми на луѓето им се сервира една вистина. Патем, необично е, секако, дека партија која е толку голем противник на комунизмот, со задоволство го користи неговиот принцип на едноумие.

Опозиционите социјалдемократи, пак, уште имаат проблем со бремето на грешките од минатото, оти меѓу граѓаните во Македонија, дури и ако не се огнени приврзаници на ВМРО, и натаму има скептични во однос на таа партија.

Но, односот на силите се менува. Бомбите од прислушувањето фрлија флека врз имиџот на челници на владеачката партија, па макар и илјада пати да биде повторена мантрата за креирани, лепени, монтирани снимки; илјадакратното повторување не им дава на тие изјави поголема супстанца на вистинитост.

Од двата митинга произлезе зрак на надеж за наднационално, граѓанско обединување околу принципите врз кои мора да почива функционирањето на власта. Но, остана и сликата за длабоко поделено општество, за дуализмот ВМРО – СДСМ кој им дава белег на сите години на самостојна Македонија. Константа е и личниот антагонизам на лидерите на тие партии. Тие се менуваа, антагонизмот остана. Тоа е несврзливо со водење одговорна политика. Неможноста да се постигне договор околу основните државни интереси – и не само меѓу тие две партии, туку меѓу сите политички субјекти во земјата – не им служи на чест на оние, кои од народот добија доверба да се грижат за тоа. Македонија во моментов тешко ќе излезе од тој затворен круг, оти државните се помешани со личните или групните интереси. Не е само во прашање кој да управува со државата, туку дека мора судски непристрасно да се обработат сите меѓусебни обвиненија и да се испитаат сите наводи за можни тешки злоупотреби на власта што произлегуваат од материјалите снимени со илегално прислушување. Значи, во прашање е дали некој ќе оди в затвор, ќе остане без имотот што противправно го стекнал.

Од расчистувањето на тие работи нема бегање. Тоа е предуслов за создавање здрави односи во државата, без тоа нема напредок во евроатлантската интеграција. Реакциите од Западот, посебно американските, се недвосмислени како ретко кога во дипломатската практика. Недвосмислено е и дека политичката опозиција ќе мора да се врати во парламентот, оти разврската мора да се одвива институционално. Било каква опција во било каков иден развој на настаните мора да биде таму договорена и верификувана. На улица може да се искаже протест – или поддршка, се’ едно, но таму не може да се прави политика без притоа да се ризикува и работите да избегаат од контрола.

Западот, чиј дел сака да биде и Македонија, зазема јасен став. Но, македонските политичари фактички би морале да дејствуваат затоа што тоа го налагаат интересите на државата и на општеството, а не оти тоа се бара однадвор. Досега секогаш постапуваа само кога ќе бидат доволно силно притиснати однадвор. Испитот на зрелоста и тестот за нивната вистинска демократска определба тие допрва мораат да го положат.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми