Протестите против Ердоган не стивнуваат
27 февруари 2014Обвинувањата за корупција против турската влада повторно собраа синоќа илјадници луѓе на протести. Во Истанбул и во Анкара демонстрантите бараа и оставка од премиерот Ердоган, кој по објавените телефонски снимки на наводно негов разговор со синот Билал, се најде во фокусот на аферата. Полицијата употреби солзавец за да ја запре поворката демонстранти кои во Анкара се упати во правец на Парламентот, а уапсени се повеќемина учесници во протестите. Опозиционата Републиканска Народна Партија во масата делеше лажни пари, симболично претставувајќи ги милионските суми за кои наводно зборувал Ердоган со синот во прислушуваниот и снимен телефонски разговор.
На интернет се појави и втора компромитирачка аудио снимка за која се тврди дека претставува снимен разговор на турскиот премиер Реџеп Таjип Ердоган со неговиот синот. На записот, што на Јутјуб го поставило лице под псевдонимот Харамзаделер, мажот чиј глас наликува на тој на Ердоган бара од соговорникот, за кој се тврди дека е синот на турскиот премиер Билал, да не ја прифаќа понудената сума пари за некоја бизнис зделка, туку да почека втората страна да понуди повеќе, како што ветила.
„Другите даваат. Зошто и тој не може да даде? Што тие мислат, што е работата?... Но не се грижи, ќе ни паднат тие нам во раце“, вели наводниот Ердоган на снимката.
Во понеделникот се појави аудио снимка од уште еден разговор за кој се тврди дека е меѓу Ердоган и неговиот син, во кој „Ердоган“ му наредува на „Билал“ од една од нивните куќи да сокрие значителна сума пари.
Овој разговор, наводно, се случил на 17 декември минатата година, кога во полицијата беа приведени синовите на тројца членови на турската Влада под обвинение за корупција и поткуп.
Кабинетот на Ердоган во вторникот соопшти дека снимката е лажна, дека претставува „неморална монтажа“ и дека против сторителите ќе биде покрената судска постапка. Ердоган тврди дека истрагата за корупција против луѓе од неговото опкружување претставува заговор против Владата во пресрет на локалните избори во март и претседателските во април.