1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести во Каталонија: Никој нема да нѐ запре!

ЕМФ /агенции
21 септември 2017

Илјадници демонстранти излегоа на улиците на Барселона на протести против рациите во седиштето на каталонската регионална влада.

Spanien Barcelona Demonstration für Abspaltung
Фотографија: Reuters/S. Vera

Десетици илјади демонстранти пред каталонската регионална влада во текот на ноќта го изразија своето незадоволство од постапките на централните власти во Шпанија пред најавениот референдум за независност на Каталонија. Со каталонски знамиња и плакати со повик за учество на референдумот на 1 октомври, демонстрантите бараат од владата на Маријано Рахој да престане со апсења и рации против приврзаниците на референдумот. Дел од милитантните борци за независност на Каталонија ја окупираа зградата на регионалното министерство за економија. Според полициски наводи, таму сѐ уште се блокирани повеќемина полицајци кои вршеле претрес на канцелариите.

„Европа мора да види како овде се третира слободата на мислење и демократијата. Шпанската држава расипува сѐ. Европа не може само да набљудува, туку мора нешто и да каже“, изјави за АРД Мануел, еден од демонстрантите во Барселона. Тој не е сигурен дали навистина ќе се одржи референдумот. „Никој нема да нѐ запре“, порачува тој.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој во телевизиско обраќање побара од Каталонците да се откажат од референдумотФотографија: Getty Images/AFP/J. Soriano

Шпанскиот премиер Маријано Рахој во меѓувреме во телевизиски говор повика на откажување на референдумот. „Не продолжувајте. Немате законска подлога за вакво нешто. Вратете им се на правото и демократијата. Референдумот е нереален сон“, им порача Рахој на Каталонците.

Шпанската полиција вчера спроведе рации во министерствата на каталонската влада и уапси повеќе високи претставници на регионалните власти. Освен тоа, запленети беа и околу 10 милиони ливчиња за гласање на референдумот. Шефот на каталонската регионална влада, Карлес Пучдемонт, во телевизиско обраќање оцени дека централната влада во Мадрид практично вовела вонредна состојба во регионот.

Каталонската влада планира референдум за отцепување од Шпанија на 1 октомври. Шпанската влада го третира референдумот како нелегален, а Уставниот суд во Мадрид го прогласи за неважечки законот за референдум донесен од страна на властите во Барселона.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми