1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Меѓу антиваксерство и вирулентен динајализам!

16 август 2021

Каква врска има „правото на избор“, ако се палат медицински маски, ако му се ракоплеска на некој што смета дека пандемијата е плод на заговор или дека треба се кинат упатствата за држење дистанца?

USA Indianapolis | Coronavirus | Demonstrationen
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Hogan

Новинарите се „платеници“, лекарите „убијци“, властите „фашисти“. Најден е одговорот на прашањето зошто дел од граѓаните се против вакцините. Оние што вчера простестира дадоа ваква „дијагноза“ за состојбите, но дали тешките зборови се вистинскиот пат до „слободата и изборот“?

Во природата на човековото битие е да се сомнева, да поставува прашања, да бара одговори. Агонијата со Ковид-19 го потврди тој порив, кога во декември 2019 години светот се соочи со невидлив непријател што офанзивно ја освои планетата. Додека науката детектираше како треба да се бориме со вирусот, во име на превентивата и намалување на притисокот врз болниците секојдневието беше сведено на карантин. Не постоеше избор, а имаше многу неодговорени прашања. Слободата на движење беше ограничена, улиците празни, 2020 беше година кога светот буквално запре. Додека се редеа биланси на заразени и жртви, утехата гласеше: спасот е во вакцините, но кога ќе ги има?

Сега, кога вакцините се овде, дел од граѓаните сметаат дека тие не им се потребни. Вчерашниот протест на кој тие излегоа да порачаат „Имам право на избор“, за жал, откри дека протестот не е само против вакцините. Едно е да си против вакцинирање (од разни причини) и да го браниш таквиот избор, дури и кога не постои свест дека тој избор го загрозува здравјето/изборот на другите.

Но кога учесниците во протестот јавно сечат медицински маски, а потоа и ги палат, кога аплауз добива говорник кој повикува од денес да се острануваат сите флаери во јавни објекти кои предупредуваат за држење дистанца од два метра, тоа нема никаква врска со битка со нивното право на избор да не примат вакцина и да не бидат дискриминирани за влез во кафулиња.

Каква врска има правото на избор, ако му ракоплескаат на говорник кој не верува дека вирусот постои, кој смета дека пандемијата е плод на заговор, или му ракоплескаат на друг, кој ги повикува да ги исклучат телевизорите и да не слушаат лаги.

Мора да е „логично“ барање. Зашто ако ги исклучат телевизорите, навистина не ќе можат да слушнат дека најмногу се засегнати невакцинираните лица. Завчера почина 28-годишна медицинска сестра од Кичево. Не била вакцинарина, а според лекарите од Инфективна клиника немала други хронични болести.

Да може времето да се врати, а постапките да се коригираат, денес ќе беше на работа или на годишен одмор. Што да се каже за над 4.000 изгубени животи, пред вакцината да стигне во земјата? Да беше вакцината овде, сигурно ќе имаа поинаков избор и поинаков исход. Времето, за жал, не може да се врати, но она што е пред нас, надлежните мора да го искористат за да ги објаснат сите клучни аспекти. Бидејќи, прашањето од протестот - „зошто да се вакцинирам, ако вакцината не ме штити од инфекција“, покажува дека недостига стручно објаснување.

Не можеме да ги обвинуваме луѓето за неедуцираност. Медицинските експерти се тие што треба да објаснуваат, ако треба и илјадапати на ден дека вакцината не може 100% да заштити од зараза, но во огромна мера ја намалува потребата од хоспитализација, од тешки последици и од опасност од смртен исход. Тоа не треба да им се објаснува само на невакцинираните, туку и на вакцинираните кои се однесуваат како да добиле сертификат за „недопирливост“. Тоа што голем дел од нив по вакцинирањето не носат маски во затворени простории и не почитуваат дистанца, не е поразлично од ритуалното сечење или палење на маските. Ако не ја употребуваат, што е важно дали таа ќе заврши во пламен, во џеб или под нос. Важно е дека заштитата е на ниско ниво и кај дел од вакцинираните и кај дел од невакцинираните.

Патем, многу тешко и погрешно е вчерашниот протест да се оквалификува како антиваксерски. Според хетерогеноста на пораките и изјавите што можеа да се слушнат, станува збор за изблик на класичен динајализам (denialism) - кога оние што се повикуваат на право на избор, „избираат“ да ја негираат реалноста како начин да се избегне непријатната вистина, избираат порекнување на научните факти, порекнување на емпириски докажаните претпоставки... Динајализмот е компилација од галапирачки сомнеж, голема и неодговорна лековерност, и обид тоа да се наметне на што поголем број луѓе. Ширењето на теории за светски заговор со цел за наводна депопулација, за лукративни мотиви на фармацевски компании и глобални моќници, за третирање на населението како експериментално глувче, наоѓа пат до оние кои немаат расудувачка моќ да го раздвојат каколот од житото. Нивното барање начини како да се дискредитираат купишта научни докази и факти, бара исклучителен напор и време.

Време и напор се очекува уште повеќе од тие што се надлежни да го заштитат здравјето на населението под налетот на вирусот и на вирулентниот динајализам. За почеток треба да им објаснат на граѓаните еден ноторен факт: оној што не се вакцинира, не се загрозува само себе, туку и неговите најблиски - семејството, роднините, пријателите, а посредно и други. И не ги загрозува само од Ковид-19. Потенцијално може да им го оневозможи примањето и на други видови здравствени услуги, кои не ќе можат да ги добијат доколку системот се пребукира со хоспитализации за Ковид-19, како што беше во еден претходен период.

Со разговор и објаснување полесно ќе се намалува бројката на оние кои се уверени дека за нив нема опасност и дека не им треба вакцина.

„Господ е со нас“, скандираа на протестот вчера.

По сѐ што можеше да се слушне, добро е да биде со нив.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми