Протест со молк и во црно за Кежаровски
23 октомври 2013Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски во текот на вчерашниот ден повика:
„Ги повикуваме новинарите, медиумските работници и сите граѓани заедно да ја одбележиме борбата за слобода и во нејзино име да изразиме несогласување со затворската казна во траење од четири ипол години за колегата Кежаровски. Придружете ни се со молк и облечени во црно на симболичен начин да покажеме револт поради заробената медиумска слобода“, повикуваат од Иницијативниот одбор.
Новинарот Томислав Кежаровски во понеделникот (21.10) беше осуден на четири години и шест месеци затвор, поради објавувањето на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“. Пресудата за новинарот на весникот „Нова Македонија“ дојде по многубројните повици за неговото ослободување од повеќе новинарски организации и претставници за граѓанскиот сектор. Пред да биде осуден, Кежаровски на рочиштата порача дека никогаш не загрозил нечиј живот, туку дека само ја извршувал својата новинарска работа.
Во однос на откривањето на идентитетот на заштитениот сведок, Кежаровски неколку пати изјави дека тој е жртва и колатерална штета за да се сокрие самооткривањето на сведокот. Останатите обвинети во предметот „Ликвидација“, меѓу кои имаше судии, адвокати и обвинители добија казна затвор од 1 до 5 години.