Противниците на Путин се организираат
23 октомври 2012Руската опозиција првпат избра заедничко тело заради подобро координирање на протестните активности против шефот на Кремљ, Владимир Путин. По тридневното гласање преку интернет, адвокатот и блогер Алексеј Навални доби најголем број гласови, како што соопшти раководителот на Изборната комисија Леонид Волков за опозиционата телевизија Дожд. Во 45-члената координативна комисија се уште и екс-вицепремиерот Борис Немцов, шаховскиот екс-велемајстор Гари Каспаров и еколошката активистка Јевгенија Чиркова, како и други познати политичари. Вкупно за избор беа кандидирани околу 200 владини противници. Новото тело треба да помогне во обединувањето на расцепканата опозиција, во организирањето натамошни протести и да биде партнер во дијалогот со власта. Рускиот претседател Владимир Путин минатите месеци своите противници повеќепати ги критикуваше како хорда интернет корисници без програма и водство.
Гласањето преку интернет беше одложено поради хакерски напад врз интернет страницата во саботата вечерта и се одвиваше до денеска утрото (23.10). Учеството во гласањето од 82 илјади граѓани е значително под очекуваното.