Против рак со зрачење со протони и јони
26 август 2011
Научниците упорно работат на нови терапевтски методи, наоѓањето алтернативи за хемотерапија и слично. Постои нов метод, која не е едноставен, но затоа е соодветен за специфични видови на канцер.
Шеесетгодишната Гизела веќе пет години ја мачи рак на јајниците:
„Кога туморот се прошири по втор пат, во мојата свест тој стана некој вид роднина кој ме следи, живее кај мене, блиску до мене и во мене. Тој добива она што сака, има што да јаде, навечер ќе испие и чаша вино, но јас внимавам на него и кога ќе направи некоја глупост, тргнуваме во акција, по лекари, да видиме што може да се направи.”
Хемотерапија и оперативни зафати - тоа спаѓа во вообичаениот арсенал на германските лекари. Но, во Минхен и Хајделберг сега постои и нов метод на зрачење на туморот со протони или јони - позитивно наелектризирани честички. Герд Дацман, физичар од Центарот за протони „Ринекер“ во Минхен, ни‘ го покажува болничкиот кревет над кој кружи механичка рака со должина од еден метар:
„Тоа е топ од кој излегуваат зраци, поставен на специјални рамки, кои овозможуваат поставување на механичката рака под саканиот агол. Пациентот така може практично да се зрачи од сите страни.”
Честички кои го уништуваат туморот
Најголемиот дел од апаратурата пациентот не ја гледа: станува збор за магнетна топка со пречник од 9 метри и тежина од 150 тони, топка која се врти со помош на нејзините магнети, честичките истрелани од топот се усмеруваат во снопови со милиметарска прецизност. На локацијата на туморот честичките запираат и тука ја предаваат својата енергија и, во најдобар случај, го уништуваат туморот. Прецизноста на снопот е голема предност во односот на традиционалните терапии, како што е рентгенското зрачење.
Основачот на Центарот за протони, Ханс Ринекер, тоа вака го објаснува:
„При рентгенското зрачење, здравото ткиво пред туморот добива појака доза од тоа зрачење, а се озрачува и ткивото кое се наоѓа зад туморот. Со протоните е поинаку: длабочината на нивното продирање може да се прилагодува со варирање на нивната брзина.“
Зрачење што спасува живот
Терапијата со протони и´ го спаси животот на Гизела, бидејќи на тој начин е поштедено околното ткиво. Пред тоа таа имаше пет операции на стомачната шуплина и хемотерапија. Овојпат лекарите повторно откриле метастази, но во црниот дроб, каде што биле така поставени што не можеле да се оперираат. Затоа за неа последната надеж била зрачењето со протони.
Физикалните предности на протонскиот сноп се докажани, но засега само се претпоставува какво е неговото долгорочно билошко дејство. Првите клинички студии за тоа се очекуваат во Хајделберг и тоа за пет до седум години. Самата апаратура за зрачење со протоните чини меѓу 100 и 200 милиони евра. За на тој начин да можат да се лекуваат сите специфични случаи на канцер, во Германија би морало да се инсталираат помеѓу шест и осум такви апаратури.
Автор: Мартин Николас / Светлана Брик
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска