Против што е Блокјупај?
18 март 2015
Блокјупај е левичарски сојуз, критички настроен кон банките и капитализмот. Тој опфаќа повеќе од 90 организации, меѓу кои, на пример, Атак, некои синдикати, Партијата на левицата, Интервеционистичката левица, младински и студенстки здруженија, антирасистички и феминистички групи, Форумот на невработени, мрежата Мировна кооператива, како и леворадикалниот и комунистички сојуз „...за целото“.
Која е целта на Блокјупај?
Сојузот се смета се‘ повеќе за европска мрежа на различни движења. Целта, според сопствени наводи, е заеднички „одоздола да се изградат демократијата и солидарноста“. Блокјупај е насочен против буџетската политика која стреми пред се‘ кон порамнет буџет, како и против кризната политика на „институциите“, досега познати како „Тројка“. Притоа се мисли на Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија и Европската централна банка.
Дали Блокјупај е исто со Окјупај?
Окјупај Франкфурт е една од групите во сојузот Блокјупај и е нешто постара од Блокјупај. Пример за Окјупај во Германија беше движењето во Њујорк „Окјупај Волстрит“, кое демонстрираше против моќта на банките. Во Франкфурт Окјупај од октомври 2011 година до август 2012 година кампуваше пред се‘ пред старата зграда на ЕЦБ во банкарската четврт.
За што Блокјупај ја критикува ЕЦБ?
Сојузот ја обвинува ЕЦБ дека со својата политика на штедење ја поттикнува сиромаштијата во европските земји во криза, како што е Грција. Притоа, нејзината политика, како што се вели, им служи на интересите на меѓународните инвеститори и се води врз грбот на грчкото население.
Каква улога игра ЕЦБ за Грција?
Многу важна: таа ги снабдува грчките банки со милијарди и во моментот кога земјата не можеше да се снабди со пари на пазарот на капитал, купи грчки државни обврзници. Во моментов, ЕЦБ осигурува опстанок на банките во Грција, кои страдаат поради тоа што загрижените Грци си ги носат парите во странство.
Без ваквата помош на ЕЦБ банките би банкротирале, Грција би морала веројатно да ја напушти еврозоната и да воведе сопствена валута. Претседателот на ЕЦБ Марио Драги неодамна нагласи: „Кредитите за Грција денес изнесуваат 68 проценти од грчкото економско постигнување, што е најмногу во еврозоната“. Освен тоа, како една од трите „институции“ ЕЦБ го контролира спроведувањето на договорените реформи.
Колку е издржано обвинувањето дека ЕЦБ им помага само на банките?
Задача на ЕЦБ е одржување на стабилноста на цените. За да ја постигне оваа цел, таа може да ги снабди банките со пари за тие потоа во форма на кредити да им дадат на претпријатијата и на потрошувачите. Централната банка не смее директно да им дава поддршка на грчката држава и со тоа на граѓаните. Со тоа би ја прекршила забраната за државно финансирање. Освен тоа, ЕЦБ со тоа на Атина би и‘ дала недозволено пари од даночните обврници од другите евро-држави.
„Одмерена“ прослава на отворањето?
Новото седиште на ЕЦБ е гигантска стаклена кула, висока 185 метри, чија изградба беше завршена на крајот на 2014 година, по пет години градење. Првите вработени во ЕЦБ се вселија во новата зграда уште во ноември 2014. Новото седиште на ЕЦБ досега чинеше околу 1,3 милијарди евра. Од 1998 до 2014 година ЕЦБ беше сместена под кирија во т.н. Еврокула во центарот на Франкфурт.
Протестите на Блокјупај се една од причина за ЕЦБ да одлучи прославата по повод отворањето на новата зграда да ја сведе на само околу 20-тина гости. Според портпарол на ЕЦБ, се одржува „соодветна“ прослава на кризните времиња.