Професорското не е спротивно на државничкото!
13 јануари 2015Вниманието на целата академска заедница деновиве ќе биде насочено кон потезите што ќе бидат преземени на адресата „Ацо Караманов“, 33А. Таму, во претседателската вила „Водно“, шефот на државата Ѓорге Иванов ќе одлучи дали ќе го потпише указот со кој во сила ќе влезе пакетот законски измени, меѓу кои и за високото образование, или ќе го употреби правото на вето. Иако дел од професорите сметаат дека одлуката ќе биде наметната од друга адреса, сепак, не ја губат надежта дека нивниот колега ќе постапи во интерес на академската заедница, односно во согласност со Уставот. Вчера попладне, по свое барање, претставници на Професорскиот и на Студентскиот пленум му ги презентираа на претседателот Иванов нивните аргументи против законските измени во високото образование. На средбата заеднички се согласиле за потребата од квалитетно високо образование, но му укажале дека тоа не може да се прави преку антиреформски и антиуставни измени. Без да прејудицира дали ќе го потпише указот или не, Иванов на студентите и на професорите им соопштил дека ќе постапи „во функција на државник и претседател, а не на професор“.
Образованието во кошмар
„Претседателот се согласи со нас, дека покрај досегашните 15 промени во последните 6 години, го доведовме високото образование во кошмар, како што самиот рече, и дека наводно се очекува од ваквите предложени мерки да се подобри остојбата на универзитетите кои се под рангот на петте најдобри, рече претставникот на Професорскиот пленум, професорот Абдулменаф Беџети, по средбата кај шефот на државата.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, Иванов на средбата рекол дека на Република Македонија и е потребна успешна трансформација на високото образование. Притоа, изразил загриженост за тенденцијата на поделби во академската заедница и повикал на единство и дијалог, со цел надминување на актуелните состојби. А веќе денеска, по нивно барање, ќе ги прими и претставниците од „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“. Иванов предложил во среда да се одржи и заедничка средба со претставниците на Професорскиот пленум, на Студентскиот пленум и на „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“. Но, од Професорскиот пленум сметаат дека таква средба е беспредметна, особено на денот кога е закажана 31-та седница на Собранието, на која се очекува изгласување на предложениот пакет закони.
„Нема потреба од таква средба, бидејќи не постојат спротивставени мислења во однос на потребата од реформи во високото образование. Единствената разлика меѓу нив е што досега ни факултетите, ниту Интеруниверзитетска конференција не добиле аргументи и мислења кои би ги поддржале јавно истакнатите ставови на Граѓанската иницијатива. Подобрувањето на квалитетот во високото образование е нужно, но понудените предлог измени, кои се антиреформски и неуставни, наместо да ги подобрат, ќе ги влошат состојбите во образованието“, соопшти Професорскиот пленум, нагласувајќи дека останува на ставот и јавниот повик до претседателот да не го потпишува указот за прогласување на Законот за високо образование, односно да го искористи правото на суспензивно вето.
Без индиции за потегот
На претседателско вето се надеваат и во Студентскиот пленум, но од средбата кај претседателот не добиле индиции дали кај него има расположение за таков потег. Константин Битраков, кој како претставник на Студентскиот пленум присуствуваше на средбата кај претседателот, вели дека на Иванов му предочиле дека се автономно и автентично студентско движење, кое не заслужува да биде девалвирано.
„Ги претставивме сите аргументи поради кои се противиме на мерката државен испит. Посочивме дека со ваквата мерка се нарушува уставно-загарантираната автономија, дека предлог-законот содржи низа нелогичности од номотехнички карактер, како и за апсурдноста на мерката студентите да полагаат на низа предмети (на пример, 18 на Правниот факултет по втората година, во 180 минути). Станува збор за мерка која е, во своите корени, погрешна. Претседателот ги ислуша нашите аргументи, меѓутоа, не добивме конкретна индиција дали ќе биде искористено (суспензивното) вето или ќе биде потпишан указот за прогласување на идниот закон“, објаснува Битраков.
Дел од професорите се изненадени од најавата на Иванов дека во однос на законот ќе постапел како претседател, а не како професор.
„Тој секако ќе одлучува како државник, но тоа не исклучува дека е професор, ниту пак професорското е во спротивност со државничкото. Зарем професорскиот статус произведува нешто што не е во согласност со интересите на државата?“, прашуваат негови довчерашни колеги. Тие се сомневаат дека ваквата најава е само подготовка на јавноста за потврдување на одлуката којашто ќе биде донесена од владејчкото мнозинство во Собранието.
Нема да употреби вето!
Таков исход прогнозира и Светомир Шкариќ, професор по Уставно право и поранешен советник на Иванов. Тој смета дека претседателот нема да го употреби правото на вето за овие законски измени, бидејќи уште во програмата за првиот мандат соопштил дека нема да употребува вето.
„Иванов е во многу тешка положба - од една страна претседател, од друга - искусен професор кој е свесен дека со овие измени се повредува автономијата на универзитетот гарантирана со Уставот. Тој многу добро знае што значи таа автономија. Бил асистент, професор, продекан на Правниот факултет, учествуваше во примената на Болоњскиот процес. Знае што значи да се креира наставен план и програма и тоа да се применува во практика. Знае дека тоа е работа само на професорите, а не на интервенција од државен орган. Знае дека државата е неподобна да се плетка во креирање наставни програми, во испитна литература, а најмалку да спроведе испитен процес поврзан со знаење. Тоа е исклучиво сфера на професорите“, потенцира Шкариќ.
Тој во неколку наврати го советувал претседателот да го искористи правото на вето и за други неуставни законски проекти, но Иванов не го сторил тоа.
„Се донесоа повеќе неуставни закони, а тој се држеше настрана. Веројатно неупотребата на вето, бил условот за неговата кандидатура, па сега со задоволство го враќа долгот. Со тоа само си става уште поцврсти окови, односно влегува во доброволно ропство. А токму професорскиот статус беше она со што тој со години се гордееше. И немаше да биде кандидиран за претседател ако не беше професор, бидејќи на ВМРО-ДПМНЕ тогаш и требаше кандидат со професорски бекграунд. Но, еве сега дојде време и студентите него да го тестираат - да видат дали и каков професор имале“, констатира Шкариќ.
Притоа се надева дека нема да успее обидот да се урне автономијата. Но, ако тоа се случи, „нема да остане ни камче од најсилната тврдина, бидејќи ќе биде уништено се, а најмногу-знаењето“.