1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Професорско дуо-трио

6 април 2019

Клучната работа за тројцата професори и за оние што застанаа зад нив е дека мора јасно да се произнесат дека се тоа партиски кандидати за претседателските избори. Колумна на Љупчо Поповски.

Symbolbild Mazedonien Mazedonische Flagge QUER
Фотографија: MIA

По првите неколку дена од кампањата и дебатата на тројцата претседателски кандидати на Телма нема некаков голем оптимизам дека битката за тоа кој ќе биде новиот жител на резиденцијата на Водно би можела да се трансформира во вистински политички натпревар од кој, наводно, ќе зависат многу идни работи во Македонија. Наместо да биде политичка дебата за највисоката политичка функција во државата, расправата на Телма повеќе се сведе на правни надмудрувања што би можело да се направи или да не се направи со Преспанскиот договор, какви механизми би можеле да се придвижат, кои познати светски професори расправале за демосот и државата и слични теоретски сновиденија. Во некое студио, каде што се води стручна расправа за правни аспекти на одредени случаи (на пример, ако тоа го организира специјализираниот сајт за правни прашања „Академик“), овие докажувања кој знае повеќе од струката, можеби би имале смисла. Вака, дебатата излезе од концептот на политичката борба и визиите каква би можела да биде улогата на шефот на државата во постпреспанска Македонија.

Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Во таков амбиент професорката Гордана Силјановска-Давкова, претставувајќи се самата себеси како врвен правен авторитет, се обиде да создаде перцепција дека е за скала повисоко од нејзините двајца ривали. И ако се земат како впечаток некои флешови од нејзиното излагање наменето за студенти, би можело да се каже дека таа успеа да ја сврти расправата на она поле каде што е најподготвена. Двајцата ривали, како своевидни џентлмени, се обидуваа што е можно повеќе да се држат на пристојна дистанца да не би случајно некој да добие впечаток дека ја ставаат во непријатна ситуација жената која би можело да изгледа ранливо. Тоа беше, се чини, главниот хендикеп на Стево Пендаровски и Блерим Река уште од првата минута на дебатата па се’ до крајот. Се разбира, тоа би можело да биде претставено како сериозен проблем за нив, бидејќи острите напади од многумина може да бидат протолкувани како непристојна агресивност. Но овие избори не се трка за некаква академска функција, туку ова е сериозна политичка игра во која сите натпреварувачи треба да бидат подготвени да зададат или да примат удари.

Други колумни од авторот: 

Со мала помош на Петар Богојески

Нирнберг и ненаучените лекции

Правничка дебата

Стево Пендаровски се обиде да ја префрли играта онаму каде што се води таа – на политичкиот терен. Неколку пати му успеа, неколку пати се повлече, внимавајќи да не помине некоја граница која се’ уште не знае каде е поставена. Тој сега покажа далеку поголема умешност од дебатата пред пет години со Ѓорге Иванов, но изненадувачки за него, како човек со брзи мисли и брзи реакции, реши да премолчи одредени ситуации каде што можеше да поентира. Блерим Река со красноречивост се обиде да биде некаков медијатор меѓу двајцата клучни кандидати. Новинарскиот свет го знае него од времето кога беше амбасадор во ЕУ, а и подоцна, кога беше добар соговорник за многу европски теми, но јавноста сега во него виде еден одмерен професор, кој избегнуваше да зборува за национални теми, обидувајќи се да го прошири дофатот на неговите идеи надвор од албанскиот избирачки кампус. Во основа, Река повеќе се согласуваше со ставовите на Пендаровски, но и тој не успеа да излезе од правната замка.

Сепак, и од оваа салонска правничка дебата неколку работи станаа појасни и веројатно некои од нив ќе бидат употребени во наредните денови од кампањата. Прво, Стево Пендаровски беше прецизен да каже дека тој бил одреден дел од замаецот што го поттикна решавањето на спорот за името и дека не се срами од тоа. Затоа што придвижувањето на замаецот отвори нови перспективи за Македонија. Некому може не му се допаѓаше тоа признание и повеќе би преферирал политичка криенка, но Пендаровски ја одигра вистинската улога во којашто верува. На најголемиот дел од електоратот, кој не ги следи извештаите од митинзите и средбите со граѓаните, по оваа дебата му стана јасно дека Пендаровски има цврст став околу неопходноста и корисноста на Преспанскиот договор и дека целосно верува во него. Тоа е важна работа за еден политичар – јавноста да има вистинска претстава за што се залага. Можеби тоа некому не му се допаѓа, а некој го оправдува, но сите отприлика знаат дека тој ќе се бори за таквата политика која ја изнесува.

Пендаровски ја одигра вистинската улога во којашто веруваФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Откако ги постави своите постулати, не како функционер од власта, туку како претседателски кандидат, сега ќе може полесно да се движи и меѓу оние што му веруваат и меѓу оние што се сомничави кон неговото наводно „предавство на националните интереси". Неговата забелешка дека ова не е академска расправа на правници, туку натпревар во високата политика, покажа дека тој знае за што станува збор. Илузорно е да се мисли дека научниците ќе и’ го донесат неопходниот филозофски разум на политиката. Тие можат само да и’ дадат поширок филозофски контекст, кој може да биде функционален само до одредена мерка. Затоа што би било бесмислено постоењето на партиите, на нивните идеолошки програми, на нивните концепти за иднината, а пратениците, на пример, тогаш би требало да се бираат од научните совети на факултетите.

Гордана Силјановска-Давкова, на нејзина штета, пренесе дел од онаа од многумина подзаборавена ароганција од првата влада на Бранко Црвенковски чиј член беше. Третирањето на двајцата колеги-ривали како некаков вид демонстратори на факултет таа успеа да ги задоволи суетите на нејзините поддржувачи, но прашање е колку е големо полето кон кое се прошири. Таа се обиде да се претстави како и амблемот на нејзината кампања со неодолива реминисценција на легендарната слика на Ежен Делакроа „Слободата го води народот". Само што наместо со десната рака да држи знаме, таа ја држи вагата на правдата и што наместо младата жена на Делакроа, чиј сон е слободата, братството и еднаквоста, амблемот на Силјановска-Давкова порачува дека „татковината повикува“ (па уште со згрешено знаме со десет црвени и жолти зраци, наместо осум). Тоа стеснување на повикот Силјановска-Давкова го презентираше и во дебатата. Нејзиното пледоаје беше свртено целосно кон етничките Македонци, а другите граѓани беа сместени во графата задолжително присутни.

Но нејзиниот став дека ќе го применува Преспанскиот договор е важен чекор со кој таа се обиде да излезе од вмровскиот табор, иако појасни дека лично ќе го избегнувала името Северна Македонија секогаш кога ќе можела. На професорката и’ е јасно дека мора да се изјасни што е можно побрзо за клучното прашање за кое лидерот на партијата што ја кандидираше молчи ли молчи. Тоа нејзино изјаснување може да предизвика гнев кај некои од тврдокорните националисти, па дури и да ги зацврсти во нивната намера за бојкот на изборите, но Гордана Силјановска-Давкова, во основа, нема избор. Ако се претставува како легалист, тогаш доколку стане претседател мора да даде заклетва пред Уставот на Република Северна Македонија. Ова прецизирање на ставот е некој вид олеснување на товарот за неа.

Силјановска-Давкова со делумно контрадикторни ставовиФотографија: DW/P. Stojanovski

Мицкоски може, Заев не може

Но некои од другите нејзини ставови се контрадикторни. На пример, тврдењето дека премиерот, кој во исто време е и претседател на СДСМ, не би смеело да оди на митинзите со Стево Пендаровски (поради тоа што имал државна функција), додека тоа му било апсолутно дозволено на лидерот на опозицијата. Значи, Пендаровски во оваа важна политичка битка треба да биде оставен како сираче со неговиот изборен штаб и покрај триесетината партии што застанаа зад него, додека нејзе природно и’ следува целокупната вмровска инфраструкура заедно со Христијан Мицкоски.

Или да се обиде да направи голема дистинкција од партијата што ја номинираше, иако Мицкоски е речиси цело време со неа, па дури ја однесе и на запознавање во Брисел. Доколку не беше партијата таа немаше шанси да влезе ни како гостин на важниот состанок на Европската народна партија кога се решаваше за судбината на Виктор Орбан. Но, како и Мицкоски, и таа избегнува да се изјасни за судбината на Специјалното јавно обвинителство или за бегството на Никола Груевски. Па дури и се навредува кога ја прашуваат за тоа. Нејзината изјава: „Јас не можам да преземем одговорност за партијата што отворила врата за мојата кандидатура. Таа ќе си одговара. Апсолутно. Ниту моите гревови се нејзини, ниту нејзините се мои" – може повеќе да и’ одмогне отколку да и помогне. Ваквото дистанцирање од лидерството на партијата, чиј опстанок зависи од нејзиниот успех, е благо речено неблагодарно. Тоа може да оддлечи од неа многумина кои се крстеа дека партијата го нашла вистинскиот избор за претседателската трка. Многу е јасно дека доколку Силјановска-Давкова изгуби, таа ќе си продолжи на факултетот, но ќе дојдат комплицирани денови за Мицкоски, кој треба да објаснува зошто застанал зад канидатката која така надмено се дистанцира од последиците на нејзиниот можен неуспех.

Новинарскиот свет го знае Река од времето кога беше амбасадор во ЕУ и како добар соговорник за многу европски теми (фото: Река на економска конференција во Скопје, 02.12.2013)Фотографија: DW/F. Musliu

Учеството на Блерим Река во овие избори е извонредно корисно за целото општество. Тој во дебатата успеа да скрши еден дел од предрасудите на Македонците, кои во албанските политички протагонисти гледаат само борци за нивните етнички права. Тој се претстави како разумен професор кој сака да биде одмерен политичар. Неговата поддршка за Преспанскиот договор и објаснувањето дека болниот компромис еден ден мораше да биде направен и толкувањето на политичките односи во Европа, како и силната поддршка за СЈО, веројатно е најдобрата експликација на еден политичар од албанскиот кампус за тоа какви се потребите на сите граѓани во општеството. Доколку неговата нарација во следните денови на кампањата стане и малку повеќе политички изострена, Блерим Река може да се надева и на солиден квантум гласови надвор од албанските средини.

Клучната работа за тројцата професори и за оние што застанаа зад нив е дека мора јасно да се произнесат дека тоа се партиски канидати. Илузијата што некои сакаат да ја шират – дека тие се натпартиски или непартиски кандидати - е само празна илузија. Граѓаните не се наивни и тие нема да поверуваат во ниту еден грам во илузијата што им се наметнува. Нема натпартиски, има само независни канидати. Нека прочитаат некој текст за словачката адвокатка, борец за човекови права, Зузана Чапутова, која стана хеорина во нејзината земја победувајќи на претседателските избори минатата недела како вистински независен кандидат во борба против владината машинерија и со либерална агенда во едно популистичко конзервативно општество. Тогаш ќе станат бесмислени објаснувањата за „отворената партиска врата за мојата кандидатура". А и чесноста ќе добие поголема цена. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми