1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Професор Људмил Спасов: Нема откажување од дијалектите

БГ
19 јули 2022

По бројните реакции во јавноста околу унилатералната декларација на македонската влада за јазикот, професорот Људмил Спасов објаснува зошто во неа нема ништо спорно.

Првите луѓе на македонската влада на првата меѓувладина конференција во БриселФотографија: Government of North Macedonia

Унилатералната декларација на македонската влада во врска со македонскиот јазик која е поднесена до ЕУ го дефинира стандардниот литературен македонски јазик и во неа нема ништо спорно, вели за ДВ професорот на Филолошкиот факултет и претседател на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов. 

Откако беше објавена декларацијата, во јавноста се појавија реакции и коментари во кои се тврдеше дека со неа се негира дека македонскиот јазик има дијалекти кои се зборуваат надвор од територијата на Северна Македонија. 

„Овде се работи за стандардниот литературен јазик во македонската декларација. Тој јазик уште од времето на Мисирков, потоа Конески и потоа Комисијата за јазик и правопис е стандардизиран врз основа на следните говори: Битола, Велес, Прилеп и Кичево. Тој јазик се темели на нив“, вели професорот Спасов. 

Во документот кој го испрати македонската влада до ЕУ се наведува следното: 

„Литературниот македонски јазик е кодифициран во 1945 година. Согласно сознанијата утврдени со акти, широко прифатените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика и лингвистичката наука, македонскиот јазик има свој јазичен, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија. Македонскиот јазик се определува како словенски јазик, кој се наоѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ." 

Професор Људмил СпасовФотографија: M. Jovanoski

Јазикот на Мисирков

Според професорот Спасов ваквата дефиниција е на линија со граматиката на Конески од 1952 година, со која што се стандардизира јазикот, како и на Правописот издаден во 1945 година.

„Целата активност која се развива во втората половина на 19 век, преку Цепенков, Шапкарев и други се заснова врз западното наречје. Мисирков е исклучително јасен кога вели: Македонците од западна, северна, источна и јужна Македонија кога ќе си ги подадат рацете тие ќе се вкрстат околу Битола и Прилеп. Ние во декларацијата зборуваме за стандарден јазик, оној што е официјален и на кој што се пишуваат сите документи не само внатре во земјата, туку и надвор." 

Професорот Спасов вели дека треба да се прави разлика меѓу стандардизиран литературен јазик и македонско јазично подрачје. Второто, вели тој, „се простира и надвор од границите на Северна Македонија и тоа се докажува со научни историски социолошки и други факти."

Во критиките на ваквата дефиниција, според Спасов, „нема само добронамерни забелешки туку и  спротивставување на нашата интеграција на ЕУ."

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми