1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проширувањето на ЕУ во ќорсокак

Бернд Ригерт
9 декември 2020

Блокадите се во тренд во ЕУ. По дебаклот за заедничкиот буџет, сега Бугарија го потврди своето вето против пристапните преговори со Северна Македонија. Повторен обид ќе има во 2021. Разочарување во Берлин.

Hissen der EU-Flagge am Europa Tag in Nordmazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Не стасавме дотаму, каде што одамна требаше“, призна германскиот министер за Европа, Михаел Рот, во Берлин. Рот, кој претседаваше со видео-конференцијата на европските министри, разочарано потврди дека ЕУ уште еднаш не можела да се согласи да ги започне пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Бугарија е единствената од 27-те земји членки во ЕУ, која го блокира отворањето на таканаречена меѓувладина конференција за официјален почеток на преговорите. „Тоа е силен удар“, рече државниот министер Рот. Ова важи како за земјите кандидати, така и за германското претседателство со Советот на  ЕУ, кое завршува на крајот на годината. Според Рот, канцеларката Ангела Меркел лично се заложила кај Бугарите за Северна Македонија. Без успех. Рот изјави дека е многу разочаран.

Михаел РотФотографија: Markus Schreiber/AFP/Getty Images

Приговор од Софија

Бугарското „не“ фрла сомнеж врз ветувањата на ЕУ, додаде државниот министер. Уште една блокада би била опасна и за стабилноста и безбедноста во целиот регион. Во март 2020 година, сите држави на ЕУ, вклучително и Бугарија, се изјаснија за почеток на пристапните преговори со земјите кандидати Северна Македонија и Албанија. Тие не сакаа да го одредат единствено уште датумот.

Повеќе:

-Рот: Нема потреба од план „Б“, ЕУ и Германија остануваат со вас

-Бугарија се' уште не е подготвена за Европската унија

-Пендаровски: Јуначењето кон С. Македонија му го дигна рејтингот на Борисов

Во летото, Бугарија одеднаш побара Северна Македонија да признае дека македонскиот јазик е всушност бугарски дијалект. Северна Македонија го отфрла ова одрекување од националниот идентитет. Тензиите меѓу Северна Македонија и Бугарија се тешко разбирливи за другите држави на ЕУ, велат дипломати на ЕУ во Брисел, бидејќи двете земји од 2017 година ги поврзува договор за пријателство.

Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Германскиот министер Михаел Рот уште еднаш посочи дека Северна Македонија вложила големи напори и се променила во текот на досегашниот пристапен процес. Дури и државното име беше сменето од Македонија во Северна Македонија со цел да се реши повеќедеценискиот спор со Грција за прашањата на националниот идентитет. Северна Македонија е кандидат за членство од 2005 година.

Скопје не треба да се откажува

Потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчович, кој од Брисел учествуваше на видео-конференцијата, ги повика С. Македонија и Албанија да не се разочаруваат. „Не станува збор за тоа дали ќе се водат пристапни преговори, туку само кога ќе започнат“, рече Шефчович.

Михаел Рот исто така ја повика владата во Скопје да не се обесхрабрува. „Станува збор само за една земја што е во опозиција“. Напредок ќе биде постигнат следната година под португалското претседателство со ЕУ.

Но, дали е навистина само една земја? Дипломати на ЕУ од преговорите известуваат дека Холандија сè уште има задршки околу започнувањето на пристапни преговори со Албанија. „Тие во моментов јавно не говорат за тоа, туку претпочитаат да се затскриваат зад Бугарија“, вели еден дипломат. Во ноември, Холандија побара Албанија да спроведе реформи на правната држава, иако Европската комисија  потврди дека Албанија и Македонија се „зрели за членство“.

Земјите од Западен Балкан- кандидати за членство во ЕУ

Кај земјите од Западен Балкан, пак, кои веќе преговараат, малку се случи за време на германското претседателство со ЕУ. Србија, на пример, не беше во можност повторно да отвори ниту едно од 35-те поглавја за преговори.

„Напредокот во преговорите не зависи од нас, туку главно од земјите кандидати“, рече државниот министер Михаел Рот. Напредокот на Србија во реформата на владеењето на правото, слободните медиуми и решавањето на регионалните конфликти е незадоволителен.

Полска и Унгарија го блокираат буџетот

Блокадите и ветото му го отежнуваат животот на германското претседателство со Советот на ЕУ и кај уште една тема. Преговорите за повеќегодишниот буџет на ЕУ, фондот за помош во корона-кризата и механизмот за проверка на владеењето на правото, исто така се безуспешни и на само два дена пред одлучувачкиот самит на ЕУ.

Повеќе:

-Унгарско вето за буџетот на ЕУ: Орбан сам дома

-Оправдано ли е ветото на Полска и Унгарија за буџетот на ЕУ? 

Фотографија: Pawel Supernak/PAP/dpa/picture alliance

Унгарија и Полска блокираат договор, бидејќи сметаат дека е неразумно да се преиспитува нивната правна држава. Рокот за договор, првично утврден за вторник, помина без резултат.

Германскиот државен министер Михаел Рот уверува дека и натаму се работи на тоа „зад сцената“. „Немаше нешто за што не направивме обиди. Јасно е, меѓутоа, дека текстот на механизмот за владеењето на правото и целиот буџетски пакет повеќе не можат да се менуваат“.

Во меѓувреме, Европската комисија разгледува план Б: Доколку биде блокирана буџетската рамка, 25 земји на ЕУ без Полска и Унгарија би можеле да создадат фонд за помош во корона-кризата за да инвестираат 750 милијарди евра во обнова на економијата во следните неколку години.

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми