1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Франција му помага на ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт“

БГ
31 октомври 2019

Одлуката на Париз да го блокира проширувањето на ЕУ во Северна Македонија ги враќа на власт корумпираните структури, пишува австрискиот Стандард. Дали членството во ЕНП е главен критериум за напредок кон ЕУ?

Brüssel EU Gipfel Tisch
Фотографија: Imago Images/Zuma

Проширувањето на ЕУ е мртво, а Франција индиректно и помага на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт, констатира австрискиот Стандард во коментарот кој се занимава со последиците од неуспехот на Европскиот совет да одобри почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.
Весникот излегува со теза дека основен критериум за одлучување на ЕУ во моментов е членството во Европската народна партија, па оттука тврди дека Северна Македонија и Албанија извисиле на самитот во Брисел поради тоа што имаат социјалдемократски влади.
Наместо реформите, се наградува само блискоста до Европската народна партија, констатира Стандард во коментарот кој го потпишува Аделхајд Велфл.
„Кусо пред почетокот на мандатот на новата Европската комисија, ЕУ си ја одзеде најважната и досега најефективната надворешно политичка алатка: веродостојна перспектива за аспирантите за ЕУ во замена за трансформација во насока на пазарна економија и отворено општество“.
Коментаторот прифаќа дека стратегијата за проширување на ЕУ треба да се подобри, наведувајќи го примерот на Србија и Црна Гора чии преговори се замрзнати, со што ќе им се излезе во пресрет на барањата на Франција.
„Со исклучок на Северна Македонија и делумно во Албанија, Брисел не успеа да ги адресира централните проблеми: непотизмот и корупцијата во судството.
(...) Но токму поради тоа Северна Македонија мораше да биде наградена, затоа што спроведе непопуларни мерки, со многу мака и труд го воведе новото име, се помири со соседите, а се бори и против корупцијата и национализмот.
Но француската влада ги уништи напорите на Европската комисија да се продолжи по тој пат, со една комбинација од игнорантство и незнаење. А со тоа Франција индиректно ја поддржува актуелната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која со години го привлекуваше вниманието со корупција, злоупотреба на власта и авторитарен стил на владеење."
„Сега повторно можат да се вратат старите корумпирани структури. Национал-конзервативната ВМРО има и уште една предност: Таа е дел од семејството на Европската народна партија. Оваа блискост до моќната конзервативна фракција во Европскиот парламент очигледно е централниот критериум за одлучување.
На Србија, каде на власт е партија блиска до ЕНП, и се премолчуваат газењето на медиумските слободи и принципите на демократијата иа правната држава. Владите во Северна Македонија и Албанија, од друга страна, во Брисел наоѓаат помалку разбирање, затоа што се предводени од партии кои му припаѓаат на прогресивниот блок, кои не и припаѓаат на групацијата на конзервативците", коментира Стандард

Романија казнета, Бугарија- не
Авторката наведува уште два примери во таа насока: односот на ЕУ кон Романија и Бугарија, и најавата за влез на Хрватска во Шенген просторот.
„Оваа чисто партиско-политичка калкулација, која нема врска со реалноста, е особено бесмислена кога ќе се земе предвид одлуката на ЕК да му стави крај на механизмот за контрола и надзор за Бугарија, но не и за Романија. Романија уште од 2007 година изврши бројни реформи во делот на владеењето на правото и влезе во жестока борба против корупцијата, додека Бугарија е далеку зад неа. Социјалдемократите во Букурешт во изминативе години поништија дел од напредокот, но и покрај романската правна држава е далеку поразвиена од бугарската. Но бугарската влада и припаѓа на ЕНП, а оваа во Романија, не“.
„И препораката, Хрватска наскоро да може да стане дел од Шенген просторот има повеќе врска со политичката припадност на владата, одошто со поведението на полицијата на терен: треба само да се погледнат бројните извештаи за брутално насилство на хрватските службеници врз мигрантите.
ЕУ не само што се ослободи од единствениот инструмент во своето непосредно соседство, туку се оддалечи и од своите принципи и од својата доследност. Затоа не треба да изненадува кога илибералното крило во источна и југоисточна Европа ќе продолжи да зајакнува“, заклучува Стандард.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми