1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проширувањето нема да биде главна тема на самитот на НАТО

БГ/миа9 мај 2014

Американскиот Стејт департмент соопшти дека проширувањето на Алијансата нема да биде во прв план на самитот во Британија. Останува поддршката за сите земји кои аспирираат кон членство

Фотографија: AP

Проширувањето на НАТО нема да биде една од главните теми на самитот на Пактот во Велика Британија, но Алијансата ќе остане отворена за земјите кои се заинтересирани да и се приклучат и САД ќе продолжат да ги поддржуваат на тој пат, изјави портпаролката на Стејт департментот Мари Харф.

- Во врска со НАТО, Алијансата останува отворена за сите европски демократии кои сакаат да се приклучат, кои ги унапредуваат принципите на НАТО и придонесуваат кон стабилноста и сигурноста на северноатланската област. Продолжуваме да ги имаме овие разговори. Проширувањето нема да биде една од главните теми на самитот во 2014 година, но тоа е прашање на кое треба да бидеме фокусирани, изјави Харф на новинарското прашање за тоа што може да се очекува на самитот кој ќе се одржи во Велика Британија во септември.

Македонија и Црна Гора се надеваат на покана за членство на самитот, додека повеќе земји, како Босна и Херцеговина и Грузија, очекуваат отворање на процесот МАП.

Харф воедно рече дека САД не загубиле интерес во балканскиот регион.

- Повеќе од 20 години нашиот ангажман во регионот е воден од желбата да ги одржиме аспирациите на земјите од Западен Балкан да се интегрираат во евроатланските институции. Претседателот нема да го посети регионот при европската турнеја, но овие прашања остануваат и тие се најдобар начин да се обезбеди долгорочно просперитетот, изјави Харф.

Од друга страна, помошникот државен секретар за Европа Викторија Нуланд, која е и поранешен американски амбасадор во НАТО, зборувајќи конкретно за Грузија предупреди дека не е сигурно дека сите членки на НАТО ќе го поддржат проширувањето на септемврискиот самит.

- Ние долго време сметаме дека Грузија ги исполнила сите потребни критериуми за да го почне процесот МАП, но потребно да ги имаме сите 28 гласови во Алијансата за тоа да се случи, изјави Нуланд, која вчера сведочеше во Претставничкиот дом на САД, на прашање на конгресменот Адам Кинсинџер, кој од Нуланд побара да се заложи за проширувањето на НАТО.

Грузија смета дека е една од најзагрозените земји по почетокот на кризата во Украина и нејзиниот државен врв бара од САД поддршка да го почне патот кон НАТО. Во своите забелешки, Нуланд предупреди и дека на Балканот доаѓа до ширење на влијанието на Русија и дека САД мораат да се спротивстават на тоа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми