1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проширување на ЕУ - дали сега сѐ ќе оди побрзо?

Бернд Ригерт
9 март 2022

Украина, Грузија и Молдавија сакаат што побрзо да влезат во Европската Унија. Дали војната на Русија во Украина го чини веројатно нивното можно приклучување? На самитот на ЕУ ќе се дискутира на оваа тема.

Ukraine Präsident Selenskyj unterzeichnet  Antrag auf Mitgliedschaft  in EU
Фотографија: Office of the President of Ukraine

Сложените процедури за пристапување кон Европската Унија обично траат со години или дури и со децении. За Украина, Грузија и Молдавија, кои неодамна официјално побараа прием, процесот мора да се забрза, барем кога станува збор за првите чекори.

По рускиот напад врз Украина,  претседателот Володимир Зеленски  побара итна процедура за прием на Украина во ЕУ. Таква забрзана постапка не е предвидена со договорите на ЕУ. Претседателката на Европската комисија, Урслула фон дер Лајен истакнува дека Украина, Грузија и Молдавија мора да исполнат одредени услови во поглед на политичка стабилност, владеење на право и економска способност.

Од аспект на ЕК, пристап во овој момент не е можен. „Во ЕУ не може да се влезе без исполнување на критериуми. Сите ги потпишавме договорите  и постојат предуслови кои мора да се исполнат“, изјави Фон дер Лајен во интервју за Дојчландфунк.

Веднаш кандидат?

Меѓутоа, брзо по рускиот напад врз Украина, полскиот претседател Анджеј Дуда се изјасни за забрзана процедура.

„Полска поддржува брз пат на Украина за членство во ЕУ. Треба веднаш да се додели статус на кандидат и веднаш потоа да почнат пристапни преговори. Украина исто така треба да има пристап кон Фондот на ЕУ за опоравок“, побара Дуда. Некои источноевропски членки ја поддржуваат забрзаната процедура.

Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен не остава сомнеж дека Украина припаѓа кон ЕУ, само како и кога – останува отворено. „Нема сомнеж дека храбриот народ на Украина е дел од нашето европско семејство. Тие ги бранат нашите вредности“, изјави таа. 

Сега 27-те членки на ЕУ се сложија да го прифатат барањето за членство од Украина, Грузија и Молдавија и да го проследат до Европската комисија на разгледување.

Претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел, кој ќе претседава со самитот на шефови на држави или влади на ЕУ во Париз утре и задутре (четврток и петок), вети дека самитот ќе дебатира за барањата на трите држави.

Може да потрае со години

Обично е потребо до 18 месеци за Комисијата на ЕУ да ги испита барањата за  членство.  Потоа, на подносителот на барањето (евентуално) му се доделува т.н. статус на кандидат. Тоа значи дека ЕУ е сериозна во врска со приемот на земјата. А додека преговорите за приклучување вистински да почнат, може да поминат години. Тоа зависи од реформските чекори во земјата кандидат и од политичката волја на државите на ЕУ. 

Четири земји од  Западен Балкан  и Турција се моментно земји-кандидати. Пристапните преговори со Турција се замрзнати од 2016. година поради автократската влада на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Со Србија и Црна Гора пристапните преговори се во тек.  Северна Македонија и Албанија чекаат на почеток на пристапните преговори.

Премиерите на Украина, Грузија и Молдавија во БриселФотографија: Iurii Sheiko/DW

Босна и Херцеговина  и Косово уште не се кандидати. БиХ во 2016. година предаде барање за членство, а Косово во декември 2021. година најави дека наскоро ќе поднесе своја апликација, иако 5 членки на ЕУ не го признаваат како држава.

ЕУ е поврзана со Украина,  Грузија и Молдавија  со „спогодби за придружување“, кои имаат цел да ги приближат државите до стандардите на ЕУ. Не постои гаранција дка од тоа ќе произлезе статус на кандидат и пристапни преговори.

Тие три држави, како и Ерменија, Азербејџан и Белорусија (моментно суспендирана) се поврзани со ЕУ преку „соседска политика“. Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен истакнува дека односите со нив не почнуваат од нула. „Ова е процес кој е веќе почнат и сега се движи со полна брзина.“

Одлучуваат државите-членки на ЕУ

Во резолуцијата од минатата недела, Европскиот парламент гласаше за тоа да се работи на давање кандидатски статус на Украина. Процесот би требало да се ориентира кон спогодбите на ЕУ. Истовремено, треба натамошно да се промовира интеграцијата на Украина во единствениот европски пазар. Во резолуцијата на ЕП не се споменува забрзана процедура.

Инфографика за аспирантите за влез во ЕУ од Западен Балкан на германски јазик

Процедурата на пристапување исто така во голема мерка зависи од политичката волја на 27 држави-членки.

Бугарија моментно ги блокира пристапните преговори со Северна Македонија поради спорот околу јазикот и историјата на земјата.

Холандија и Франција имаат резерви кон преговорите со Албанија, зашто организираниот криминал и корупцијата таму се премногу раширени.

Претседателката на Молдавија Маја Санду, при потпишувањето на апликацијата за членство изјави: „Би требало да живееме во мир и слобода и да бидеме дел од слободниот свет. За некои одлуки е потребно време, некои други мора да се донесат брзо и одлучно. Мора да се исцрпат можностите кои се нудат во светот кој се менува.“ 

Ако поради напади или закани од Москва кон Украина, Грузија и Молдавија сега се прескокнат одредени чекори во процесот на приклучување, кандидатите од  Западен Балкан,  кои со години чекаат напредок во процесот на пристапување, би можеле да се чувствуваат како неправедно третирани.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми