Со вчерашниот маневар, ВМРО-ДПМНЕ си обезбеди гаранции дека до распуштањето на парламентот единственото нешто за коешто ќе се расправа во Собранието е буџетот за 2017 година, но не и законските измени за СЈО.
Реклама
Утрешната посета на еврокомесарот Јоханес Хан ќе расчисти голем дел од дилемите, а партиите ќе излезат на бришан простор по прашањето - ќе има ли избори на 11-ти декември? Ова и натаму е клучното прашање во Македонија, иако јавноста сѐ помалку добива јасни одговори дали партиите навистина сакаат да има избори или не. Ваквата конфузија кулминираше вчера, кога владејачката ВМРО-ДПМНЕ ѝ фрли ракавица на опозицијата: „Го повикуваме СДСМ уште денес да достави барање до Собранието за негово распуштање“.
Опозицијата побара распуштање на парламентот, а ВМРО- ДПМНЕ се согласи со тоа, но под услов претходно да се изгласа буџетот за 2017 година. На крајот, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, точката за распуштање на парламентот ја стави на дневен ред на седницата на 17-ти октомври, веднаш по точката за усвојување на буџетот. Вељаноски е уверен дека на тој начин пратениците ќе остварат две суштински цели: да обезбедат непречено функционирање на системот со носење на најважниот акт - буџетот, и да ја испочитуваат преземената обврска за распуштање на Собранието. Според него, законските рокови дозволуваат тој чин да се направи на 17-ти октомври, за да може да се одржат изборите на договорениот датум, 11-ти декември.
Пи-ар ефект
Партиите уште пред неколку недели се согласија дека заради незавршени обврски во парламентот, не ќе биде можно тој да се распушти 60 дена пред изборите, односно на 12-ти октомври, па како краен рок го третираа 27-ми октомври, или 45 дена пред изборите, според можноста од скратени рокови кога се во прашање предвремени избори. Од тој аспект, не е јасно кому и зошто му беше потребен вчерашниот маневар?
„Мислам дека вчерашното препукување околу тоа кој прв да иницира распуштање на Собранието има повеќе пи-ар, отколку реален ефект“, вели политологот Ненад Марковиќ.
„Да сакаат пратениците од обете страни, ќе го сторат без особено проблематизирање. Иако постојат уставно предвидени рокови, не сметам дека е проблем да се најде доволно креативно толкување, со цел да се 'адаптираат' правилата на одредена политичка реалност. Тоа кај нас е редовна практика, па нема особено да бидам изненаден ако историјата уште еднаш се повтори. Но, од она што вчера го видовме како размена на 'прозивки', имам впечаток дека на ниту една од страните не им се излегува на избори. Тоа е веројатно поради фактот што најголемите македонски партии немаат што особено да добијат. ВМРО-ДПМНЕ од една страна веројатно по изборите ќе се збогува со комотното мнозинство, а СДСМ има малку време да ја надомести разликата во рејтингот, која не е веќе така голема, но сепак постои. Од таа причина и двете партии всушност и немаат некоја особена мотивација да излезат на избори, иако 'мачоистичкиот' јазик кој го употребуваат навидум дава впечаток дека се заинтересирани и подготвени“, оценува Марковиќ.
„Сметката“ по изборите
Во политичките кулоари вчера доминираше оценката дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го стесни просторот за евентуален притисок од еврокомесарот Јоханес Хан кој утре доаѓа во Скопје, во однос на едно, непосакувано прашање за нив: законските измени што ги бара СЈО. Практично, со вчерашниот маневар, владејачката партија си обезбеди гаранции дека до распуштањето на парламентот единственото нешто за кое што ќе се расправа во Собранието - е буџетот за 2017 година. СДСМ, пак, со цел да гарантира дека сака избори на 11-ти декември, бланко го прифаќа ваквото сценарио на власта. Од опозицијата објаснуваат дека законските измени што ги бара СЈО сега тешко ќе поминат во парламентот, со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ одбива да ги поддржи, па нема потреба од пролонирање на датумот за распуштање на Собранието. Тие законски измени очекуваат да ги изгласа новото парламентарно мнозинство, во кое со сигурност се гледаат себеси.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.-P. Strobel
14 фотографии1 | 14
Според Марковиќ, и да има избори, пржинскиот процес нема да заврши сѐ додека законските измени за СЈО и состојбите во судството не бидат соодветно решени.
„Јасно е дека пржинскиот процес е далеку од готов и дека ова трошење на времето на СЈО како политичка тактика веројатно ќе мора некако да се 'плати' по изборите, независно од исходот. Секако ќе мора да се адресира и прашањето на судството, кое по кој знае кој пат се покажа како комплетно некомпетентно и политички зависно. Меѓународната заедница со сигурност ќе се погрижи ова да биде така. А тоа значи и одредени законски измени и дополнувања (Закон за заштита на сведоци на пример). Се додека овие прашања не се адресираат во соодветна законска рамка, сметам дека процесот нема да заврши. Изборите се само нешто кое ќе се случи (но можеби не во декември) во меѓувреме.“
Да не се одложуваат изборите!
Според аналитичари, и постојаното одложување на изборите не дава гаранции дека подоцна целосно ќе се подобрат условите за одржување фер-избори. Поранешниот амбасадор, преговарач за името и советник за национална безбедност, Никола Димитров, се осврна на оваа дилема што често се спомнува во јавноста.
„Дали би ни помогнало ако имаме дополнителни две години? Дали тоа ќе помогне да имаме подобар изборен систем, подобро судство? Дали ќе имаме подобри гаранции дека нема да се злоупотребува државниот апарат, дека нема да се даваат поголеми пензии пред избори, дека нема да има притисоци врз државните службеници? Не сум убеден дека ќе биде подобро така“, смета Димитров.
Сега, дури и со минимум услови за фер-избори, од партиите се очекува конечно „да скокнат во ладна вода“ и да одат на избори на 11-ти декември. Според Бојан Маричиќ, извршен директор на Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) секоја партија што во овој момент ќе отстапи од одржувањето на изборите, практично ќе изгуби најмногу на рејтинг и на доверба од гласачите, бидејќи по двете одложувања во април и во јуни големи се очекувањата на граѓаните дека ќе има избори на 11-ти декемри.
„Мислам дека се очекува дека до крајов на годинава да имаме разрешница на политичката криза или барем почеток на таа разрешница“, смета Маричиќ.
Користењето на оваа содржина е дозволено единствено со согласност на редакцијата на ДВ. За условите за користење информирајте се тука.