Ставови во еврозоната - про и контра Грција
9 јули 2015ГЕРМАНИЈА: Сојузната влада притиска за долгорочни и ефикасни структурни реформи кај пензиите, даночниот систем и управата. Принципиелно таа смета дека е можен пакет за помош од фондот ЕСМ (Европски механизам за стабилност), но категорично одбива класично отпишување на дел од долговите.
ФРАНЦИЈА: Париз зборува за „солидарност и одговорност“, сака Грција да остане во еврозоната и покажува готовност и во однос на долговите, но бара јасни и конструктивни предлози.
ЛУКСЕМБУРГ: Шефот на владата Ксавиер Бетел не сака да се прекине дијалогот, но очекува предлози за натамошното постапување. Министерот за финансии Пјер Грамења не исклучува делумен отпис на долговите, но само за возврат за реформи и мерки за штедење.
КИПАР: Земјата стравува од можни последици врз неа од слом на Грција. Кипар ги советува Грците да тргнат по тешкиот пат на реформи и штедење, но од Никозија нема тешки зборови или критика.
ИТАЛИЈА: Владата има помалку стриктен став во однос на Грција, иако јасно се дистанцира од стратегијата на Ципрас. Премиерот Матео Ренци секогаш повторува дека Европа не може да се состои само од правила, но бара и реформи од Атина.
АВСТРИЈА: Црвено-црната коалиција смета дека Грција нема да ја напушти еврозоната. Министерот за финансии Ханс Јерг Шелинг се искажа против отпис на долговите.
СЛОВЕНИЈА: Оваа земја се приклучува кон тврдата линија предводена Германија. Љубљана аргументира дека во споредба со големинате, Словенија носи најголем товар од кредити и гаранции за Грција, иако делови на земјата се понеразвиени отколку партнерот-должник.
ХОЛАНДИЈА: Владата во принцип сака Грција да остане во еврозоната - но не по секоја цена. Таа ќе даде согласност за натамошна помош само ако Грците се подготвени на веродостојни реформи и далекусежни мерки за штедење.
БЕЛГИЈА: Со големо неразбирање и се’ поголема лутина Брисел гледа на однесувањето на Атина.Секој на масата сфати колку многу притиска времето, „секој освен грчката влада“, рече министерот за финансии Јохан Фан Овертфелт.
МАЛТА: Девете големи партии во островската земја се согласни дека Атина отиде предалеку. Премиерот Џозеф Мускат рече дека нема намера да протурка во парламентот нови кредити за Грција.
ШПАНИЈА: Шефот на владата Мариано Рахој ја повика Атина на преземе натамошни напори и рече: „Мора да се работи, за да се берат плодови“.
ПОРТУГАЛИЈА: Премиерот Педро Пасос Коелјо смета дека не треба да се заборави оти Европа веќе и’ даде многу пари на Грција и доветителите и институциите покажале кон неа „многу повеќе флексибилност“.
СЛОВАЧКА: Премиерот Роберт Фицо и министерот за финансии Петер Казимир речиси со идентични сборови нагласија дека не сакаат да прифатат никаков отпис на долговите на Грција. Словачка е една од најсиромашните земји во Еврозоната.
ИРСКА: Владата е против отпишување на долговите на Атина, која на Ирска и’ должи 350 милиони евра.
ЕСТОНИЈА, ЛЕТОНИЈА и ЛИТВАНИЈА: трите мали балтички држави следат јасна линија во грчката криза - без реформи нема помош од ЕУ. Владите на трите земји не исклучуваат грексит.
ФИНСКА: Со оглед на економската криза дома, Финска нема многу разбирање за курсот на грчката политика.
КОМИСИЈА на ЕУ: Европската „влада“ е подготвена за сите сценарија, па и за грексит. Претседателот на Комисијата Жан-Клод Јункер, меѓутоа, се искажа против излез на Грција од Еврозоната - но Грција мора за возврат да вети и да спроведе реформи.