1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Трајна заштита со вакцините на Бионтек/Фајзер и Модерна?

Александер Фројнд
3 јули 2021

Според американска студија, иРНК вакцините пружаат долготрајна заштита од коронавирус. Ревакцинацијата во тој случај првично би била непотребна, доколку мутациите не го променат вирусот суштински.

Themenbild,Symbolbild  Impfung gegen das Corona Virus
Фотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

Во поплавата на бројни застрашувачки информации, веста е позитивна: американските експерти дошле до индиции дека иРНК вакцините во човечкиот организам покренуваат трајна имунолошка реакција.

Според резултатите од една студија објавена во магазинот „Nature", иРНК вакцините како оние од Бионтек/Фајзер и Модерна, би можеле да пружат повеќегодишна заштита од САРС-КоВ-2. Ревакцинацијата, според резултатите на студијата, првично би била непотребна. Предуслов за тоа, се истакнува, би било структурата на коронавирусот да не се промени суштински како резултат на мутации.

Во рамки на студијата се испитувало само долгорочно дејство на иРНК вакцините, но не и на други одобрени векторски и други вакцини.

Долгорочно дејство на Б-клетките

Истражувачкиот тим, предводен од Али Елебеди од Универзитетот Вашингтон во Ст. Луис, го испитувал т.н. бацилен центар кој настанува по инфекција или вакцинирање во лимфните јазли.

Притоа решавачки се т.н. Б-лимфоцити или Б-клетки. Тие спаѓаат во бели крвни зрнца (леукоцити) и само тие можат да создадат плазма-клетки кои лачат антитела. Б-лимфоцитите и Т-лимфоцитите заедно го сочинуваат т.н. адаптивен имунолошки систем, кој може да се прилагоди на нови или променети патогени.

Ако Б-клетките се активираат преу овие на телото туѓи антигени, можат да се развијат во плазма или мемориски клетки кои произведуваат антитела. И што подолго тие Б-лимфоцити остануваат во телото, толку имунолошкиот систем може поуспешно да се бори со различни варијанти вирус.

Повеќе: 

Колку дози на вакцина се потребни за да нѐ заштити од Ковид-19?

Кога ќе заврши Ковид-пандемијата?

Студија: Колку полесна Ковид-инфекција, толку поограничен имунитет

„Научните студии покажуваат дека вакцинацијата на луѓе заснована на вакцините иРНК против САРС-КоВ-2 индуцира траен одговор на ГЦБ клетките кои овозможуваат создавање на робустен хуморален имунитет“, се истакнува во резимето на студијата. Дел од имунолошкиот одговор кој го посредуваат неклеточните компоненти на телесните течности се нарекува „хуморален имунолошки одговор.“

Студијата покажала колку имунолошкиот одговор станал робустен. Обично бацилните центри се посебно активни 14 дена по инфекција или вакцинација, но потоа активноста брзо опаѓа. Кај сите 14 учесници кои биле вакцинирани со иРНК вакцина, бацилниот центар и натаму бил активен дури и 15 недели по примената прва доза на вакцина и бројот на мемориски клетки едвај се намалил.

Трајни имунолошки клетки против коронавирус?

Уште во февруари научниците во рамките на една студија докажаа дека оние кои се опоравиле од инфекција со коронавирус, во коскената срж уште осум месеци по инфекцијата поседуваат имуни клетки против САРС-КоВ-2.

Оваа, како и други студии, дошла до сличен заклучок дека кај оние кои оздравеле од инфекција со коронавирус и до една година во организмот можат да задржат мемориски Б-лимфоцити. А ако тие кои се опоравиле се и вакцинирани, евентуално можат дури да се создадат трајни имунолошки клетки против САРС-КоВ-2.

Сличен долготраен ефект можел да настапи и кај лица вакцинирани со иРНК вакцини, истакнуваат научниците од тимот предводен од имунологот Али Елебеди од Универзитетот Вашингтон во Ст. Луис.

Ако САРС-КоВ-2 поради мутации со време не се промени во својата структура од темел, само лица со слаб имунолошки систем, ослабен поради примање лекови, би морале својот имунитет да го зајакнуваат со ревакцинација.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми