1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајрактаров: „Мозочната магла“ може да трае со месеци

ДТЗ
22 јули 2022

„Некои од пациентите две недели по прележувањето на Ковид се жалат дека не можат да станат од кревет, чувствуваат изнемоштеност и недостиг на енергија“, вели директорот на Универзитетската клиника за психијатрија.

Deutschland | Klinik für Long-Covid-Patienten
Фотографија: Sina Schuldt/dpa/picture alliance

Губење на волја, истоштеност, безволност, недостиг на енергија - ова се само дел од симптомите на кои што се жалат македонските граѓани кои прележале некоја од варијантите на коронавирус, коишто се присутни во земјата. „Некои од пациентите две недели по прележувањето на Ковидот се жалат дека не можат да станат од кревет, чувствуваат изнемоштеност и недостиг на енергија“, вели за ДВ директорот на Универзитетската клиника за психијатрија, Стојан Бајрактаров. 

Вакви случаи има често во текот на пандемијата, иако кај секој пациент симптомите се појавуваат во различно време, но и различен е периодот на нивното траење. Ваквата состојба, која се нарекува „мозочна магла“, сѐ уште не е доволно истражена, но она што е карактеристично за сите пациенти кои се жалат на долг Ковид е што и откако оздравеле од вирусот, кој во последниве месеци е со поблаги симптоми,подоцна се соочиле со дополнителни проблеми

Кои се симптомите?

Губењето интерес, успореноста, послабата ментална и физична ефикасност се дел од симптомите на коишто се жалат граѓаните кои велат дека по прележувањето на вирусот не можат да ја вратат кондицијата која што претходно ја имале, ниту пак можат со исто темпо да ги извршуваат обврските. 

Состојбата на намалена концентрација и послаба меморија во светски рамки се нарекува „мозочна магла“, бидејќи симптомите сè уште се нејасни и често нема дијагноза за оваа појава

„Може да трае со денови, но и со месеци по оздравувањето од Ковид. Нема лек за оваа состојба, едноставно треба да се остави телото да заздрави од последиците на вирусот“, вели психијатарот Бајрактаров. 

Тој, базирајќи се на своето искуство, вели дека симптомите најчесто се појавуваат две до три недели откако заразените ќе се изборат со вирусот, што резултира со истоштеност на телото, но и на умот, којшто постојано е бомбардиран со информации за вирусот и за последиците од него. „Стравовите се будат, но и вирусот остава последици врз здравјето. Пандемијата трае предолго и сето тоа придонесува за долгорочни последици од Ковидот, дури и кога пациентите сметаат дека оздравеле од него“, укажува психијатарот.

Состојбата на намалена концентрација и послаба меморија се нарекува „мозочна магла“, бидејќи симптомите сè уште се нејасни и често нема дијагноза за оваа појава. Фотографија: Colourbox

Има ли лек?

Многу од засегнатите имаат чувство дека веќе не функционираат како порано и дека имаат чести прекини на менталните активности. Покрај проблемите со концентрацијата, нарушувањата во пронаоѓањето зборови и заборавот, може да се појават и други симптоми како општа ментална исцрпеност. Овие симптоми не ги погодуваат само постарите лица.  Тие можат да ги погодат и младите луѓе, на пример по инфекцијата со коронавирус. Како резултат на тоа, овие нејасни симптоми во моментов сѐ повеќе се во фокус на истражувањата. 

Мозочната магла е тешко да се опише, дијагностицира и што е најважно да се лекува. Но, според светските медиуми, во тек се студии и истражувања околу можноста лекот BC 007 на берлинската старт-ап компанија „Berlin Cures“ за третман на тешки срцеви заболувања да помогне и во лекувањето на долгорочниот Ковид, а со тоа и на мозочната магла. 

Медицинските експерти ги советуваат оние кои страдаат од мозочна магла да бидат што е можно поактивни и свесни и да ги слушаат сигналите на своето тело. Здравата исхрана, вежбањето и добар сон се важни. Друга препорака е да се пиетмалку или воопшто да не се пие алкохол, бидејќи оваа супстанца може да влијае на функцијата на мозокот и способноста за размислување.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми